ЕУ река (52): Левијатан од порцелан - Европа денес (1)

10.03.2020 23:50
ЕУ река (52): Левијатан од порцелан - Европа денес (1)

За разлика од Америка, Европа не се конституира од универзалноста на политичкиот народ и граѓанството, туку од универзалноста на missink-link-от на духовната односно културната интеграција. Во првиот случај станува збор за политичка моќ без културен идентитет, а во вториот за идентитет без политичка моќ. Американскиот идентитет политички е изграден како уставна категорија на сувереноста на народот од духот на универзалното граѓанство, а европскиот е во постојан процес на превирање меѓу барањата за цивилизациската мисија на Европа како духовен свет на универзалните идеи на слободата, толеранцијата и праведноста и сведувањето на културата на духот на народот. Тој конфликт помеѓу универзалноста на цивилизацијата и партикуларноста на културите, и идеите на Француската револуција и германската романтика, до денес остана прашање за засновањето на Европа како (не)моќ за функционирање во свет со глобален поредок.

Кога ќе се утврди дека Европа е значително „детериторијализирана и делокализирана и деконструирана“, тогаш тоа најпрвин треба да се сфати како реална состојба за губење на нејзината структурална моќ во економијата и политиката денес, но тоа не важи помалку и за сфаќањето на културата во современото доба. Европа е „средина“, она што може да биде „помеѓу“ во процесот на глобализирањето, додуша, со променет модел на дејствување на нациите-држави. Но тоа функционирање легитимациски и ефективно е ограничено зашто недостасува реална централна политичка моќ во „пост-националната констелација“ на глобализацијата.

Со други зборови, европската политичка географија во суштина е „конзервативна“ зашто е втемелена во духовното битие кое се артикулира како склоп на таканаречените универзални културни вредности. Колку и тенденциите наспроти просветителските идеи, владеењето на разумот, слободата и научно-техничките инструменталности да биле впишани во мисловните обиди за надминување на злокобните политички поделби на Европа во 20 век, толку е самоизвесно дека тој проект без вистинска моќ и сила во светот нема да се спроведе. Од самиот почеток дискурсот на европските идеи после Првата светска војна имаше нескриено апокалиптичен тон за укажување на она што беше единствено спасоносно во враќањето на Европа кон своите духовни темели. Така Хусерл и Хајдегер ја замислуваа иднината на Европа. Но, проблемот е токму во тоа размислување од онаа страна на преземањето на моќта наспроти Америка како империја на либералната демократија и глобалниот капитализам.

Има ли воопшто друга или поинаква насока за Европа денес која би можела да ја одржи својата разнишана реална моќ, а да не се претвори во чудовишна спротивност - поредок на авторитарната демократија, национализмот, расизмот и ксенофобијата во „јадрата“ и „рабовите“ на европските конститутивни народи?

Уставен патриотизам или космополитизам?

Евроцентризмот во доба на криза или дури исчезнување на Европа како светско-историски субјект на моќта во економијата и политиката се чини како неефикасен привид, а не реална закана за Другите. Европа денес, да го парафразирам Слотердијк, е постимперијален простор за крајот на историјата и музеализиран парк на народите без моќ. Додуша, во него владее рамнотежата на идеолошкиот страв од пад во варварството од 20 век - фашизмот и сталинизмот - но ни десните популистички движења, ни ксенофобијата ни расизмот кои денес добиваат карактеристики на диференцијален или културален расизам, сѐ уште не се масовни политичко-културални феномени. Тие повеќе се невротични ресентименти на длабоко втемелениот страв од Другиот или реакции на missing-link-от на новиот европски идентитет без моќ.

Она што му недостасува на европскиот идентитет во однос на американскиот, кој е примарно политички низ концептот на републиканска држава во доба на модерна империја, се чини дека е темелен проблем на идејата и на стварноста на современа Европа. Онаму каде Американците сведочат за припадноста на нацијата-држава со уставен патриотизам на слободата или цивилната религија, таму Европејците се наоѓаат во искушение на избор помеѓу конкретната воопштеност на својот потесен државен национализам и апстрактната воопштеност на туѓиот поширок наднационален космополитизам.

Она што ѝ недостасува на Европа се две нешта: европски политички народ и космополитски устроено граѓанство. Со други зборови, во традицијата на модерната поделба на политичка држава и граѓанско општество, недостасува модерен субјект за интеграција на објективниот дух.

Но интеграцијата е празна без волја за припадност на новиот идентитет. Дека може да се умре за Европа и нејзините духовни вредности сведочат зборовите на унгарските востаници од 1956 година против сталинистичкиот терор и советската окупација на нивната земја. Дисидентската литература на источноевропските интелектуалци во затворите му одговара на истиот модел на културална борба (Kulturkampf) која ја осмисли Грамши како левичарски проект на хегемонијата на новата политика, но со друг предзнак - либералните творби на поединците против сите идеологии на тоталитаризмот. Би можело дури да се утврди дека во Европа како склоп на универзални вредности на духот (хуманистичката култура и етичкиот хоризонт на смислата на историјата) повеќе „верувале“ источноевропските интелектуалци во затворите и логорите отколку западните од крајот на Втората светска војна до падот на Берлинскиот ѕид.

Значи, проблемот е во тоа што токму таквиот политички идентитет кој недостасува во своите значајни претпоставки е своевиден кревок темел за Европа воопшто. Секако, Европа како политички проект со космополитски поредок на идеите во рамки на федеративното устројство и нужна „постнационална констелација“ каква што постулира Хабермас, се темели на идеите кои го обликуваа европскиот културен идентитет. Тој идентитет е деконструкција на секоја органска концепција на нацијата-држава. А парадоксално е само тоа што преку неговите жици одекнуваат дисонанците помеѓу универзалноста и партикуларноста на културата, помеѓу европскиот космополитизам и верноста на култот нација-држава.

Без оглед дали станува збор за идејата на Хердер, „Волксгајст“, или Фихте, за националната филозофија на духот или културно одредената историја на модерните нации-држави, мелодијата е иста. Европскиот идентитет сѐ уште е во потрага по интегративните или конститутивните особини на нешто „повозвишено“. Истовремено, тоа е така зашто идејата за припадништво на Европа се одредува како духовна служба на светот. Но светот не е некаде другаде туку во кругот на нациите-држави како простор на близината и доверливоста, родното место и хабитусот на слободата на човекот. Европскиот идентитет како проект на новата култура не може да биде партикуларен во однос на универзалноста на политичката творба на наднационалната заедница. Сосема спротивно, неговата идеја е темелна особина токму во превозмогнувањето на културата како органска, контингентна, диференцијална особина на модерната нација.

Ризикувам нешто што е навидум невозможно: помирување на идеите на недовршениот проект за модерната (Хабермас) и деконструкција на модерната историја како владеењето на „големите приказни“ (Дерида и постмодерната) во идејата на проектот за европски народ/граѓани од духот на новата космополитска култура. Најпосле, токму манифестот на Хабермас/Дерида за нова Европа во центарот го постави прашањето за интеграција на народот/граѓаните во космополитски сфатената Европа од онаа страна на сите национални партикуларизми и од онаа страна на обновата на идеолошко-политичкиот привид како што е постсекуларната христијанска Европа.

Потребна е „тројна операција“

(...) Никако не станува збор за „надворешна“ колонизација на другите народи, држави, територии во историјата на сите диспозитиви на моќта, туку најпрвин во „внатрешната“ пацификација на критичкиот отпор кон идеологијата на Европа како тврдина на неолибералната економија и неоконзервативната, популистичка политика. Проблемот со евроцентризмот е поголем доколку критиката истовремено не се насочи кон негово дејствување во воспоставување дискурс на „стабилност“ и „нормализација“. Во таков склоп промената на политичката власт во рамки на националната држава - десница версус левица - не е од пресудна важност ако економско-политичката парадигма на владеењето останала непроменета. Тоа во своите предавања за биополитиката во седумдесеттите години јасно го утврди Фуко.

Затоа десните популизми со таканаречените постполитички водачи кои во своите прагматични политики ги соединуваат приватните интереси на корпорациите, медиумите и спектаклот веќе не се исклучок, туку правило кое речиси има сила на перманентна вонредна состојба во самата демократска процедура. Берлускони е европска парадигма на глобалната постполитика. Можно е да се нарече интегрален спектакл на медиумската плутократија. Наместо класичните демократски доблести, вистина, чесност, чест и праведност, богатството во рацете на еден или повеќе олигархиски вмрежени капиталистички претприемници станува услов за можноста на политиката воопшто. Колку и поимот плутократија како модерно изопачување на демократскиот поредок да се поврзува со САД во 20 век, не е тешко да се заклучи дека таквиот модел на владеење сосема ја дискредитира Европа дотолку повеќе што е идеолошки хибрид на постфашизмот и неолиберализмот, верата во „татковината“ и фундаментализмот на пазарите, во култот на нацијата и материјалните вредности на Западот.

Евроцентризмот како внатрешно историско битие на западната цивилизациска „мисија“ може уверливо да се деконструира само тогаш кога истовремено се случува тројна операција:

(а) критика на Европа како критика на идеолошко-политичката злоупотреба на нејзините конститутивни идеи во други цели;

(б) критика на Европа како критика на моноцентризмот и логоцентризмот, мисијата на таканаречените историски народи или народите-држави јадра во однос на народите-држави на работ, присвојувањето на Европа во име на еден извор или темел на идејата (на пример, сегашната постсекуларна обнова на идејата за христијанска Европа во пасторалните походи на папата Бенедикт XVI);

(в) критика на Другиот како не-западен Друг заради докинување на универзалните идеи на либерализмот и демократијата во реално-постоечкиот систем на глобалниот капитализам (Кина и Русија). Тука треба да се нагласи дека не се работи за обнова на критиката на Витфогел за „ориенталниот деспотизам“ како марксовска шема за историски развој на Западот и Истокот, која материјалистички ја трансформирал од филозофијата на историјата на Хегел.

(продолжува)

Избор: Никола Гелевски
Превод: Алек Кузмановски
Гиф: Александар Јосифовски
Фотографиите се од филмот „Догвил“ (Ларс фон Трир, 2003)
Извор: Žarko Paić - LEVIJATAN OD PORCULANA; Europski glasnik, 2011

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото