[форми морфи фиром мирфо ромфи]

10.03.2020 14:14

сѐ некој негде нешто треба да се состане
за некој да опстане некој негде нешто
да се потпише треба. да се докаже нешто.
за сѐ и сешто да се покаже
документ некаков, тапија некаква
некој да сликне, комисија да се викне.
да пренесе некој. да заокружи. да шушне.

хартија, мастило, печат. архивирај, сними. чкрап!
коктел, костуми, кравати. пијан крап. да ѕвечкаат
виљушки и кристални чаши. в пазуви змии,
здравици, насмевки во ракавици. напред наши,
уа ваши! граници со катанци, народни посланици
со умови сламарици, кокошарници, катраници.

сѐ само некакви норми,
форми, морфи, фиром, мирфо, ромфи.
формулари, прашалници, уплатници.
договори, преговори, посмртни говори.
венци од ловори. чкрап!
награди за гради китки розови.
загради, прегради, изгради стокатници,
загризи со песјак, џвакај со катници.
смеј се, смеј се, ќе вечераме. на маси некакви
тркалезни, лизни-мазни, триаголни, квадратни,
народни, прости. о, прости!
алене, опрости, алене. подголтни.
молкни. александар велики пости
идат со почести високи некакви гости
со страсти ниски и лепливи прсти
ветер и магла брстат зад врати
затворени, ама со срца ширум отворени
демек. меки демек ептен, екмек демек,
дваеспрви век е демек.
и бегот бег и агата
кристи. ем волкот сит
ем рацете чисти.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото