Студентките не се виновни

10.03.2020 16:43
Студентките не се виновни

Фотограффи: Ванчо Џамбаски

 Деновиве имав фин повод да ги поканам колешките од факултет да наздравиме и да си спомнеме за доживеалиците од, не баш дамнешните, студентски години. Со истата непријатност, под привидната леснотија на говорот, но за прв пат под малку поинаква светлина: некои студентски искуства излегоа од категориите „јавни тајни“ и урбани митови - сега се признати, докажани и повлекоа системски последици. И додека пријателката која ми ја пренесе информацијата за пресудата на тројцата професори од Економскиот факултет во Скопје ја исчекуваше мојата реакција, знаејќи дека се работи за мои поранешни професори, мојот прв одговор, за чудо, беше далеку од интензивен. Всушност, го почувствував она фино задоволство како кога нештата се движат според очекуваните шаблони - зарем е правдата ова чувство на нормалност?!

Овогодинешниот oсмомартовски марш започна со марш на студент(к)ите под слоганот „Студентките не се виновни“. Ова е исклучително значаен настан, бидејќи, за првпат, студентките, кои се посебна подгрупа на жени жртви на родовобазирано насилство и дискриминација – беа во фокусот на студентските движења и, воопшто, за нив се проговори отворено во јавноста. Потенцирајќи дека се работи за системски проблем тие побараа проблематизирање на начинот на кој се користат авторитетот и моќта во рамките на академската заедница. Сериозноста и итноста за уважувањето на овој проблем е засилена со објавувањето на пресудата изречена на професорите Бобек Шуклев, Драге Јанев и Славе Ристески и демонстраторот Драган Денковски. Тие се товарат за сторените кривични дела поткуп и примање награда за противзаконско влијание – но, сепак, НЕ и за сексуално вознемирување.

Секако дека се работи за колоритни ликови, а тројцата професори заедно се урнебесен тим. Ова се професори за чии бизнис-модели не се шпекулира од неодамна туку меѓугенерациски се споделува со години. Притоа, тука се истакнува една од клучните карактеристики на сите професори-предатори секаде: повторливоста и истрајноста на нивните техники, увежбани до најситни подробности. Непроменети се со времето бидејќи надворешните фактори никогаш не се промениле за да мораат да се прилагодат - секогаш сѐ совршено функционирало во нивна корист.

Паѓањето во нечија немилост или преголема наклонетост, во нечии канџи или очи, за студент(к)ите е навистина прашање на среќа. Но, без разлика на директноста на ударот, сите студент(к)и се повлијаени и оштетени од општата култура на примитивни односи на моќ, атмосферата на страв и неизвесност, сексизам, шовинизам и сите типови сексуално вознемирување.

Но, не се сите проблематични инциденти толку јасни за идентификување. Шовинистичките коментари на предавања, отвореното барање мито, директните сексуални дофрлувања и предлози се релативно лесно препознатливи. Некои инциденти се прикриени, тактизирачки, манипулативни, навидум софистицирани, иако - кога ќе се распараат - се покажува сета нивна баналност и тажна гротескност. Нив студентот/ката некогаш веднаш ги препознава. Некогаш не. Некогаш лесно ќе премине преку нив и ќе им се наврати неколку години подоцна, од својата нова позиција на поголемо знаење, искуство, еманципираност, и дури тогаш ќе може без напор да ја види заднината на ситуацијата. Последново носи специфична горчина. Сите носат одредена доза на срам, вина, себеобвинување, неуспех.

Ова не се маргинални искуства. Сепак, најчесто се просто дел од вообичаениот тек на нештата во кој студент(к)ите се вовлечени, нешто што отсекогаш постоело. Присуството и справувањето со замките е прифатено како непожелен но неизбежен дел од студентскиот живот.

Важно е дека нештата не се секогаш еднакво јасни: она што некому му изгледа болно очигледно, млади луѓе со разбирливо недоволно социјално, општествено и емотивно знаење и искуство неретко го промислуваат со несигурност, особено ако доаѓа од личност која ја сметаат за авторитет. Па дури и намерниот избор да се биде пасивен често не е резултат на отсуство на внатрешен отпор и вознемиреност, туку можеби се јавува проблем во толкувањето и разбирањето на ситуациите и состојбите и во изнаоѓањето начин за нивна артикулација.

Студент(к)ите се често дезориентирани во системот, чувстуваат дека не ги разбираат правилата бидејќи тие се во постојана промена, субјективни се, претставуваат нешто што треба да биде насетено или одиграно. Некогаш е лесно да се помеша што е почит а што понизност; што е пријателско и љубезно а што инвазивно; што е желба за помош и подучување а што психолошка манипулација и демнење – особено во олку комплексни релации на моќ. Клучната тешкотија во одлуката на студентот/ката да реагира во рамки на одредена сомнителна или заканувачка комуникација е што зборовите, гестикулациите и постапките на професорот (обрнувам внимание дека целно го користам овој назив за да ги потенцирам иронијата и насилството) се обвиени со толку густ плашт на амбивалентност - што ја парализира секоја одлука. Најчесто обидите за сексуално подведување на студент(к)и се од тој тип - совршено амбивалентни при што секоја реакција на студентот/ката делува погрешна, а на професорот од секоја незгодна ситуација му овозможува излез. Колку и да е атмосферата исполнета со ужас, колку и да е огромна контрадикторноста на изустените зборови со тонот, погледот, гестикулациите, колку и да е голема физичката и психолошката закана и траумата што ја следи – свиоците во кои професорите се извиваат за да избегнат давање цврсти докази можат да бидат проследени со генијална иновативност.

Во недостиг на „доволно убедливи“ докази и во рамки на култура која го девалвира значењето на секој нивен збор, и уште бесрамно ги осудува и им наметнува вина, студент(к)ите не се охрабруваат да побараат заштита. Воопшто не е јасно што е „доволно убедливо“ за околината за студенти(к)ите да добијат експлицитна заштита. Да повторам: четворицата образовни работници НЕ се товарат за сексуално вознемирување. Зошто на овие „генијални бизнис-луѓе“ не им се оддаде соодветно признание за широката диверзифицираност на услугите кои ги нудат? Во меѓувреме, во насловите во медиумските известувања за процесот црвено трепка зборот СЕКС истакнувајќи го само вознемирувачкиот сензационализам во нашето општество кој обвива провалија во која пропаѓаат сите напори за суштинска промена.

Девијантните релации кои го оптоваруваат студентскиот живот не се секогаш игри на ловец и плен. Некогаш студент(к)ите се заплеткани во конфузни натпревари и конкурентност; некогаш несвесно стапнуваат врз нечија академска суета. Релацијата учител-ученик е исклучително снажна и значајна. Енергијата која се создава и разменува во неа е неспоредлива со кое било друго искуство. Кај професорите на кои им се воодушевуваат и ги почитуваат, студентите доаѓаат со жар, возбудено барајќи предизвици. Се воспоставува важна емотивна врска и чувство на сојузништво. Затоа е разочарувањето огромно кога таа илузија ќе се раскрши.

Делува апсурдно кога професорот/ката кој/а со часови разговарал/а со студент(к)ите за функционирањето на односите на моќ, со зачудувачка лежерност ќе почне да врши притисок врз сопствените студент(к)и; кога професорот/ката кој/а поттикнувал/а на еманципација ќе почне насилно да настојува да преземе контрола врз автентични студентски иницијативи; кога на професорот/ката кој/а подучувал/а на критичко размислување наеднаш му/ѝ е повредена суетата од несогласувањето на студент(к)ите.

Студент(к)ите постојано комуницираат, не само преку маршот по повод 8 Март, туку и преку бројни други иницијативи од различна природа, забрзано оснажувајќи се и пронаоѓајќи својот глас. Таа снага ја наоѓаат во своето заедништво.

Пресудата на случајот „Еразмус“ ќе ја толкувам како едно пристојно навестување дека и системот ќе се обиде да ги следи. Да се надеваме дека од следната тура обвинети ќе ја побара одговорноста пред тие да се пензионираат оставајќи зад себе генерации оштетени млади луѓе.

И да бараме и да се избориме за целосно понесување одговорност во академската заедница, адекватен третман на сексуалното насилство и негово искоренување, без евентуални олеснителни околности.

ОкоБоли главаВицФото