Медиум на друм (63): Медиумот е порака (3)

13.03.2020 23:00
Медиум на друм (63): Медиумот е порака (3)

 

Ништо не е неизбежно сè додека постои волја да се размислува за она што се случува.

 

ТВОЕТО ОБРАЗОВАНИЕ

Цел еден свет, исполнет со различност, стои меѓу модерната домашна средина на интегрирани електрични информации и училницата. Современото ТВ дете е во склад со секавичните информации што му припаѓаат на светот на возрасните — инфлацијата, војните, немирите, таксите, криминалот, козметичките средства за разубавување — и е збунето кога ќе зачекори во опкружување што наликува на она од 19 век и што, за жал, сè уште е главна карактеристика на образовниот естаблишмент каде што информацијата е скудна, но сепак подредена и структурирана според фрагментираните, класифицирани модели, предмети и планови. Сето ова наликува на фабрички пејзаж вклучувајќи го целиот негов инвентар па дури и лентите за сериско производство.

"Детето" беше изум на седумнаесттиот век; тоа, се вели, не постои во времето на Шекспир. Се чини како да било вшумакано во светот на возрасните, а таму немало ништо што би можело да се нарече детство, барем не во она наше поимање за значењто и вредноста на овој збор.

Современото дете расте во апсурден контекст, зашто живее во два паралелни света. Но, ниту едниот од нив не го поттикнува да порасне. Созревањето — тоа е нашата нова задача, и таа е апсолутна. (Само голата инструкција нема да задоволи.)Голата инструкција нема да биде доволна.

 

ТВОЈАТА РАБОТА

"Што ќе правиш кога електронските системи ќе го преземат твоето работно место?"

"Вработувањето" е релативно скорешен модел на работењето. Од петнаесеттиот па сè до дваесеттиот век, се забележува постојан прогрес во разделувањето на етапите во работењето со што се конституираа "механизацијата" и "специјалноста". Ваквите процедури не би можеле да се стават во служба на опстанокот и менталното здравје во овие нови времиња.

Во услови на електронизација, сите одделни сегменти на работните места имаат цел да сè помешаат уште еднаш во комплицираните и одговорни улоги или форми на работење што се повеќе и повеќе наликуваат на предавање и учење во она традиционално значење што посветената лојалност го носи со себе.

За жал, многу добронамерни политички програми за реформа, што проповедаат ублажување на страдањето предизвикано со невработувањето, го издаваат незнаењето за вистинската природа на медиумското влијание.

"Повелете во мојата гостинска соба", му вели компјутерот на специјалистот.

ТВОЈАТА ВЛАДА

Пребројувањето на луѓето, посебно негувана вештина на процесот на сепарација во осумнаесеттиот век, набргу стана несмасна и неуспешна форма на општествено проценување,а особено во околности на инстант електронската брзина. Јавноста, во смисла на помирување на одделните и различни гледишта, е уништена. Денеска масовната публика (наследник на "јавноста") може да биде употребена како креативна, содејствувачка сила. Наместо активна улога доделена и’ е пасивна забава. Политиката нуди вчерашни одговори на денешни прашања.

Се јавува нова "политика" и тоа на начини коишто сè уште не сме ги забележале. Дневната соба ја претворивме во гласачка кабина. Учеството преку телевизијата во маршевите на слободата, во војните, револуциите, загадувањето и други збиднувања менува апсолутно сè.

Избор и превод: Никола Гелевски
Гифoви: Matthieu Bourel
Извор на текстот: Маргина 42 (1998) според: McLuhan/Fiore/Agel - The Medium is the Masaage (1967)

Медиум на друм (62): Медиумот е порака (2)

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото