Отворена куќа за домување за жени – жртви на семејно насилство

11.03.2020 13:58
Отворена куќа за домување на жените – жртви од семејно насилство

Жените жртви на семејно насилство добија нов простор во Скопје каде ќе може да престојуваат во период од 6 месеци по напуштање на насилната средина.

Куќата може да ја користат жени кои немаат свое живеалиште, ниту пак можат да го користат живеалиштето на нивните блиски.

„Градот Скопје изминативе години ја препознава потребата за обезбедување услуги на жртвите на семејно насилство, како посебна ранлива категорија, нивна реинтеграција и рехабилитација и развива програми и мерки за помош и поддршка согласно со нивните потреби. Ова е видливо и преку воспоставувањето на Првиот семеен центар на Град Скопје кој функционира во рамките на Здружението нa граѓани ХЕРА и кој претставува прв и единствен специјализиран сервис каде услуги добиваат и сторителите на семејно насилство, при што се работи на превенција на насилството“, рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Просторот може да го користат најмалку 10 жени жртви на семејно насилство и нивните деца се додека жртвата не биде целосно интегрирана во општествениот живот, односно не стане економски независна, не обезбеди сопствено домување и стабилен финансиски приход.

„Оваа куќа е прв сервис од ваков тип во земјава, а и пошироко, односно на целиот Западен Балкан. Процесот на реинтеграција и рехабилитација е клучен кога се работи за семејното насилство и кога се работи за напуштање на насилната средина и повторно поддршка за жените за нивно повторно вклучување во општествениот живот преку психолошко и економско јакнење“, посочи Елена Димушевска, извршна директорка на Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Дополнително ќе биде обезбедена психолошка поддршка, советување и помош при вработување преку економско јакнење и унапредување на образованието. Оваа куќа за отворено домување располага со 4 простории за спиење, тоалет, бања и заеднички простор за кујна и дневен престој.