Експериментот на СДСМ и Беса

10.03.2020 18:31
Експериментот на СДСМ и Беса

Ако мултинационалната коалиција направи сензација и излезе како победничка сила околу која ќе се формира влада, на дневен ред на македонската државна политика, покрај големите мали европски теми, ќе биде и потрагата по сето она друго што како граѓани нè обединува во едно општество на рамноправни граѓани.

Се сеќавам на изјавата на еден албански политичар на чело на невладина организација за човекови права од почетокот на деведесеттите кој изјави дека Македонците и Албанците немаат ништо заедничко. Ништо заедничко? А каладонтот, четкичката за заби, сапунот, топлата вода, воздухот што го дишеме и водата што ја пиеме, ѓубрето, школувањето на нашите деца и нивното вработување, медицинската грижа, стремежот кон среќна младост и достоинствена старост, зарем тоа не е заедничко, помислив тогаш.

Но, овие мали големи европски теми, за кои пишував во тогашните колумни, не беа на дневен ред во југословенската федерација, чии партии етнички го мобилизираа населението за војна. Потоа, по распадот на федерацијата и создавањето на самостојните држави, на дневен ред беа националните теми, па добитничката комбинација на изборите повторно беше етничката мобилизација. Малите големи европски теми мораа да почекаат подобри времиња. Во сеќавање ми е седницата на првата експертска влада и дебатата дали смеат дневниците во училиштата на албански јазик да се водат на албански. Дотогаш, имено, иако наставата беше на албански, дневниците, според логиката на македонскиот национализам, мораа да бидат пишувани на македонски?!


Дискусијата траеше со месеци, како во Владата, така и на телевизиските екрани, илустрирана, паметам, со снимки од албанско село во кое се слева нечиста вода низ улиците, а девојчиња во сиромашна облека која дамна ја израснале, весело ја прескокнуваат. Во какви домашни услови живеат овие девојчиња, се прашував, и зошто целата енергија на македонските и на албанските партии е насочена кон националното прашање. Разбрав: кај човечките суштества, националното има примат над материјалното, факт што се потврди во цела Источна Европа по распадот на комунизмот. На прашањето – зошто е тоа така, Солжењицин своевремено одговори дека, едноставно, такви се луѓето. Не случајно, национализмот е најсилната идеологија на нашето време.

Значи, Македонија трајно ќе беше на работ или во етнички судир, ако под притисок на Западот не изградеше политичка структура на рамноправност меѓу Македонците и Албанците. Мајоризацијата и доминацијата на мнозинската македонска нација врз малцинската албанска, во првите десет години од нашата независност, при изменети меѓународни и домашни околности, експлодира во етнички конфликт во 2001 година. Охридскиот рамковен договор ги постави заштитните механизми за малцинската заедница и го отвори патот кон нејзина целосна рамноправност во заедничка мултинационална држава. Иако каскаше зад настаните, во моменти на криза СДСМ беше политичката сила која туркаше во таа важна насока на рамноправност како гаранција за мир. Така, со секој нов пробив во сферата на правата за Албанците, се намалуваше шансата за нова војна, а етничката мобилизација како механизам за добивање избори од страна на партиите многу постепено губеше сила. Денес, со законот за јазиците, можеме да зборуваме за рамноправност, макар формална, ако не и фактичка, на двете нации, па основната причина за војна во Македонија е отстранета. Но решение на еден проблем отвора нови проблеми. Заштитата на посебноста на албанскиот народ со свој јазик, религија и култура како едно (под)општество за себе, одново го отвора прашањето: што е тоа што нè обединува во заедничка држава како дел од едно заедничко општество.


Сигурно не нè обединува етничката мобилизација на еден национализам против друг, би рекол Заев, и зборува за СДСМ како за мултиетничка партија во исто такво општество. Ахмети од ДУИ, не сакајќи тој и неговата партија да останат без работа, реплицира дека борбата за рамноправност уште не е завршена и дека мултиетничката коалиција ја загрозува албанската кауза. Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ мисли дека македонската кауза за национална држава на македонскиот народ и држава на малцинствата е одамна загрозена. Значи, со коалицијата СДСМ и Беса почнува еден експеримент, кој прави нов пробив преку границите на етнички поделеното општество, на сметка на партиите кои традиционално се сметаат за бранители на националната кауза. На Западен Балкан, по правило, националните партии доминираат со политиките на своите држави, додека мултиетничките играат второстепена улога, па најсигурно е партиите да се држат до својот национализам. Сè друго е експеримент. Прв тест за успешноста на овој политички експеримент кој е во тек во Македонија ќе бидат изборите.

Ако мултинационалната коалиција направи сензација и излезе како победничка сила околу која ќе се формира влада, на дневен ред на македонската државна политика, покрај големите мали европски теми, ќе биде и потрагата по сето она друго што како граѓани нè обединува во едно општество на рамноправни граѓани. Ако загуби, тоа ќе биде доказ дека национализмот е баран на македонскиот пазар, а етничката мобилизација и натаму е најефикасното средство на партиите за добивање избори. Се разбира, како и досега, етничката мобилизација ќе биде на сметка на консолидацијата на демократијата разбрана како забрзан процес на зреење на политички систем кој почива врз принципите на владеењето на правото, независното судство, чесни избори и развиено граѓанско општество.


Слики: Evan M. Cohen
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото