ЕУ река (54): „Секој граѓанин има девет карактери“

13.03.2020 23:45
ЕУ река (54): „Секој граѓанин има девет карактери“

Не само што непријателството кон сограѓанинот таму беше издигнато до степен на општо чувство во заедницата туку и недовербата кон сопствената личност и нејзината судбина доби карактер на длабока самоувереност. Во таа земја (понекогаш и до највисокиот степен на страста и нејзините последици) секогаш постапуваа поинаку одошто мислеа, или пак мислеа различно од своите постапки. Неупатените тоа го сметаа за љубезност или, според нивното мислење, за слабост на австрискиот карактер.

Но тоа беше грешка; и секогаш грешиме кога појавите во некоја земја едноставно ги објаснуваме како последица на карактерот на нејзините жители. Граѓаните на некоја земја, во најмала рака, имаат девет карактери: професионален, национален, државен, социјален, географски, полов, свесен, несвесен, а можеби и свој приватен карактер; тој ги поврзува во себе, но тие го раскинуваат, така што карактерот и не е ништо друго освен мало корито исполнето со различните текови што се влеваат во него и потоа повторно истекуваат, спојувајќи се со други поточиња и исполнувајќи некое ново корито. Затоа секој жител на земјата има уште еден, десетти карактер: личната фантазија за неисполнетиот простор; и тој карактер му дозволува на човекот сè, освен една работа: да го сфати сериозно она што ги сочинува неговите други девет карактери и она што го прави заради нив; значи, со други зборови, го спречува токму неговото исполнување.

Тој простор, за кого мораме да признаеме дека тешко може да се опише, во Италија има поинакви бои и форми отколку во Англија, зашто она што отстапува од него има друга боја и облик, а сепак, во основа, тоа е само еден празен, невидлив простор во кој стварноста изгледа како некој град соѕидан од детски коцки, напуштен од фантазијата.

Доколку тоа воопшто може да стане видливо за сите очи, тогаш тоа се случи токму во Каканија, и во тој поглед, иако остатокот од светот не беше свесен за тоа, Каканија беше најнапредната држава; тоа беше држава која одвај успеваше да се справи со себе, во која човекот беше негативно слободен, трајно опседнат со чувството дека не постојат вистински причини за неговата егзистенција и заплиснат од големата фантазија за она што сè уште не се случило, или барем за она што веќе е неотповикливо, како од голем океански бран кој го подигнува целото човештво.

Настаните кои на друго место би можеле да се доживеат како многу значајни, овде се објаснуваа едноставно како „пасирање“: „Es ist passiert“; ова е необичен збор кој не го среќаваме на ниедно друго место во германскиот, или во кој било јазик, а кој фактите и ударите на судбината ги прави лесни како пердуви и мисли. Да, и покрај сето она што упатува на спротивното, можеби Каканија сепак беше земја за генијални луѓе; и веројатно токму поради тоа и пропадна.

Фрагмент од романот „Човек без својства“; поглавје 8: Каканија

Романот Човек без својства на австрискиот писател Роберт Музил е едно од големите ремек-дела на европската литература од XX век. Во него авторот скицира детален портрет на европскиот дух пред почетокот на Првата светска војна. Дејството на романот се случува во Австрија, но Виена на Музил е симулакрум на целокупната општествена, политичка, културна и духовна состојба во која живее модерниот Европеец. Во Човек без својства Музил вешто создава некои од најмаркантните и незаборавни книжевни ликови. Улрих, главниот лик во овој роман, е еден од најчесто истражуваните и толкувани ликови во историјата на книжевната критика, и често се споредува со Јозеф К. од Процес на Кафка, со Леополд Блум од Улис на Џојс или со Марсел од Во потрага по изгубеното време на Пруст.

Човек без својства е мајсторски изградена мешавина од роман, есеј, политичка сатира, историска хроника и филозофска расправа и токму поради тоа преставува вистински интелектуален предизвик за секој читател, но исто така и неизбежна лектира за секој сериозен познавач на книжевноста.

Избор: Никола Гелевски
Превод: Катерина Јосифоска
Гиф: Александар Јосифовски
Слики: Egon Schiele (1890-1918)
Извор: Роберт Музил, Човек без својства (поглавје 8); издавачки центар ТРИ, 2013.

ЕУ река (53): Левијатан од порцелан - Европа денес (2)

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото