Против рециклирањето

13.03.2020 00:33
Против рециклирањето

Неодамна, Њујорк Тајмс објави видео коментар во кој разоткрива „Голема рециклажна лага“. Според Тајмс, индустријата со пластика на генерации потрошувачи им продала лага дека отпадот што го прават може да се рециклира, за да создадат лажна можност за еко-пријателска потрошувачка без грижа на совеста.

Тоа е блиску до вистината, но не ја зафаќа целата поента. Вистинската вистина за „Големото рециклажно матење“ досегнува далеку подлабоко од лагата дека производите можат или не можат да се рециклираат; тоа е трајна политичка битка која ја водат корпорациите кои произведуваат отпад против јавноста за да избегнат регулација, да ја префрлат одговорноста за уништувањето на околината на потрошувачите и да го заштитат екоцидниот и мошне профитабилен деловен модел кој лежи во самото срце на индустрискиот капитализам.

Еднократен просперитет

После Втората светска војна, Американците сакаа да ја остават оскудицата од војната зад себе, воодушевено прифаќајќи ја масовната потрошувачка. Двојно ја зголемивме консумацијата на смрзнатите ТВ-вечери, безалкохолните пијалоци, новите автомобили и многу други нешта.

Тоа беше означувачот кој ја одвои Америка од сивите, празни полици со намирници кои ги поврзувавме со Советскиот сојуз. Масовната потрошувачка значеше избор; беше слобода.

Во 1959 година Ричард Никсон одлета во Москва за да може пред Никита Хрушчов лично да се фали со можностите на американскиот конзумеризам, во злогласната кујнска дебата.

Како што потрошувачката на производите сѐ повеќе се поврзуваше со американскиот сон, индустријата го искористи етосот на неумереноста за да продаде сѐ повеќе нешта за сѐ поголем профит. Венс Пакард, пророчки новинар и социолог, го критикуваше огласувањето како индустрија и стратегија која ја водеа „заговорниците“ кои ги демнеа потрошувачките слабости за да продаваат сѐ повеќе и повеќе од сопствениот производ, ветувајќи социјален статус и исполнување.

Во 1960 година Пакард ја објави книгата The Waste Makers, предупредувајќи за бројните практики на корпорациите кои создаваат отпад, можеби најмногу за концептот на планирана застареност. Според Пакард, произведувачите намерно „вградуваат рок на траење на производите“, создавајќи бомба со отпад на која ѝ отчукува времето, за потрошувачите да немаат друг избор туку одновно да ја купуваат истата стока.

Корпоративните профити пораснаа ненадејно, а новата индустрија со производи за еднократна употреба, изградена на концептот за отпад, од корен ги промени американскиот живот и корпоративната економика.

Неколку години подоцна, во 1967 година, „пластиката“ беше иднината.

„Да ја зачуваме убавината на Америка“

Но, среде Златното доба на конзумеризмот, корпоративна Америка беше зафатена со спречување бројни закани. Во текот на шеесеттите години контракултурното движење доведе во прашање многу врежани општествени норми, вклучувајќи ги и статусните симболи за поседување многу нешта.

Но, и покрај широката културна битка, корпоративните раководители водеа и политичко-економска борба против раното работничко-еколошко движење кое се закануваше дека ќе ѕирне зад завесата на профитабилниот модел на повоениот конзумеризам и потенцијално ќе ги регулира еколошки деструктивните практики на кои се потпираше.

Уште во 1953 година, како што споменува Хедер Роџерс во Tomorrow: The Hidden Life of Garbage, речиси дваесет години пред првиот Ден на планетата Земја, млекарите во Вермонт забележале дека кравите се гушат и умираат на стаклените пивски шишиња кои биле фрлени на полињата за пасење. Заради тоа, се организирале и истуркале донесување државен закон со кој се забранува не само чинот на фрлање шишиња, туку и конкретната продажба на такви шишиња од страна на комерцијалните претпријатија.

Веројатно очекувајќи слични прописи во целата земја и плашејќи се од работничко-еколошката коалиција која ги предизвика нивните практики за производство и продажба на производи кои брзо се претвораат во отпад, големите корпорации на заканите одговорија со низа „greenwashing“ кампањи за да ги нарушат активностите на еколозите и работниците.

Како што споменува Роџерс, истата година American Can Company и Owens-Illinois Glass Company регрутирале низа други корпорации специјализирани за еднократни производи, вклучувајќи ги Coca-Cola, Richfield Oil Corporation и Dixie Cup Company, за да го креираат "Keep America Beautiful" („Да ја зачуваме убавината на Америка“), непрофитен, псевдоеколошки ентитет кој заговара управување со околината како граѓанска доблест.

Потпирајќи се на поимите „добро граѓанство“ и измислувајќи го концептот за фрлање отпади како буквален грев против природата, групата ги користела симболите на белата, буржоаска доблест, од кои најпозната беше Сузан Спотлес, и црпеше од стереотипот Благороден Индијанец, пролевајќи солза над божем потрошувачки предводеното продолжение на геноцидот над автохтоните заедници, за одговорноста за управувањето со отпадот да го пренасочи од корпорациите кон потрошувачите. „Загадувањето започнува со луѓето“, им велеше организацијата „Да ја зачуваме убавината на Америка“ на Американците, „луѓето можат и да го запрат“.

Пропагандните кампањи на оваа група се покажаа како успешни. Во шесте години по нивното прво големо огласувачко партнерство со Советот за огласување, уделот на газираните пијалоци во еднократна амбалажа се зголеми за четири пати, од 3 на 12 проценти. Десет години подоцна, се зголеми на речиси 70 проценти.

Наместо корпорациите да го ограничуваат сопственото производство на материјали за еднократна употреба и да задираат во сопствената заработка, американските потрошувачи почнаа да се посрамотуваат едни со други за да управуваат со евтините отпадни производи кои ги произведува индустријата. Токму тоа беше подлата измама со која американскиот проблем со растечкиот отпад се прикажа како неодговорност на потрошувачкиот избор и индивидуалниот начин на живот, наместо како проблем на корпоративните ексцеси.

Шеснаесет години подоцна, после поразот од обновата на законот од Вермонт 1957 година и донесувањето на уредбата за фрлање отпадоци ширум земјата, од „Да ја зачуваме убавината на Америка“ проникна група која ќе се бори за понов облик на индивидуализирано управување со масовниот отпад: рециклирањето. Индустриските гиганти брзо се навикнаа на оваа практика која претставуваше алтернатива за „намалување“ или „повторна употреба“, што на купувачите им овозможи да продолжат да купуваат, но сега без вина, а на корпорациите да продолжат да го избегнуваат надзорот на регулаторите или вината која им ја наметнуваа еколозите. Групата вложи корпоративни пари во истражувања и развој на рециклирањето, отворајќи погони ширум земјата за да ги запознаат американските општини и потрошувачите со новиот облик корпоративно-пријателско управување со отпадот.

Keep America Beautiful постои сѐ уште, и заедно со другите непрофитни организации кои се занимаваат со кампањи против фрлање отпадоци и кампањи за рециклирање, а се финансираат со средства од индустријата, продолжува да го насочува вниманието на јавноста подалеку од корпоративната регулација, во насока на индивидуално рециклирање. Според извештајот на Интерсепт, филантропската гранка на Кока-Кола во 2017 година донирала повеќе од 600 000 долари за групата Партнерство за рециклажа, што се смета за даночно прифатлив добротворен подарок. Групата не само што ја преувеличува популарноста на рециклирањето, туку, тврди експертот, и натаму ги преувеличува еколошките предности и потенцијалите на самото рециклирање.

Трагедијата на Големата рециклажна лага покажува дека корпорациите не само што избегнаа одговорност за уништувањето на планетата туку и ги пренесоа трошоците за чистењето на сопствениот неред на потрошувачите. Во моментов воопшто не се работи за распределба на работата. Ова е прашање на опстанок.

Индивидуалното рециклирање самото по себе едноставно не е доволно за спас на планетата. Дури и најревносните и најодговорни рециклатори, како Сузан Спотлес, се соочуваат со структурни пречки при намалувањето на својот отпаден отпечаток. Дури и ако сите сме Сузан Спотлес и системите за рециклирање функционираат беспрекорно, средствата за производство на американскиот индустриски капитализам и натаму беспрекорно ќе генерираат отпад кој ќе учествува во процесот на производството.

Немаме друг избор туку да се впуштиме во борба против произведувачите на отпад.

Кој ја убива планетата?

Затворската управа на Њујорк Сити објави дека на 3 декември 2019 година ќе воведе Безмесни понеделници во своите затвори и притвори, делумно за да го намали својот институционален јаглероден отпечаток. Наместо да ги предизвика земјоделските корпорации кои произведуваат екоцидно ниво на емисија на метан, државата одлучи да ја пренесе одговорноста за управување со емисиите на метан на луѓето кои се во затвор и веќе немаат можност за избор на храна што ќе ја консумираат.

Потпирајќи се на тактиката на Keep America Beautiful која го изедначува фрлањето отпад со грев, гласноговорничката на проектот тоа дури го артикулираше како начин затворениците од Њујорк „да почнат да се искупуваат за сѐ што направиле во животот“.

Како што влегуваме во новата климатска ера, и како што нашата политика се прилагодува во склад со тоа, корпорациите и капиталистичките држави кои се под нивна контрола сигурно ќе ја префрлат вината - и во тоа ќе го вложат опстанокот на планетата - на најзагрозените меѓу нас, без разлика дали тоа се потрошувачи во затвор или потрошувачи од работничката класа. Кој било, само не тие. Но јавноста, а уште помалку најмаргинализираните меѓу нас, не го направија овој неред и за жал, граѓаните кои дејствуваат како поединци нема да нѐ извлечат од тоа.

Имаме обврска да се фокусираме на сопствениците на средствата за производство на отпад - на оние кои преку подложување на државна регулатива можат да се принудат на спроведување големи, системски промени потребни за некакво ублажување на климатската криза.

Слики: Sue Lipscombe

Извор: https://www.jacobinmag.com/

ОкоБоли главаВицФото