ЕУ река (53): Левијатан од порцелан - Европа денес (2)

12.03.2020 00:15
ЕУ река (53): Левијатан од порцелан - Европа денес (2)

Шанси за пресврт?

Какви се воопшто шансите за Европа денес? Постои согласност кај речиси сите учесници во јавниот дијалог за Европа, како оние со теоретски различни ориентации така и оние кои ја претставуваат идеалтипската фигура на европскиот граѓанин/државјанин независно од нивните светогледи и политичкиот спектар на левицата или десницата, дека е крајно време за промена на насоката на европскиот проект. Притоа не се мисли само на поправање на непоправливите структурални проблеми на функционирањето на ЕУ, туку на радикален пресврт во смисла на политичкото функционирање. Тоа се однесува и на промената на институционалната и политичката рамка во чии рамки се одвива процесот за проширување на ЕУ на исток, но и на промена во разбирањето на смислата на проектот за транснационална и космополитска политика на гостопримливост и отвореност за Другите.

Сите досегашни протести на синдикатите, организациите на цивилното општество, студентите, антиглобалистите против алчноста на банкарскиот сектор и неолибералниот капитализам во креирањето на структуралната криза на глобалниот поредок, а особено во Европа, укажуваат на мозокот на целата операција: политиката на либералниот капитализам во сите нејзини форми, од десниот популизам, неоконзервативизмот, социјалистите од „третиот пат“, која веќе не им служи ниту на интересите на народите на европските нации-држави ниту на граѓаните на Европа на кои се повикува, туку на бруталниот интерес на транснационалните корпорации.

Помеѓу барањата за праведност и еднаквост на животните шанси, што е европски превод на поимот „среќа“ кој американскиот устав им го ветува на своите државјани уште од времето на татковците-основачи на американската демократија и пробивот на ксенофобијата и расизмот наспроти странците од другите култури, религии и раси како културални идеологии на „европејството“ на изворноста на домородните народи, не е само значајна разлика во сфаќањето на политиката и проектот Европа. Уште поголема е разликата во насоката на функционирањето која Европа ја приближува или оддалечува од нејзините поставени цели.

Тој консензус за промена на насоката на политиката во отклонот на слугите од економски лошите господари на неолиберализмот во руините најдобро го дефинираше Хабермас во своите бројни политички списи и интервенции. Може да се каже дека токму неговата мисла е клучна за разбирање на европскиот проект. Прашањето кое се поставува во сите негови дела е прашање за можноста за функционирање во рамки на либералната демократија, која со истовремена промена на функционирањето станува проект на недовршената модерна. Верата во можностите на европскиот проект, без нималку малодушност и апокалиптична примеса на културниот песимизам, произлегува од уверувањето дека просветителското сфаќање на слободата, умот и толеранцијата е услов за можностите на секој политички проект за Европа. Не е можно да се оди под стандардите. Дотолку прашањето за Европа е прашање за одржливост на идеите кои ја одредуваат универзалноста на поимот свет воопшто. Најпосле, прашањето за иднината на проектот Европа, не само за Хабермас, е прашање за смислата на политиката и културата во современото доба.

За Хабермас нештата се јасни. Не може да се случи промена на политиката додека не се изгради институционална правно-политичка претпоставка за поинакво функционирање. Промената од идентитет без моќ во моќ на идентитетот, премин од културното самоопределување на европејството во политичко дејствување со веродостоен карактер, а не реактивно, опортуно, е можно само со усвојување на Уставот на ЕУ. Политичката стабилност е услов за можностите на економската стабилност, а не обратно. Тој изворен „републиканизам“ во европското сфаќање на политичката демократија истовремено е критика на глобализацијата во економијата и политиката, но и културата која ги напушта изворните европски вредности во корист на масовната култура на глобалноста без идентитет. Очигледно е дека не може да се конституира европски народ ниту европски граѓанин/државјанин без заедничко чувство за единство во различноста. Но, тоа не е опортуна политика на културните разлики, кои и онака се несомнени, туку позитивна интеграција на темелот на колективната способност за функционирање на ЕУ. И тоа не како елитен клуб на еврократи, туку како наднационална моќ која во федеративното устројство на политичката заедница не ја префрла одговорноста на други во кризите како што е светската финансиска криза или проблемот со илегалната имиграција по граѓанската војна во Либија.

За Хабермас е саморазбирливо дека прашањето за тоа каква Европа воопшто се посакува и каде ѝ се крајните граници веќе не е схоластичко прашање на пророците и географите. Ако досега беше извесно дека европскиот општествен модел, дури и со исклучок на Велика Британија, е поинаков од американскиот, тој се промени многу во ерата на глобализацијата. Наместо државно-интервенционистичката регулација на економијата и социјалната сигурност, започна неолиберална творба на пазарен натпревар во целокупниот систем и животот во светот. Зад сите разлики, па и несомнената промена во структуралната игра на светската економија каде покрај Америка сега Кина, Русија, Индија, Бразил го имаат главниот збор, мислата на Хабермас е цврсто вкоренета во модерната традиција на просветителството.

Политичката творба на Европа е нужен услов за можноста за заедничко функционирање на Европа и создавањето европски идентитет. Тоа значи дека од политичкиот идентитет на граѓанството/државјанството се конституира политички народ кој ги презема овластувањата на суверената волја на наднационално ниво. Секако, јасно е дека некој мора да биде „локомотива“ на тој проект како долгорочен процес. Затоа по манифестот од 2003 година за нова Европа, копотпишан од Дерида, беше јасно дека сфаќањето на народот „јадро“ наспроти „рабовите“ во политичката теорија на Хабермас за Европа, претставува класичен проблем за односите помеѓу хегемонијата на големите и споредната улога на малите народи во творбата на идната политичка заедница.

Најпосле, прашањето за универзалноста на политичката идеја на Европа секогаш се крши кога зад идејата за универзалноста ќе се препознае скриената моќ на хегемонијата на посебниот народ или културата како „изворно“ европска. Во секоја федерална творба на политичката заедница тоа е априорно прашање за односот на мнозинството и малцинството во одлучувањето. Но, сепак, очигледно е дека тука не се работи само за конфликт помеѓу „федералистите“ и „конфедералистите“ или пак нациите-држави кои не би сакале да ја жртвуваат сувереноста во име на европската заштита и благосостојбата на заедничкиот пазар. Напротив, се работи за друг тип творба на политичката заедница од нешто што истовремено само по аналогија е поврзано со модерната нација-држава, а тоа е моќта на државјанската свест која на Европа ѝ овозможува да се постави над посебните интереси на Германија, Франција, Италија или која било друга членка на ЕУ.

Особено е важно што секое идно градење „постнационална констелација“ од духот на Уставот ја има како претпоставка демократската политичка култура. Во однос на тоа Хабермас е доследен либерал, но и многу повеќе од тоа. За него е несомнено секој облик на уништување на оваа култура во насока на национализмот и шовинизмот, ксенофобијата и расизмот, неповратно да ги дискредитира европските вредности на идеолошката творба на трајно нестабилните нации-држави во рамки на формалната структура на ЕУ каква што е денес. Борбата за Европа на суверените граѓани/државјани како политички народ е борба за демократијата како модерна артикулација на моќта на слободата во политиката, која ги одредува правилата на игра на економијата, а не обратно. Во обратна насока, парафразирајќи го Карл Шмит, може да се каже: или Европа (постисторија) или граѓанска војна!

За потешкотиите на оваа алтернатива на сегашната криза во функционирањето на ЕУ и спасувањето на евро-зоната која многумина ја поистоветуваат со идејата за Европа воопшто, а тоа не е само вулгарен материјализам на економијата, туку очигледно е реална состојба на нештата, сведочи и темелната причина за распадот на Европа и ЕУ. Имено, крахот на неолибералниот капитализам во случајот со банкротот на Грција и домино ефектот во многу европски држави кои се на работ на издржливоста на функционирањето на јавниот долг и стабилноста на институциите, сосема ја разниша секоја утописка шанса Европа да се замисли во категориите на сегашната „конфедеративна асоцијација“ на договорно поврзани нации-држави. Со други зборови, критиката на идејата на Хабермас за политичко реконструирање на Европа не доаѓа од ниедно друго место туку од внатрешната апорија на европското обединување.

Тоа истовремено е причината зошто мислам дека политичката моќ на Европа која би произлегувала од уставното втемелување на заедничката политика и творбата европски граѓанин/државјанин како субјект на политичката творба на европскиот народ не е изгледно решение, иако, како кај неокантовската филозофија има свое „како да“ регулативно значење. Не е изгледно решение зашто Европа не ја потресува „нејзиниот“ внатрешен тектонски потрес предизвикан од некој внатреграничен проблем на самата Европа. Во тоа Хабермас начелно е во право. Имено, тој смета дека европската надворешна политика секогаш е и светска внатрешна политика (Weltinnenpolitik) зашто Европа има „мисија“ на средина помеѓу спротивставените империи на моќта. Меѓутоа, светската внатрешна политика како светска надворешна политика не е постулат или проект, туку реална моќ на дејствување која не зависи повеќе од добрата волја во конституирањето „потреба“ (Солен) од хоризонт на етичките вредности, ако и некогаш зависела од тоа.

Неолиберализмот не е европска доктрина на економијата и политиката, туку американски модел на општествена творба за глобалното доба, кој во Европа донесе голем економски просперитет од осумдесеттите до денес, но и натрупани структурални проблеми кои дури сега се покажуваат како речиси нерешени.

Не станува збор само за задоцнетоста на конституирањето на политичкиот народ и политичката наднационална заедница во доба на постглобална криза во светот. Проблемот е во тоа што европскиот моќен Друг и неговиот транснационален пример во демократската конституција на слободата и правата - САД - веќе не е истовремено и економски двигател на структурални промени во глобалното доба. Градењето политичка волја за проектот Европа не само што е задоцнето пред фуријата на неолибералниот колапс на европските економии и политики, туку е и невозможна мисија. Токму спротивното од желбата и утопијата, таа не се гради со функционирањето на институциите на нациите-држави или политичките елити. Ја спроведуваат „движењата на отпорот“ против предавството на европските идеи на просветителството и модерната демократија. Од онаа страна на дихотомијата на елитите и масите, овие движења во исто време се нови општествени движења одоздола и вмрежени се во акциите кои ги надминуваат игрите на претставничката демократија.

Како што Крлежа брилијантно напиша во есејот Европа, ако денес секоја голема европска вистина е изговорена под бесилките и на стрелиштата, а секој европски дискурс на слободата и праведноста е загушен од угнетувачките методи на силата и неправдата, подоцна ќе биде славен под знамињата на народите како симбол на Европа, така и денес борбата за Европа и нејзините идеи се води само на улиците во градовите и на протестите против структуралниот Левијатан без граници, чии моќи се толку големи и недофатливи што се создава илузија дека попрво е можно да се замисли апокалипса на светот отколку пропаст на капитализмот (Фредрик Џејмисон).

Шансите за пресврт во состојбата на нештата упатуваат на тоа дека идеите на Европа не се во криза. Во криза е Европа како (не)успешен проект на стабилноста на поредокот на заедничкиот пазар и ефикасноста на соработката на нациите-држави во реструктурирањето на светско-историскиот склоп на економијата, политиката и културата. Уште колку долго може да потрае илузијата дека без структурална промена на парадигмата на општествената творба на реалноста Европа има шанси за иднина, повеќе не зависи од неа самата и нејзините субјекти/актери, од политичките елити кои веќе не можат да ѝ се спротистават на чудовишната логика на моќта дека капитализмот можеби и на подолг рок може без демократијата, но дека човекот без слобода повеќе нема никаква смисла освен во налудничаво служење на техно-науките и биотехнологијата до катарактична точка на активен нихилизам. Таа точка веќе е достигната.

Преостанува само надежта дека Европа сѐ уште во однос на преостанатиот „свет“ единствено може да размислува и да живее во светот како проект на универзалните идеи на демократијата, слободата и вистината. Тоа веќе не е прашање за Европа денес. Тоа е прашање за надоаѓачката заедница и нејзината смисла во космополитскиот поглед на состојбата на нештата. Сѐ останато е недостојно за размислување и дејствување, реакционерен повик на светите „крв и тло“ пролеан залудно, за светот како Корпорација и собирен логор, сувереност на профитот без граници, ништожност и бесмисла на сѐ. Европа заслужува радикално поинаква насока како и поинаков пат за Другите. Меѓутоа, прашање е дали воопшто има време и волја за радикален пресврт.

Избор: Никола Гелевски
Превод: Алек Кузмановски
Гиф: Александар Јосифовски
Фотографиите се од филмот „Догвил“ (Ларс фон Трир, 2003)
Извор: Žarko Paić - LEVIJATAN OD PORCULANA; Europski glasnik, 2011

ЕУ река (52): Левијатан од порцелан - Европа денес (1)
https://okno.mk/node/83425

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Gif / Теорија
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото