За Тања Урошевиќ

11.03.2020 11:55
За Тања Урошевиќ

Нејзиното име го знаев уште како гимназијалка во Скопје. Тања Урошевиќ беше една од ретките преведувачки на руска литература на македонски. Учев руски во гимназијата и голтав сè што ќе најдев во превод или во оригинал од прочуените руски писатели. Подоцна, како студентка, често во скопските кина или на изложбите го гледав писателот Влада Урошевиќ во придружба на една убава русокоса жена, со најблагиот насмев. Тогаш уште не знаев дека таа е преведувачката Тања Урошевиќ. Тогаш Тања и Влада, како што ги викавме и ние, за нив непознатите студенти, ме восхитуваа како брачен пар. Нивната појава зрачеше длабока љубов и духовна, интелектуална предаденост еден на друг. Скопје на седумдесеттите години беше мало. На премиерите во кино „Култура“ или кино „Вардар“ често беа присутни многу уметници од македонска културна елита. Таа беше навистина културна елита во најдобрата смисла на зборот. Кај Тања и Влада се чувствуваше дека тие се жедни за уметност, за големата европска култура. Како што за неа бил жеден и Александар Блок и Осип Манделштам и Марина Цветаева. Немаше културен настан на кој не ќе ги видев неразделните Тања и Влада. Уште од тоа време тие останаа за мене симболот за културната елита во Скопје. Кога ќе ги видев нив, знаев дека настанот има вистинско ниво и вредност.

Подоцна, во осумдесеттите, кога Влада Урошевиќ стана професор на штотуку основаната Катедра за компаративна литература, на која и јас две години предавав естетика, многу почесто ги среќавав чудесните Тања и Влада во универзитетскиот комплекс. Уште не ги познавав лично. Напати се случуваше да одат долго пред мене, постојано држејќи се за рака, по истиот пат до МАНУ. Нивниот тивок разговор допираше до мене повеќе како мелодија, отколку како значење. Тања и Влада за мене беа и симбол за длабока сопружничка љубов. Ги доживував како чудесен роман. Дури години подоцна, кога ги запознав, ми стана јасно дека нивната длабока љубовна поврзаност беше дополнета и со заедничката страст – пишувањето. Во времето на моите студии, секогаш кога ќе ги видев некаде во градот, бев уверена дека тие се најинтересните луѓе во македонската култура. И посакував еден ден и јас да припаѓам на таа култура! Никогаш не им кажав колку тие беа значајни за мене кога за нив бев само непознат набљудувач и љубител. Тие за мене беа симбол на творци од најпрефинетиот вид. Оној вид на култивирани творци, за какви што читаме во историјата на европската култура, но ретко имаме среќа да сретнеме и во животот.

Години подоцна, 2007-та, кога ја добив наградата „Роман на годината“ за мојот прв роман, „Снегот во Казабланка“, во кој пишував за руската емиграција во Скопје, ја запознав Тања Урошевиќ. Уште првиот разговор со неа ме восхити. Ама ме направи и тажна – затоа што повеќе не живеам во истиот град со неа и со Влада! За да можам да одам на долги разговори со неа - за руската литература, за пишувањето, за преведувањето, за животот во два јазика, за туѓинството и егзилот, за емигрантскиот живот. По препорака на драгата пријателка Лидија Димковска, во март 2008-та, престојував речиси цела недела во Љубљана на литературно читање - заедно со Влада Урошевиќ. Секако, тој допатува во Љубљана со Тања! Бевме сместени во ист хотел. Не се осмелив да им кажам колку ми значеше секој разговор со нив. На појадокот, на обедите, на долгите прошетки низ Љубљана. Додека полека одев крај нив, слушајќи го мелодичниот, благ глас на Тања, кој беше само благо зарипнат, колку за да прозвучува како благ шумски поток, не им кажав колку се радував што сега и јас учествувам во нивниот тивок жубор, кој порано го слушав немо одејќи зад нив. Во дните во Љубљана откривав блескави фрагменти од нивните животни навики и интелектуални погледи, чувства и животни искуства кои уште повеќе ме восхитија. Сето тоа беше само дел од „тајната” на нивната длабока предаденост еден на друг, која само ја насетував, додека уште не ги познавав лично. Таа тајна, всушност, се состои во богатсвото на нивните личности. Во култувираноста, во естетската префинетост со која обајцата го доживуваа светот.

Тања, речиси, не беше замислива без Влада! Таа беше од луѓето кои сè создаваа од длабока љубов. Тоа се читаше од чистиот, но толку интензивен поглед додека таа разговараше или само слушаше. Не знам дали тоа беше само прочуената широчина, благост и мистичност на нејзината руска душа. Повеќе верувам дека несекојдневноста, богатоста на личноста и на прозата на Тања Урошевиќ беше чудесната синтеза од руската и од македонската душа. Нејзиниот прозен јазик говори за длабоко познавање на тајната на раскажувањето, по која и јас трагам. Тања беше вруток од кој бликаше богато познавање на светската литература. А притоа таа беше многу скромна, ниту малку самовљубена во тоа што го создаваше. Тоа, впрочем, е одликата на најдобрите творци. Сето тоа ја создаваше магијата на нејзината личност, која не можеше да не го восхити човека. Дури сега, кога самата се приближив на возраста, на која пред дванаесет години беше Тања, разбрав зошто таа пишуваше речиси во тихост и приватност. Небаре повеќе за себе, скришно. Само за својата радост во пишувањето, а не и за јавноста. Имав чувство дека таа во јавноста повеќе сакаше да биде присутна како љубител на уметноста. Или само како прекрасната, мудра и блага прудружничка на Влада!

Тања и Влада се луѓе на зборот и перото, писатели и преведувачи за кои урнеци може да се најдат само во големата европска литература и култура. Сè во разговорот со нив се преобразуваше во чудесна проза. Разговорот за најдобрите сорти чај, за време на појадокот. Раскажувањето на Тања за нејзината руско-македонска биографија. Ме восхитуваше нејзината длабока поврзаност и со руската и со македонската култура. Никогаш не ѝ кажав дека во романот „Жените Гаврилови“, кој почнав да го пишувам интензивно откако се вратив од патувањето во Љубљана, во ликот на Лина Гаврилова вградив многу од благоста, која постојано зрачеше од Тања. Во тие денови во Љубљана ја засакав Тања со длабоко пријателство. Неколкупати во животот сретнав такви несекојдневни, благи и длабокоумни, добри и мудри личности, творкини како Тања Урошевиќ, за кои чувствував толку длабок восхит и љубов, што не се осмелував тоа чувство да го претворам во секојдневноста на обично пријателство. Моето почитување за Тања и Влада беше толку длабоко, што со нив можев и понатаму да разговарам само во нем, таен и внатрешен дијалог, секогаш, кога помислував на нив. А кога при една куса средба во Скопје, во посветата на нејзиниот роман „Превид”, Тања го спомена токму „највнатрешниот дијалог“ меѓу нас, ме трогна длабочината на нејзината интуиција. Таа насетувала дека најважните работи не се осмелив да ѝ ги кажам гласно.

Затоа ми се чини дека оттогаш, од тој март во Љубљана пред дванаесет години, постојано пишувам невидливо писмо за Тања Урошевиќ. Утринава на профилот на Владимир Јанковски прочитав извадок од нејзината последна книга. И со восхитот што ме обземаше секогаш кога ќе ги здогледав обајцата некаде во Скопје, веднаш му напишав на Владимир порака по месинџер, со молба да ми ја даде имеил - адресата на Тања. За да ѝ напишам писмо! Тоа писмо, кое го пишувам за неа уште од оној миг, кога прв пат ја видов во Скопје, како студентка. Наместо адресата, Владимир ми напиша дека чудесната, преблагата, мудра и даровита писателка Тања Урошевиќ починала изутринава. Таа ќе остане за мене постојано крај Влада, држејќи го за рака, во длабока и верна сопружничка и творечка љубов, во бескрајниот разговор на двајцата големи македонски писатели. Вечнаја памјат!

Келн, 10 март 2020

 Извор: Фејсбук

ОкоБоли главаВицФото