Прашање на контрола

12.03.2020 11:56
Прашање на контрола

Некој од помладите (можеби) ќе постави логично прашање: кога културата се доведе во таква подредена положба на државата, или обратно: кога државата почна да покажува такви амбиции целосно да ја контролира културата? (Добро, некој од повозрасните ќе одговори дека младите баш многу и не се интересираат за вакви проблеми, ама ние сме должни да ги посочиме, нели?). Како и да е, дури и „најмекиот“ одговор на двете прашања би бил: отсекогаш! Или, поконкретно: уште од 1945 година. Уште од тогаш државата пројавила (не)објаснива желба за контрола на сè и сешто, па следствено и на културата, а културата изгледа и немала подобар избор од тој. Така што таа приказна кај нас има долга историја којашто јас, овде, немам намера да ја раскажувам, а помладите, претпоставувам, ниту ги интересира. Ама нив може да ги интересира поновата историја, онаа по 1992 година, па следствено и прашањето: а зошто со демократизацијата на општеството не беа демократизирани и овие процеси, особено во културата? И тука многумина (поодговорни од мене) би морале/требале да дадат свој придонес во објаснувањата, но тоа секако нема да го направат бидејќи не го направиле ниту досега.

Сеедно, но некои нешта мора да се кажат. Во случајов, прашањето на контролата на државата врз културата едноставно си продолжи и по 1992 година, и тоа без многу перипетии, расправи или (не дај боже) противење. Прашањето зошто тоа продолжи е комплексно и за подетално објаснување треба многу повеќе време и простор (иако мислам дека често, сегментарно, сум се навраќал на овој проблем), но нештата можат да се синтетизираат во следните причини: страв од промени и неукост односно незнаење. И тоа на двете страни, и кај државата и кај културата. (А тоа не беше случај само со културата туку и со сите други подеднакво важни сегменти во државата!). Кај државата/власта, и тогаш и сега, превладува еден елементарно погрешен, да не речам смешно дилетантски став, којшто тврди: кој ги има парите, тој ја има моќта! И ние како држава, како власт, никако не отстапуваме од тоа зачаурено во минатото гледање. Како да парите, ресурсите и сè околу нас се некакво семејно наследство на политичките партии па тие имаат право неодговорно да го крчмат како сакаат. Или, замислете го ова типично македонско мото преведено во некоја навистина голема, моќна и богата држава, да речеме Германија. Замислете каков ршум би направиле таму политичарите/власта кога така безобразно би го присвоиле сето државно богатство и слободно би го арчеле според некои свои гледања?!

Процесот на намалување на државната контрола особено во културата во Европа трае речиси цел век, во Скандинавските земји и подолго. И тоа не е реверзибилен процес – тргни, застани, па врати се назад… – и не зависи од волјата на една партија или еден премиер, кој и да е, туку е политика на немешање на државата во такви суптилни но особено важни нешта како што е културата. Но, од друга страна, Европа точно знае која и каква е силата, но и значењето на културата. Првото појавување и говор во јавноста на претседателот Макрон се случи токму во дворот на Лувр, пред познатата стаклена Пирамида. А таа пак беше проект на Франсоа Митеран, како симбол на модернизацијата на Франција. Е па споредете ги нашите политичари со однесувањето на европјаните! Иако, од друга страна, културата умее и да се спротивстави кога треба, какошто токму Лувр застана на страна на протестите контра предложениот од Макрон нов пензиски систем.

Но, не случајно го спомнувам токму претседателот Макрон, кон кого „ние“, нашата јавност, не негува особени симпатии. Ама човекот, во неговиот досегашен релативно краток претседателски мандат (од мај 2017 година), започна, и заврши многу работи (и) во културата. На пример, веднаш побарал експертски извештај за состојбите со реституцијата на културното наследство од Африка. За една година добил материјал од 252 страници насловен „Реституцијата на афричкото културно наследство. Кон етика на новите односи“ (автори Бенедикт Савој и Фелвине Сар). Апропо овој материјал, мора да се спомне неговиот говор (28 ноември 2017) на Универзитетот во Куагадогу (Буркина фасо), каде тој де факто ја најавува новата културна политика на Франција во областа на реституцијата, при што за прв пат во нејзината историја ја нарекува земјата во која е претседател „колонијалистичка“ (во минатото, се разбира)! Во кусиот период од претседателствувањето, Макрон најави (и реализираше) промислување на нова културна политика во светлината на „политичката битка што ја имаме денес, борејќи се против екстремизмот и маргинализацијата на креативноста и културата“. Само месец дена подоцна, им порача на водечките културни фигури во Франција, вклучувајќи ги тука и кураторите и критичарите, дека „мораме во земјата и на континентот да донесеме проект базиран на цивилизацијата и културата, поставувајќи го творештвото во самото срце на тоа што сме“! Макрон поведе иницијатива и за прифаќање на италијанското искуство за т.н. „културен бонус“ од 500 евра во текот на годината на младите од 18 години, пари што мора да се потрошат токму за тоа за што се наменети: посета на културни активности! На крај памет не ми паѓа да го фаворизирам претседателот Макрон над останатите високи европски функционери, ама тоа се податоци што ги имам „при рака“, што се вели. Вакви примери можете да наведете за секоја европска држава без исклучок, без оглед дали станува збор за иницијативност на нивните претседатели, премиери, министри за култура итн. И бидејќи го спомнувам она италијанско искуство, да го појаснам: Италија (почнувајќи од 15 септември 2016) на секој 18-годишник му доделува т.н. културен бонус од 500 евра којшто може да се потроши исклучиво за културни активности (посета на музеи, театри, концерти, археолошки локалитети итн.). Државата за една година потрошила околу 250 милиони евра за околу 600.000 тинејџери! Интересно е објаснението на тогашниот премиер на Италија Матео Ренци, кој велел дека против тероризмот и екстремизмот не треба да се бориме само со полиција, гранични стражи и разузнавање туку и со силна афирмација на Европските вредности!

Зошто ова не се случува кај нас? Зошто македонските високи политичари бегаат од културата како од корона вирус? Поточно, попрво ќе се сретнат и со него отколку со – културата! Тоа се меѓу најсериозните прашања што мора, еднаш, да си ги постави македонската држава. Најмалку сакам да оставам впечаток дека ја фаворизирам културата наспроти образованието, науката итн. Тоа се „врзани садови“, ама садот на културата е по правило – затнат! И нема кој да го прочисти. Кај нас никако не се случува да попуштат ултра-ефикасните контролни механизми на државата (не само) во поглед на културата. Таа, контролата, е присутна во сите сегменти, од највидливите до најневидливите. И сите се во нејзини раце, во рацете на власта односно нејзиното Министерство за култура. А нему не може ни мува да му прелета. Сакам да кажам дека ние сè уште живееме во контролирана држава? Се разбира. Сè додека сите контролни механизми, не само во културата, се наоѓаат во рацете на државата, сè додека ниту еден висок политичар не се впушти во беспоштедна битка со нив, културата ќе тавори на дното на државните интереси. Освен, се разбира, во инцидентни „славодобитни“ случаи коишто во принцип повторно, се чини, ги креваат рејтинзите на властодршците! Или тие само така мислат? Но тоа, сепак, кај нас е толку, толку ретко.

Инсталации: Malin Bülow

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото