Покрај вирусите, грижете се за менталното здравје!

13.03.2020 14:19
Покрај вирусите, грижете се за менталното здравје!

Европската асоцијација Mental Health Europe дава препораки за грижа за своето ментално здравје поврзани со предизвиците и новонастанатата ситуација со Covid-19 (корона) вирусот. Оригиналните препораки на англиски може да ги најдете на линкот. Подолу се пренесени, и/или адаптирани препораките на македонски јазик:

1. Барајте точни информации во врска со вирусот од официјални извори – Национален институт за јавно здравје, Министерство за здравство, Светска здравствена организација и сл.

2. Поставете граници во однос на вестите што се однесуваат на вирусот – постојаното следење на информации го поддржува стравот и стресот.

3. Уважете ги чувствата – Сосема се нормални сите чувства и реакции на страв, вознемиреност, стрес, анксиозност што се појавуваат. Чувствата кога се уважени полесно поминуваат и отвораат простор за други чувства. Другите совети од листава може да ви помогнат во надминување на чувството на вознемиреност и анксиозност преку фокусирање на други значајни нешта што даваат сигурност, надеж и задоволство.

4. Грижете се за себе – правете нешта што ви се достапни и ги сакате, воспоставете дневна рутина што ќе ви помогне да се чувствувате побезбедни и смирени. Грижата за себе вклучува добра исхрана, физичка активност, вежби за дишење, медитација, јога и сл. Но исто така хранете се со добра музика, книга, филмови и уметност што ја сакате. Вклучете се, иницирајте, започнете креативна активност што ве исполнува.

5. Бидете во контакт со блиските и оние околу вас – Во ситуации на стрес и криза добрите врски и контактот со другите е едно од најважните места за поддршка. Помагањето на другите исто е важен начин да ја искажеме солидарноста, да се чувствуваме поврзани и да ја негуваме надежта. Посегнете и бидете поддршка за оние што сметате дека се осамени или дека поминуваат низ тешки мигови. Важно е да се запомни дека во оваа ситуација физичката дистанца и добрата заштита се клучни, и може да се користат дигиталните технологии за одржувањето на контакти.

6. Пронајдете и одржувајте го чувството на надеж – Колку и да е голем предизвик, помислата дека ќе се надмине целата ситуација е важна перспектива.

7. Зборувајте со децата за новонастанатата ситуаиција – одговарајте на нивните прашања за да им помогнете да ја разберат ситуацијата. Слушнете што ги загрижува, покажете им дека е во ред да се биде загрижен. Посветете го вашето внимание и уважување и одговорете со поддршка. Обидете се да направите да се чувствуваат безбедно и разговарајте, споделете како вие се справувате и експериментирајте со начини за справување со стресот.

8. Побарајте професионална помош – обратете се кај психолог или психотерапевт или во организации што нудат ваква помош (пр. Комора за психолози и сл.)

Превод: Ана Блажева

Слики: Marion Fayolle

 

ОкоБоли главаВицФото