Дваесет клучни прашања и одговори за коронавирусот

13.03.2020 11:21
Дваесет клучни прашања и одговори за коронавирусот

Во овој текст собрав прашања кои гледам дека најчесто доведуваат до неразбирање или предизвикуваат одредена збунетост во врска со новата пандемија на КОВИД‒19. На сите нив понудив одговори од перспектива на научниците кои веќе две децении се занимаваат со оваа област на меѓународно ниво. Моите одговори настојуваат да понудат гледиште научно втемелено во податоците кои постојат во моментов на пандемијата, како и во искуството од претходните епидемии и пандемии предизвикани од респираторни вируси.

Меѓутоа, би сакал да нагласам дека во врска со новата пандемија КОВИД-19 и натаму постојат низа нејаснотии и дека научниците внимателно го следат нејзиниот развој и собираат нови докази, заради што е потребно сериозно да се сфати оваа пандемија и да се придржуваме до сите упатства на јавно‒здравствените експерти. Во случај на влошување на ситуацијата треба да се биде подготвен и на превентивни јавно‒здравствени мерки, како избегнување јавни собири и домашни карантини.


1. Дали ова е една од „оние“ заразни болести која ќе нѐ десеткува и која ќе влезе во историјата?

Историјата на родот Хомо и десетина човечки видови за кои денес знаеме благодарение на ископувањата ‒ е одредена од борбата со заразните болести. Видовите кои денес веќе ги нема веројатно се изумрени во голем дел заради ширење на заразните болести. Треба да се бидеме среќни што веќе не живееме во времиња кога се случуваат големи епидемии и пандемии кои го десеткувале и нашиот вид. Во текот на историјата голем број луѓе умирале во детството или младоста.

Најтешките средновековни зарази ја убивале и секоја трета личност, а пред откривањето на микроскопот луѓето не можеле ни да знаат што им се случува. Никој не мислел дека ситните, невидливи, живи микроби би можеле да предизвикаат такви болести. Луѓето претпоставувале дека ги стигнала некаква небесна казна за нивните гревови. Затоа треба да бидеме среќни што живееме во ера со ваков напредок на науката и медицината. Од 1940 година со антибиотици почнавме да контролираме голем дел од бактериските болести, а од 1960 година и бројни вируси и бактериски болести со вакцини. За жал, немаме вакцина за сите заразни болести. Како што гледаме од примерот на оваа пандемија, новите вируси продолжуваат да скокаат од другите видови врз нас зашто историјата не завршила со појавата на нашата генерација, туку таа продолжува.


2. Дали науката можеше да очекува пандемија на КОВИД‒19?

Можеше, зашто ова е веќе седми коронавирус кој настојува да се одомаќини кај човечката популација, настојувајќи да ни се прилагоди и да нѐ користи како свој резервоар. Имено, ние постоиме заедно на малата сино‒кафена планета во големата темна вселена. Ја споделуваме со уште десетина милиони други видови. Сите тие настојуваат да преживеат. Повеќе од 99 проценти од сите видови кои некогаш постоеле на Земјата не успеале да преживеат до денес. Затоа и вирусите мораат постојано да скокаат на нови видови и да ги шират своите резервоари во кои живеат. Притоа мораат да избираат победнички видови зашто не можат да се размножуваат самостојно. Опстанокот им зависи од преживувањето на видот кој им е резервоар.

Моментално луѓето се интересен потенцијален вирусен резервоар. Брзо се шириме и размножуваме ‒ од околу милијарда и половина единки пораснавме на околу седум и половина милијарди само во последните 130 години. Притоа, на сите им продираме во територијата, сечеме шуми, пресушуваме мочуришта, ловиме од разонода, го намалуваме вкупниот биодиверзитет, со други зборови, го отежнуваме преживувањето, додека нѐ има сѐ повеќе. За среќа на сите, првите четири коронавируси кои се прилагодија на луѓето предизвикуваа само обични настинки. Никој не го сметаше за сериозна закана по јавното здравје.


3. Дали САРС и МЕРС беа сериозна закана?

САРС (тежок акутен респираторен синдром) и МЕРС (блискоисточен акутен респираторен синдром) беа навистина и големо изненадување за научниците и експертите. Имено, се работеше за респираторни вируси од семејството коронавируси, петтиот и шестиот кои успеаја да преминат на луѓето. Изненадувачки беше тоа што, наместо настинка, можеа да предизвикаат мошне тешки воспаленија на белите дробови со смртен исход. Покрај тоа, стапката на смрт меѓу заразените кај двете болести беше многу застрашувачка. Двата можеа да предизвикаат ужасен помор на луѓето ако случајно се проширеа на целокупното светско население.

Коронавирусот кој го предизвика САРС‒от имаше сопствен резервоар кај лилјаците, кои хибернираат во зима во пештери. Тогаш никој не ги лови и не ги консумира. Но, тој успеа да скокне на животно од семејството мачки, на цибетката. Потоа преку цибетката успеа да зарази и човек, еден фармер во покраината Гуангдонг, кон крајот на 2002 година. Потоа САРС‒от се прошири во повеќе од 20 држави и зарази повеќе од 8000 лица, а меѓу нив умре секоја десетта личност кај која беше потврдена заразата. Тоа беше петтиот човечки коронавирус, но првиот кој можеше да убива луѓе.

Десетина години подоцна, во 2012 година, во Саудиска Арабија се појави коронавирусот МЕРС. Тој премина на луѓето од камила во пустината. Исто така се прошири на повеќе од 20 држави, а зарази околу 2500 луѓе и го уби секој трет заразен. Значи, МЕРС‒от имаше навистина застрашувачка стапка на смртност. Појавата на МЕРС‒от ни покажа дека САРС‒от не беше некаков изолиран инцидент на коронавирус кој можеме да го заборавиме, туку дека коронавирусите станаа нашиот најважен потенцијален непријател. Ако САРС‒от и МЕРС‒от се проширеа во светот и заразеа милијарди луѓе, тоа навистина ќе беше катастрофа каква што не се памети во изминатите век или два, односно она што во популарната култура се нарекува „зомби‒апокалипса“.


4. Како успеавме толку брзо да се ослободиме од САРС‒от и МЕРС‒от со оглед на тоа колку беа опасни?

Впрочем, во тие два случаи имавме многу среќа. Имено, сосема новиот вирус кој се обидува да скокне врз човечкиот вид може меѓу луѓето да се шири на три основни начини. Од тоа зависи нашата способност со мерки на епидемиолошки надзор да ја сузбиеме епидемијата. Откако вирусот ќе влезе во човечкиот организам, тој почнува да се размножува во некаков вид специјализирани клетки со кои успева да се поврзе. Во случајот со коронавирусот, тоа се клетките на дишниот систем. Тој се размножува во нив „хакирајќи“ ја нивната генетска употреба и искористувајќи ја „машинеријата“ за градба на протеини. Тоа размножување на вирусот ги уништува клетките па затоа доаѓа до симптоми карактеристични за дишниот систем: воспаление на грлото и кашлица. Во првиот начин на ширење, вирусот од заразената личност се шири кон другите луѓе само после почетокот на симптомите, во искашланите капки.

Најлесно е да се запре таквата епидемија зашто заболениот човек веќе не го напушта домот. Затоа главно ги заразува своите домашни. Исто така, релативно лесно е да се утврди со кој сѐ бил во контакт после почетокот на симптомите па тие луѓе се ставаат во изолација. Имавме среќа што САРС‒от и МЕРС‒от се ширеа дури после почетокот на симптомите на болеста, па успеавме да ја сузбиеме епидемијата со изолација на заболените и сите нивни контакти после почетокот на симптомите. Тоа е најважната причина зошто САРС‒от и МЕРС‒от тогаш не убија неверојатен број луѓе.

Многу е тешко да се запре епидемијата ако вирусот се шири од заболените на здравите во периодот на таканаречената инкубација, која трае од влегувањето на вирусот во организмот до појавата на првите симптоми. Тогаш заразената личност може да го пренесе вирусот преку контакт на значително поголем број луѓе во деновите пред да добие симптоми. Се чини дека таква е новата пандемија КОВИД‒19. Но и тогаш барем е можно за секој новозаболен да се утврди од кој претходно заболен се заразил. Имено, тие морало да се сретнат некаде па можно е да се следи цел ланец на движење на вирусот од личност на личност.

Благодарение на тоа, со интензивни мерки на изолација на сите кои биле изложени на веќе заразени можно е значително да се забави ширењето на вирусот. Тоа се правеше во Вухан. Затоа карантините се оправдани и тоа е причината зошто даваат добри резултати.

Меѓутоа, ноќна мора за секој епидемиолог е третата можност за ширење на вирусот. Во таква варијанта се појавуваат лица кои ќе се заразат со вирусот и ќе го пренесат, но никогаш нема да покажат никакви симптоми. Научниците во моментов трагаат по такви можни преносители на зараза во оваа нова пандемија. Затоа во медиумите повремено се споменуваат такви лица.

Имено, заради нив кај населението почнуваат да се појавуваат случаи кои никако не можат да се поврзат со никој од претходно заболените. Кога кај популацијата кружат луѓе без симптоми, но притоа го пренесуваат вирусот на други, тогаш многу е тешко епидемиолозите да направат нешто за да го спречат ширењето меѓу луѓето. Таквата епидемија има можност со тек на време да се прошири насекаде, најмногу заради таквите преносители кои не покажуваат никакви симптоми.


5. По што се разликува новата епидемија од претходните шест коронавируси?

Кога во толку комплексен систем каков што е екосистемот на Земјата нешто веќе се случило шестпати, тогаш не е преголемо изненадување сега да се случува и седми пат. Уште еден коронавирус деновиве се обидува да се одомаќини кај човечкиот вид. Најверојатно, во случајов примарен резервоар повторно биле лилјаците зашто генетскиот след на овој нов коронавирус се совпаѓа со оние најдени кај хибернирачките лилјаци во околу 96 проценти. Овојпат, наместо цибетката, како резервоар за премин послужил некој помал цицач или птица.

Можно е да се работело за панголин зашто кај еден од нив е пронајден коронавирус кој 99 проценти се совпаѓа со човечкиот, иако ни тоа не е сосема сигурно. Совпаѓањето не е единствениот важен фактор при скокањето на човекот. Важно е и колку единки во видот кој служи како трансферен резервоар се заразени и колку често тој вид доаѓа во контакт со луѓето. Некогаш тие фактори се поважни па можат да премостат и јаз од 2 до 3 проценти разлика во генот, зашто е забрането да се консумираат панголини ‒ тоа е заштитен вид.

Така во кинеската покраина Хубеи, во градот Вухан кој има дури 11 милиони жители, околу рибниот пазар каде кон крајот на 2019 година почна да расте бројот на заболени со необично и мошне опасно воспаление на белите дробови. Набрзо се утврди дека оваа болест се шири многу брзо. Секој заразен успеваше понатаму да зарази дури двајца до тројца луѓе. Таквата стапка на инфективност е многу висока и доведува до брз раст на епидемијата. Имавме несреќа што КОВИД-19 очигледно успева да се шири и во периодот на инкубација, веројатно преку допир.

Таа инкубација просечно трае околу пет дена, а мошне е непријатно кога трае и подолго. Но траењето и до две недели не е необично, а се чини дека има и случаи на инкубација дури до четири недели. Во целиот тој период заразените можат да го шират вирусот пред појавата на симптомите. Ако постојат и заразени кои не развиваат симптоми, ќе ни биде многу тешко да ја зауздаме оваа пандемија додека не развиеме вакцина. Заклучно, инфективноста, односно способноста за премин од заразените кон незаразените, е значително поголема кај КОВИД‒19, отколку кај САРС‒от и МЕРС‒от. Но затоа сега веќе сигурно знаеме дека стапката на смртност на КОВИД-19 сепак е значително помала од онаа кај САРС‒от и МЕРС‒от.


6. Колкава е стапката на умирање меѓу заразените од епидемијата со КОВИД-19 и зошто околу тоа има многу нејаснотии во медиумите?

Најпрвин, ќе појаснам дека во овој текст заради полесно следење го користам изразот „стапка на умирање“ наместо стручните поими „леталитет“ или „case‒fatality rate“, а за да го разликувам од изразот „стапка на смртност“, која би го означувала стручниот поим „морталитет“. За да одговориме на ова мошне комплицирано прашање најпрвин треба да се каже дека во денешната ера на интернет може постојано да се следи регистрираниот број заразени и бројот на умрени.

Кога регистрираниот број заразени ќе се подели со бројот на умрени од почетокот на пандемијата, би се добила бројка од околу 2 проценти. Од тоа, навидум, би можело да се заклучи дека овој коронавирус е нов и дека никој не е имун на него, што значи дека со тек на време ќе се прошири по целиот свет и ќе нѐ зарази сите. Ако убие 2 проценти од сите луѓе, тогаш не е тешко да се пресмета дека од 7,5 милијарди луѓе ќе умрат 150 милиони. И тешко е кој било кој не е експерт од оваа област да разбере како сега е воопшто можно да се спречи таквиот исход зашто не постои вакцина против овој вирус, како ни лекови.

Прашањето за стапката на умирање меѓу заразените со болеста КОВИД-19 укажа на општото неразбирање на епидемиолошката струка во јавноста и медиумите. Од самиот почеток на оваа пандемија имаше луѓе кои тврдеа дека новиот коронавирус е болест поблага дури и од грип, но и луѓе кои веруваа дека е значително поопасен. Минатите денови ова прашање најпосле го преокупираше вниманието на сите светски медиуми зашто Светската здравствена организација објави дека „умреле околу 3,4 проценти од заразените“. Тоа звучеше застрашувачки за медиумите и за јавноста.

Но, потоа јавно се огласи и претседателот на САД, Доналд Трамп, кој рече дека бројката што ја објави СЗО е „погрешна“. Рече дека разговарал со луѓе кои знаат нешто за тоа и дека неговиот впечаток е дека таа бројка секако е под 1 процент, ако не и значително пониска. Во своето гостување во емисијата Во недела во 2 ја изнесов и својата проценка за стапката на умирање од 0,5 до 1 процент, со можност таа да биде и помала. Меѓутоа, и Трамп и СЗО се во право, секој на свој начин, што најдобро покажува и колку заради непознавањето на оваа струка на многумина им е тешко да следат што впрочем се случува.

Во почетоците на секоја вирусна епидемија вирусот сѐ уште се мачи да скокне врз луѓето. Затоа ќе ги избира оние со ослабен имунолошки систем, кои ќе го отфрлат потешко. Затоа првите пациенти често се постари луѓе или луѓе кои имаат некакви болести кои ги прават поранливи. Тие завршуваат во болница, каде во тој момент никој не се сомнева на епидемискиот потенцијал на нивното воспаление на белите дробови.

Потоа од нив ќе се заразат други болнички пациенти, а и некои здравствени работници. Потоа последниве болеста ја прошируваат и на останатите пациенти во болниците ‒ мошне чувствителни луѓе, постари, болни кои се лекуваат од тешки болести. Заради тоа на почетокот уделот на умрените од сите заболени со КОВИД-19 беше многу висок. Така почна во Вухан, а подеднакво и во Италија ‒ умираа болните во болниците, претежно многу стари и болни луѓе.

Во меѓувреме, вирусот почна да се шири и кај општата, односно вонболничката популација. Заразуваше многу луѓе кои инаку се здрави и сѐ подобро се прилагодуваше. Голем број од тие луѓе мислеле дека имаат настинка, грипче, а можеби и потежок грип, кој го прележале дома или на нога. Со оглед на тоа дека во Вухан во времето кога почна епидемијата беше и сезона на грип, а се прочу и дека во болниците се случува нешто чудно и дека луѓето умираат масовно, се разбира дека многумина со коронавирус остануваа дома и се лекуваа сами. Малкумина сакаа да одат во болница и да се тестираат дали грипозноста е од коронавирус, кога таму се разгоруваше навидум мошне смртоносна епидемија. Малкумина кои се бореле со температура и симптоми подолго од осум или девет дена побарале помош во болниците во Вухан.

Во Кина типично не постои примарна здравствена заштита и семејна медицина како што ни е познато нам, туку во нивните големи градови постојат големи болници каде заболените се јавуваат директно. Затоа стапката на умирање кај болните во болниците во Вухан на почетокот на епидемијата беше застрашувачки висока.


7. Дали заболувањето на најзагрозените во болниците во Вухан на почетокот на епидемијата е единствената причина за високата почетна стапка на умирање од КОВИД‒19?

Не. Епидемијата на почетокот изгледаше уште поопасно зашто изврши голем притисок врз болничките единици за интензивна нега, кои неподготвени ја дочекаа заразата. Затоа сите тешко болни не можеа да добијат интензивна нега. Тоа дополнително ја зголеми стапката на смртност на почетокот од епидемијата. Затоа Кинезите и почнаа да градат нови болници ‒ за да имаат доволен капацитет за пружање интензивна нега и да ги оддалечат сите заразени со КОВИД-19 од останатите тешко болни заради други болести, кои се најризични да умрат ако се заразат.

Врз основа на овие наоди, треба да се сфати дека вкупниот број заразени од болеста КОВИД-19 во Вухан беше многу поголем отколку што покажуваа здравствените статистики. Имено, потврдено заразени се само оние заболени од коронавирус кои најпосле морале да дојдат во болница и таму биле тестирани на новиот вирус. Тие никако не се репрезентативни за сите заразени со коронавирусот во Вухан.

Значи, нивната стапка на смртност не може да се преслика дури ни на популацијата вкупно заразени од коронавирусот во Вухан, а камо ли на целокупната популација на Вухан ‒ односно на сите заразени и незаразени. Затоа е сосема погрешно на интернет да се гледа бројот на потврдено заразени и бројот на умрени па бројот на умрените да се дели со бројот на потврдено заразените и од тоа да се извлекуваат некакви заклучоци.


8. Зошто бројките за бројот на заразени и умрени на интернет, кои постојано се надополнуваат, создаваат погрешен впечаток за стапката на умирање од КОВИД‒19?

Ако бројот на умрените се подели со потврдениот број заразени, тогаш пресметувањето на реалната стапка е погрешно. Дури и бројката на умрените е погрешна зашто ако ги следиме потврдено заразените и умрените во реално време, односно од ден на ден, се разбира дека многу заразени воопшто немале шанса ниту да оздрават ниту да умрат. Луѓето на интензивна нега ќе умираат со денови, недели, можеби и со месеци, па затоа бројот на умрените ќе се зголемува со текот на времето. На тој начин идниот број регистрирани умрени сѐ повеќе ќе одговара на моменталниот број регистрирани заразени. Стапката на смртност „на умрените преку потврдено заразените“ тогаш нема веќе да биде 2 или 3 проценти, туку може да расте со текот на времето, можеби и на 6 или 7 проценти.

Затоа да се каже дека 3 или 4 проценти досега потврдено заразени умреле впрочем не е погрешно самото по себе, а тоа и го направи СЗО. Но она што пропушти да го објасни е дека стапката на смртност меѓу потврдено заразените е сосема нерепрезентативна за стапката на смртност меѓу вкупно заразените, која е значително помала. Како епидемиолог не би ме изненадило ако е и до десет пати помала, а можеби и повеќе. Најпосле, тоа би можело да го направи КОВИД-19 помалку смртоносен и помалку опасна болест дури и од обичниот грип.


9. Дали можете да бидете сигурни дека вкупниот број заразени лица е многу поголем од бројот на регистрирани заразени лица, има ли докази за ова?

Со оглед на тоа дека вирусот е нов и непознат, ова е клучно прашање. За жал, мора да се дозволи и можноста овој вирус да е различен од веќе познатите. Можеби стапката на смртност кај потврдените заразени лица е само 3 до 5 пати помала од стапката на смртност кај заразените лица, а не за десет или триесет пати пониска. Она што е единствено сигурно е дека бројот на потврдени заразени луѓе со сигурност не е еднаков на вкупниот број заразени во Вухан. Тековните глобални тотали за КОВИД-19 сè уште се во голема мера определени од она што се случи во Вухан на почетокот на епидемијата, бидејќи околу две третини од случаите ширум светот сè уште потекнуваат од Вухан.

Затоа во емисијата Во недела во 2 (на ХРТВ) објаснив дека стапката на смртност кај потврдените заразени лица не е толку важна бидејќи е подмножество на најтешките пациенти. Треба да ја знаеме стапката на смртност кај вкупно заразените. Сепак, никој не може со сигурност да ја знае во овој момент зашто најмалку 100.000 жители на Вухан треба да бидат тестирани а потоа да биде откриено присуство на антитела против коронавируси. Соодветно на тоа, би го знаеле процентот на луѓе кои го прележале вирусот без да отидат на лекар. Досега никој не ги спровел овие студии зашто здравствениот систем беше преокупиран со дијагностицирање на коронавирусот во болниците и се бореше со тоа. Сега е познато дека за време на некои денови од избувнувањето, додека се ширел, немало доволно тестови за сите што имале симптоми.

Сепак, првите дополнителни докази почнуваат да се појавуваат. Првиот од нив е извештајот на една меѓународна комисија на експерти која ја посети Кина. Тие заклучија дека при преглед на речиси сите случаи низ Кина пријавени по 1 февруари, кога значително се подобри и прошири идентификацијата на сите заразени, а болниците беа подобро подготвени за епидемијата, стапката на морталитет на сите случаи кои се под здравствен надзор и биле тестирани паднала на 0,7%.

За сите што се скептични за податоците што пристигнуваат од Кина, добивме извештаи и од Јужна Кореја. Во таа земја, властите навистина дадоа сè од себе за агресивно да ги тестираат луѓето, да ги бараат заразените, да ги изолираат и да ги третираат. Во нивните досегашни анализи стапката на смртност кај сите заразени е 0,6%. И двете бројки би можеле да се зголемат малку, но не и значително, доколку ги вклучиме и оние што би можеле да умрат со текот на времето, а во моментов се сметаат за заразени, но со толку ниска стапка на смртност, тие нема да бидат толку многу. Поверојатно е дека многу заразени луѓе и понатаму остануваат недијагностицирани, а така стапката е уште пониска.

Уште еден интересен неодамнешен нов извор е и студијата на повеќе од 1.000 пациенти со КОВИД-19 следени до крајот на болеста, собрана од над 500 кинески болници, објавена во врвно научно списание. Таа ја покажа нивната стапка на смртност од 1,4%. Сепак, не беа сите заразени повторно, туку оние што побараа лекување во болница и затоа стапката на заразени треба да остане барем два до три пати помала.

Значи, се чини дека податоците од многу различни и сигурни извори почнуваат да се приближуваат кон вредностите што ги предвидов во во емисијата, т.е. 0,5% до 1%. Поради сето ова, американскиот претседател Доналд Трамп, најверојатно, има право кога вели дека тој број е сигурно помал од 1%, и тој верува дека би можел да биде далеку под 1 отсто. Сè што знаеме за епидемиологијата и претходните пандемии, ни дава надеж дека тоа би можело да биде така.

10. Можат ли навистина сите во некоја земја да се заразат со коронавирусот? Ако можат, дали тогаш стапката на умирање од 0,5% или 1% би била применлива на целото население?

Вирусот нема да успее да зарази баш секого во Хрватска, од низа причини. На првата линија на одбрана во моментов стојат противепидемиските мерки. Се тестираат сите кои би можеле да бидат заразени, а потоа се спроведува изолација на заболените од КОВИД-19 и сите нивни контакти. Тие мерки значајно го успоруваат и оневозможуваат ширењето на вирусот и ни купуваат време. Исклучително е важно бројот на заболени да не расте пребрзо, за на луѓето одздравствениот систем да им овозможиме да згрижуваат и пружаат квалитетна нега на сите заболени, а по потреба и интензивна нега. Кога не би постоеле овие мерки, би се случил експоненцијален раст на бројот на заразените, што набрзо би станало неиздрживо за здравствениот систем. Потоа, од потполна зараза делумно нè штити и нашата географска раштрканост, т.е. животот на луѓето во многу помали места и населби. Во голем број од нив веројатно никогаш нема ни да влезе никој заразен.

Како што луѓето ќе се заразуваат и оздравуваат, би требало да стекнуваат имунитет на вирусот. Поради тоа на вирусот ќе му останат сè помалку луѓе врз кои ќе може да скокне. Во еден момент, бројот на нови особи кои секој заразен ќе може и понатаму да ги заразува ќе се намали на просек помалку од еден. Со тоа епидемијата самата себе ќе се ограничи и ќе застане. Тоа е и причината зошто вакцинираме ‒ за да му ги оневозможиме на вирусот, ако и зарази некој невакциниран, бројните опции за понатамошно ширење. Имено, луѓето веќе ќе имаат имунитет на вирусот и ќе го отфрлат, ако вирусот се обиде да влезе во нив. Многу процеси во природата се самоограничувачки на сличен начин ‒ и шумските пожари, и падовите на берзата, и епидемиите.

Понатаму, во емисијата Во недела во 2 објаснив и зошто конечно утврдената стапка на умирање меѓу сите заразени не би требала директно да се преслика на целокупното население на некоја држава, за да се процени можниот број на жртви. Првата причина е што вирусот го зафаќа претежно постариот дел од населението. Затоа таа утврдена стапка на умирање меѓу сите заразени може да се проектира само на постариот дел од населението, но не и на младите и децата. Младите и децата заболуваат ретко, а нивните стапки на умирање се значително помали. Тоа дополнително придонесува за намалување на потенцијалот на вирусот и за можноста тој да доведе до многу голем број жртви од КОВИД‒19.

11. Треба ли тогаш да се плашиме од епидемијата на КОВИД‒19, и колку?

Ситуацијата треба да се сфати сериозно и да се биде внимателен, но нема причини за претеран страв, а посебно не за паника. Разбирам дека многумина се плашат од пандемијава оти веројатно мислат дека сме во сосема непозната ситуација па може да се случи било што. Но не е веројатно дека би можеле да се случат работи за кои науката не би знаела да пронајде објаснувања и одговори, а епидемиолошките служби навремено да реагираат. Иако на сериозниот научник неблагодарно му е да прогнозира што било околу ширењето на сосема нов и непознат вирус низ целата човечка популација во светот и да го предвиди секој поединечен настан, во текот на изминативе недели за новиот коронавирус КОВИД-19 сепак собравме доволно податоци за барем некои предвидувања.

Ако новиот коронавирус со време се прошири низ Хрватска и успее да ги заобиколи бројните мерки на превенција кое сега се на сила, бројот на неговите жртви би требало, барем приближно, да биде споредлив со бројот на жртвите од грип или од сообраќајни несреќи во истиот период. Тоа значи дека одредена здрава претпазливост е препорачлива. Таа претпазливост е разумна сè додека е на истото рамниште како и стравот што можеби го чувствувате кога седнувате во кола и се спремате на малку подолг пат, или кога на вести ќе чуете дека во емјата дошла потешка форма на грип. Но тогаш многумина се прашуваат зошто за коронавирусот воопшто толку се грижиме и пишуваме. Тоа е зашто грипот веќе со десетлетија ни е добро позната болест, се враќа секоја година и имаме искуство со неговите манифестации врз десетици милиони заболени во светот, знаеме како однапред се развиваат вакцини против него, а почнавме на пазарот да добиваме и први донекаде делотворни лекови. За разлика од грипот, новиот коронавирус ни е непознат и претпазливи сме најмногу поради тоа за да не нè изненади. Притоа, оние најзагрозените меѓу нас, кои се веќе потешко болни или мошне стари, не се заштитени со вакцина, како што е случај со грипот, па новава болест полесно може да предизвика умирање.

12. Дали сега е веќе сосема јасно дека КОВИД – 19 е значително поопасна болест од грипот?

Ова прашање постојано се наметнува зашто многумина ги гледаат бројките без подлабоко разбирање на нивната позадина, па споредуваат неспоредливо. Најпрвин, јавноста генерално го потценува грипот, бидејќи тој е тешка и опасна болест, особено за најчувствителните, старите и болните. Во светот, грипот годишно предизвикува помеѓу 250.000 и 650.000 смртни случаи, зависно од видот на вирусот што циркулира. Разните видови можат да предизвикаат полесни или потешки симптоми, а од година во година вирусот мутира. Меѓутоа, настојуваме да се подготвиме за грипот со вакцинирање на најзгрозените пред почетокот на сезоната на грип. Заради тоа бројката на умрени од грип ја намалуваме со превентивна здравствена интервенција, т.е. вакцинирање, а тоа кај ширењето на КОВИД-19 не можеме да го направиме. Тоа е првата причина зошто грипот се чини помалку опасен, но можеби тој не е помалку опасен, туку сме ги заштитиле најзагрозените. Притоа, заради вакцинирањето на грипот му е потешко да се шири меѓу населението бидејќи има помалку опции да се пренесува на незаразените. Заради забавеното ширење побавно се појавуваат и нови случаи па здраствениот систем има време квалитетно да ги згрижи, особено ако бараат интензивна грижа.

Втората причина е што бројката на умрени директно од грип е неколку пати помала од бројот на посредно умрени од грип. Во статистиките за причините за смрт грипот често не се наведува како директна причини ако довел до влошување на некои веќе долготрајно присутни хронични болести. Во таков случај тие хронични болести се наведуваат како примарна причина за смртта, а не грипот. Заради тоа вистинската улога на грипот во вкупната годишна смртност на населението често е значително потценета. Би можела да биде и неколку пати поголема кога на крајот на секоја година би се спровела повторна класификација на причините за смрт со оглед на зголемувањето на смртноста од хронични болести за време на епидемијата на грип.

Третата причина е што за вкупниот број на навистина заразени од грип во заедницата имаме значително подобра претстава отколку за коронавирусот. Тоа е зашто грипот е болест која во светот обично се третира во рамките на примарната здравствена заштита, по што заболените се упатуваат на домашна нега, а само најтешките случаи завршуваат во болница. Заради обврската за пријава во средишниот регистер, како и заради боледувањата што се отвораат, вкупниот број на заразени од грип во популацијата, т.е. именителот за стапките на смртност, е значително подобро познат за грипот отколку за коронавирусот. КОВИД-19 досега се дијагностицираше и се лечеше исклучиво во болниците кај потешките случаи кои стигнуваа до болница. Во неговите проценки за стапката на смртност вклучени се заболените од болнички епидемии, кои се ширеле меѓу старите, болните и имунокомпромитираните луѓе.

Од сето ова треба да се заклучи дека стапките на умирање од грип, како многу опасна вирусна болест, се математички намалени во однос на моменталните извештаи за стапката на смртност од коронавирусот зарадите споменатите три причини. Првата е што најзагрозените од грип ги вакцинираме пред доаѓањето на грипот. Втората причина е што здравствените статистики повеќето умрени од грип не ги бележат како умрени од грип, туку поради влошувањето на веќе постојните болести како кардиоваскуларните заболувања, шеќерната болест, малигните тумори и други.

Третата причина е што именителот кој го користиме за пресметување на стапката на смртност од грип е многу поблизок на вкупниот број на навистина заразени во населението, додека уште доволно не го знаеме именителот кај коронавирусот. Епидемиолозите врз база на искуството со останатите респираторни вируси знаат дека случувањата во болниците, меѓу најзагрозените, никако не смеат да се пресликуваат и на очекувањата за настаните во пошироката заедница, меѓу здравите. Меѓутоа, пошироката јавност на која тоа не ѝ е струка не може да има точно чувство за таа голема разлика. Затоа сите стапки на смртност од грип во однос на бројот на заразени, моментално не се споредливи со сите стапки на смртност од коронавирусот со кои моментално се оперира.

Додека пошироката јавност, од една страна, го потценува ризикот од грип од три причини, исто така е лесно да се прецени ризикот од новиот коронавирус заради интензивниот медиумски фокус врз него. Ако доаѓањето на грипот во Хрватска секоја година би се следело на овој начин, да се известува за секој заразен и за нивното тестирање за грип, речиси секој ден некој во Хрватска би умрел директно од грипот во текот на зимските месеци, а уште тројца или четворица луѓе индиректно. Тогаш јавноста би сфатила колку е навистина опасен грипот и дека е разумно вакцинирањето против него.

Затоа сè уште не ми изгледа возможно, барем во оваа фаза на пандемијата, решително да кажам која од двете болести е инхерентно поопасна за луѓето или која ќе предизвика повеќе смртни случаи годинава. Грипот барем навидум ќе предизвика помалку смртни случаи зашто најранливите се вакцинирани, а многу од смртните случаи што ги предизвикува, во здравствената статистика не му се припишуваат на грипот. КОВИД-19, пак, ќе предизвика помалку смртни случаи отколку што би можел заради мерките на епидемиолошки надзор, спречување на ширењето и можното воведување на строг карантин, а исто така може да има сезонски својства и едноставно да исчезне во доцната пролет.

13. Дали се оправдани строгите карантини?

Кога немаме други средства да се браниме од новиот вирус, сè што навистина можеме да направиме е да се повлечеме во затворено и да спречиме вирусот да скокне од заразени на здрави лица. Луѓето генерално немаат интуитивно чувство за експоненцијален раст. Тоа е како во онаа стара приказна за еден император кој требало да награди човек со тоа што ќе стави едно зрно пченица на првото поле на шаховска табла, а потоа ќе го удвои уште 63 пати, за да на крајот добие неописливо поголем број од сите зрна пченица во светот.

Така е и со епидемиите.

Ако секој новозаболен дневно зарази само уште една личност, во текот на раната фаза за четири дена, бројот на новозаболени ќе се зголеми од 2 на 16 луѓе, што не се чини како голем пораст. Нешто подоцна ќе прескокне до 1024 заразени со 128 новозаразени во текот на следните три дена, и тоа не звучи толку страшно. Но, потоа ќе дојдат четири дена во кои бројот на новозаболени ќе се зголеми од 100.000 на 800.000. Кога Кина виде дека епидемијата КОВИД-19 е надвор од контрола и влезе во таа експлозивна фаза, веднаш го отсече Вухан од остатокот на земјата, а потоа и петнаесет други градови. Покрај тоа, нареди населението во овие отсечени области да остане во домовите и да не излегува. Тоа беше мерка без преседан во човечката историја – десетици милиони луѓе со недели беа во карантин. Сè запре.

Сепак, оваа мерка донесе одлични резултати и Кина би можела да го запре бројот на умрени на помалку од 5.000, иако епидемијата ги затекна неподготвени и вирусот се прошири во сите провинции. Неодамнешниот извештај на комисијата на Светската здравствена организација составена од 25 меѓународни експерти кои ја посетија Кина го заклучи следново:

„Исклучително храбриот кинески пристап за спречување на брзото ширење на овој нов респираторен вирус го смени текот на дотогаш брзо ескалирачката и смртоносна епидемија. Соочена со непознат вирус, Кина го спроведе веројатно најамбициозниот и најагресивен напор за борба против заразни болести досега во историјата. Оваа бескомпромисна и ригорозна не-фармацевтска мерка на обичен карантин при спречување на преносот на вирусот КОВИД-19 во повеќе контексти, сега ни дава клучни поуки за планирање на глобален одговор. Овој единствен јавно-здравствен одговор без преседан во историјата сосема ги пресврте ескалирачките случаи на зараза во покраината Хубеи, каде што веќе дошло до широко распострането пренесување во заедницата, како и во сите други провинции, каде се чини дека пренесувањето во рамките на семејството ја поттикнало епидемијата.“

14. Што се случи на бродот „Diamond Princess“, кој, исто така, е изолиран? Се чини дека таму стапката на смртност на заразените е поголема од 1 отсто. Нели е тоа многу информативно за научниците?

Може само да кажам дека ова се случило можеби зашто на овие големи бродови луѓето се претежно постари, затоа треба да се погледне возраста и родовата структура на патниците што, верувам, би објаснило повеќе за ова. Исто така, сосема е можно дека мутираната верзија на вирусот, која е нешто поопасна, да влезе во некој џеб и се да се појават такви изолирани групи во кои болеста всушност има потежок тек. Ова не е невозможно, но не е ниту веројатно дека може да се преслика за целото население на некоја земја.

Вирусот, кој сега се шири на човечкиот род, продолжува да мутира со цел да ни се прилагоди што е можно побрзо. Според претходните епидемиолошки искуства, многу од овие мутации треба да го направат помалку опасен за нашето здравје, зашто на тој начин подобро ќе ни се прилагодат нам. Сепак, некои случајни мутации би можеле да го направат поопасен и заради тоа треба да бидеме претпазливи додека вирусот подобро не го запознаеме и додека не заврши пандемијата. Малку е веројатно дека новиот коронавирус ќе мутира и ќе стане значително поопасен отколку што е сега, но тоа дефинитивно ќе може да го тврдиме дури кога ќе заврши пандемијата.

15. Што се случува во Италија и во Иран? Дали таму КОВИД-19 се однесува поинаку отколку во другите земји? Може ли причина да биде внесувањето на мутирани, поопасни варијанти?

Тоа се тешки прашања додека не добиеме повеќе квалитетни податоци од двете земји. Начелно, можно е првиот влез на вирусот во некоја нова држава да биде во телото на заразениот во кое вирусот мутирал во некој потежок облик. Ако сите понатамошни случаи потекнуваат од тој, мутиран и поопасен вирус, тогаш во тие држави ситуацијата на почетокот може да изгледа потешка отколку на други места, додека не се појават и други внесувачи на вирусот. Во популациската генетика ваквиот развој на настаните се нарекува „founder effect" – ефект на втемелувачот. Меѓутоа во двете земји може да се работи и за други објаснувања.

Причината зошто се чини дека стапката на смртност кај заразените лица во Италија е многу висока е зашто болеста таму се ширеше најпрво во болниците во малите места, целосно неподготвени за епидемија, и кај постарите луѓе со поголем ризик да умрат доколку се заразат. Стапките на смртност во болничките епидемии меѓу постарите, болните и можеби имунокомпромитираните луѓе ќе бидат значително повисоки отколку во заедницата, меѓу здрави и помлади луѓе. Меѓу првите стотина починати сите беа постари од 60 години и имале хронични болести. Затоа стапката на морталитет се чини толку висока, но едноставно не е репрезентативна за целото население. Сезонскиот грип веројатно би направил слична штета ако многумина не беа вакцинирани против него. Но, исто така е можно дека има многу повеќе случаи меѓу населението отколку што се мислеше претходно, бидејќи вирусот се шири веќе подолго време. Меѓутоа, во Иран ситуацијата засега е сосема нејасна. Најверојатното објаснување е дека веќе има значително повеќе случаи на зараза кај населението отколку што се мисли.

16. Дали е можно оваа болест да нè изненади и на крајот да се покаже како многу поопасна од сезонскиот грип и да усмрти повеќе од милион луѓе на светот или дури неколку милиони?

Ако КОВИД-19 се покаже значајно поопасен од сезонскиот грип, тогаш навистина би можеле да очекуваме милион смртни случаи ширум светот, можеби и значително повеќе. За жал, тоа сценарио секогаш е начелно можно кај нов и непознат вирус, од низа причини. Поради тоа сите стручњаци за ова подрачје, вклучувајќи ме и мене, постојано повикуваат на претпазливост, но без непотребна паника.

Во кои сценарија ситуацијата би можела да стане многу потешка? Најпрвин, повеќето епидемиолози врз основа на искуството со претходни епидемии и пандемии очекуваат како стапката на смртност од болеста КОВИД-19 ќе падне значајно под 1% кога бројот на умрените ќе почне да се дели со подобрата процена на сите заразени меѓу населението. Меѓутоа, вирусот е нов па е начелно можно кај овој специфичен вирус бројот на заразените нерегистрирани особи можеби и не е толку голем колку што епидемиолозите би очекувале. Тоа за науката би било одредено изненадување и би укажувало на различната нарав на овој вирус.

Новиот коронавирус предизвикан од КОВИД‒10 делумно е сличен на оној кој предизвикуваше САРС. Причинителот на САРС имаше, пак, исклучително висока стапка на смртност меѓу сите заразени. Ако се покаже дека бројот на вкупно заразените меѓу населението е поголем од регистрираните заразени само два или три пати, а не барем десет пати, тогаш стапката на смртност на заразените од КОВИД-19 би можела да бие значајно повисока од грипот. Во комбинација со ненаправено вакцинирање, бидејќи вакцина немаме, би довела до значајно поголем број умирања во споредба со грипот. Но, таквиот развој на настаните ќе настојуваме да го спречиме со мерки на изолација на заболените и нивните контакти, како и со карантини, кои кај грипот не ги применуваме. Притоа ќе се надеваме и дека заминувањето на зимата и новите годишни времиња ќе ни станат сојузници кои ќе го успорат или сосема ќе го оневозможат понатамошното ширење на вирусот.

Понатаму, вирусот со ширење меѓу заразените луѓе би можел да мутира во некој свој поопасен облик, но и во поблаг. Претходните искуства со епидемиите покажуваат дека мутирањето во поблаги облици е поверојатно, но ни мутирањето во поопасни облици, или во оние што полесно се шират, не е невозможно. Во некои земји таквата варијанта локално би ја покачила стапката на смртност во однос на други држави, или би го забрзала заразувањето. Тоа нивните здравствени систгеми би ги довело во навистина тешка ситуација оти единиците за интензивна нега набрзо би станале преоптоварени. Поради полошата нега, стапката на умирање на сите заразени дополнително би се зголемила, со колапс на дел од здравствениот систем. Мошне е непријатно и сценариото во кое со време би се заразиле и многу здравствени работници, пружајќи им нега на заразените, што би ја отежнало ситуацијата.

Затоа во моментов можеби најважните граѓани во нашата земја се здравствените работници кои работат во болниците за заразни болести, посебно во единиците за интензивна нега. Треба да ги чуваме од преоптовареност, но и од зараза со коронавирус. Со поголем број на заразени, побарувачката за поквалитетна интензивна нега, респиратори и ECMO уреди за вонтелесно збогатување на крвта со кислород, како и по лекари и сестри на тие оддели, ќе стане „тесно грло“ на здравствениот систем кој ќе треба да се појачува и дополнително засилува веќе сега, пред да дојдат поголемите притисоци.

Најлошото сценарио е влегувањето на некоја поопасна, мутирана верзија на коронавирус во една од многу сиромашните држави со слаб здравствен систем. Тие земји не можат да спроведуваат задоволително квалитетни мерки на епидемиолошки надзор. Тогаш поопасната верзија на вирусот релативно брзо би заразила голем процент од населението на таа земја. Би настанала паника, веројатно и црн пазар за транспорт на мигрантите во други земји. Тогаш КОВИД-19 би почнал неконтролирано да се шири на сосема нов начин.

Во случај на кое било од овие неповолни сценарија, кои сите за жал се можни, иако не и веројатни, ќе ни биде потребна сосема нова стратегија за заштита. Секоја држава ќе има сопствен пристап ако ситуацијата стане полоша. Ако бројот на умрени во секоја земја почне да расте толку за да предизвика страв меѓу населението, луѓето ќе прифаќаат и значајно построги мерки. Во тој случај повеќето држави ќе го преземат „кинеското“ решение кое се покажа ефикасно во Вухан ‒ прогласување големи и мошне строги карантини. Многу е битно да се купува време со таквите карантини за здравствените системи да не се преоптоварат и за да можеме да го дочекаме крајот на зимата и можното сезонство на вирусот, кој тогаш би можел да се шири заслабнато или сосема да исчезне, барем до следната зима.

17. Покрај причините за претпазливост и неповолните сценарија, има ли причини за за можен оптимизам?

Има барем неколку причини за оптимизам. Најпрвин, во моментов целото подрачје на Европската Унија е под епидемиолошки надзор и претставува „прва линија на одбраната“. Ако таа добро фукционира во повеќето земји, можно е нивните епидемии да бидат контролирани и да не преминат во фаза на експоненцијален раст на заразените. Во најповолното сценарио, со тоа задржување, овој коронавирус би покажал сезоналност и полека би исчезнал од циркулацијата со промените во природата карактеристични за доцната пролет и лето. Тоа е најповолното сценарио, во кое конечниот број на умрени би бил значајно помал од оној предизвикан од грип годинава.

Меѓутоа, ако вирусот ги пробие првите линии на одбрана и епидемиолошкиот надзор и ако државите сфатат дека епидемијата почнува да „галопира“, тогаш владите ќе преземат построги мерки, како Кинезите. Неколку модели направени изминативе неколку недели покажуваат дека строгиот карантин би требало сосема да го сузбие ширењето на коронавирусот во рамките на три месеци. Истото го видовме во Кина. Затоа ми се чини дека е една голема позитивна лекција од оваа пандемија тоа што човештвото во денешно време би знаело да преживее дури и многу поопасни болести од КОВИД-19 со мерки на строг карантин, во кој луѓето би останале сè додека научниците не развијат вакцини. Ова е навистина нова ситуација која тоа ни го покажува.

Конечно, треба да укажеме и на неуморната работа на бројни научници кои во моментов тестираат над сто лекови насочени против овој вирус, како и барем единаесет експериментални вакцини. Не е неможно во некое догледно време да добиеме препораки за примена на лекови, а и вакцините со време би требало да станат достапни. Во оваа необична ситуација тоа се непознати фактори кои во еден момент можат да станат важни и да предизвикаат битна разлика.

18. Покрај ефикасноста на карантинот во Кина, можеме ли да извлечеме уште некои поуки од оваа пандемија?

Секогаш треба да се настојува да се најде и нешто добро во сето лошо што сега ни се случува. Се надевам дека од оваа „инфодемија“ многумина најпосле ќе разберат колку е грипот опасна болест и дека ќе почнат да се вакцинираат против него. Секоја година грипот убива меѓу 250.000 и 650.000 луѓе во целиот свет. Во Кина, која е една шестина од светското население, бројот на умрени од КОВИД-19 би можел, благодарение на карантинот Вухан, да застане под 5000. Кога и сите други земји би можеле да ги преземат противепидемиските мерки што ги воведе Кина, тогаш вкупниот број на умрени од КОВИД-19 би требало да биде најмногу 6 пати поголем, т.е. до 30.000. Тоа би било десет пати помалку од вкупниот број умрени кои годишно ги предизвикува сезонскиот грип. За жал, многу земји нема да можат ни приближно да го следат примерот на Кина и ќе имаат неконтролирани епидемии ако потоплите годишни времиња не го сопрат ширењето на вирусот.

Понатаму, ако вирусот продолжи да се шири низ целата 2020, на многу суров начин ќе се покаже колку добро функционираат јавно‒здравствените системи на одредени држави. Ќе биде можно да се направат табели за успешноста на секоја земја во зауздувањето на оваа нова заразна болест, со оглед на бројот на жители и нивната старосна структура. Тоа ќе бидат многу важни лекции во подготовката за некоја идна пандемија, која би можела да биде уште поопасна.

Исто така, вирусот се шири со контакт и преку капки. Тоа значи дека се важни редовното и добро миење раце, избегнувањето да се допираат површини допрени од многу луѓе (кваки, ракофати, банкомати), избегнувањето на ракувањата, држењето дистанца од барем два чекора оддалеченост од особи со симптоми на респираторни инфекции, а пожелно е и редовно луфтирање на станбените простории. Корисно е и да се поработи на оснажувањето на личниот имунитет со доволно количество спиење, телесни вежби и со добра прехрана.

19. Има ли, барем засега, вистински изненадувања за науката, поврзани со пандемијава?

Многу малку, би рекол. Објаснив зошто не е изненадување после шест претходни коронавируси човекот да биде нападнат и од седмиот. Ни неговата брзина на ширење не е изненадување оти постојат и многу поинфективни, како и значително помалку инфективни респираторни вируси. За епидемиолозите донекаде би било изненадување ако бројот на заразени во популацијата не биде значително поголем од бројот на регистрираните заразени, што стапката на смртност би ја покачило значајно над онаа за грипот. За тоа и понатаму чекаме информации од квалитетно спроведени студии.

Можеби најголемите изненадувања се поврзани со клиничкиот тек на КОВИД‒19, а не со самата епидемиологија. Клиничарите во Кина известуваа дека регистрираните заразени се јавуваат мошне доцна во болница, просечно после дури 9‒12 денови одлежани во домашна нега. Тоа може да биде одраз на нивниот страв да се пријават в болница во текот на епидемијата, но исто така може да биде и интересно обележје на болеста со бавен развој во однос на другите респираторни заразни болести. Понатаму, се чини дека покачената телесна температура не ги следи другите симптоми на болеста во првите денови, што го отежнува пронаоѓањето на случаи со помош на контрола на температурата.

Во медиумите се пишуваше и за можното враќање на вирусот после прележаната болест кај некои случаи. Тешко е, засега, да се знае колку се чести таквите случаи, а колку се исклучок. Многу разни респираторни вирусни болести секогаш треба да се „прележат“, т.е. да му се дозволи на организмот и ден‒два по завршувањето на болеста да се опорави оти не е непознато дека тие болести можат да се вратат ако имуносистемот во потполност не го отстранил вирусот од организмот. Но, кај сите нови и непознати вируси ваквите изненадувања се можни; затоа треба да се биде внимателен сè додека пандемијата не заврши.

20. Какви се заклучните пораки?

Во сите одговори што ги понудив во текстов настојував да го пренесам увидот во најверојатните научни објаснувања за бројните информации што се објавуваат за болеста КОВИД-19 во домашните и светските медиуми. Со време ќе се покаже дека некои од веројатните научни објаснувања ќе треба да се модификуваат според новите информации. Не треба да се заборави дека имаме работа со нов вирус, па изненадувањата и отстапувањата од очекуваните сценарија начелно се можни. Затоа истакнувам дека претпазливоста е потребна, но не и паниката. Ќе го следам понатамошниот развој на пандемијата и ќе ги пренесувам и интерпретирам новите сознанија на социјалните мрежи во Хрватска.

Очигледно, треба да се подготвиме за болест налик на потежок грип, против која никој нема да може да биде вакциниран. Затоа постарите луѓе и оние со потешки болести (срцево болните, шеќерашите, оние со рак...) исклучително треба да се чуваат оти за нив болеста е мошне опасна. Откако ги стекнавме првите сознанија за КОВИД‒19, сега треба да се концентрираме на спречување на ширење на вирусот и купување време до потоплите денови, кога можеби вирусот ќе престане да циркулира, ако имаме среќа, поради сезонството. Во моментов, за жал, тоа не можеме да го знаеме. Од сето напишано би требало да разбереме дека се оправдани сите мерки за активно пронаоѓање и изолација на заболените и на нивните контакти.

Превод и подготовка: Окно
Банери и дизајн: Кома
Извор за текстот:
Index.hr



Поврзан прилог: Водич за деца за новиот коронавирус

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото