Дамата чијашто љубов Улрих ја стекна по еден разговор за спортот и мистиката

14.03.2020 14:16
Дамата чијашто љубов Улрих ја стекна  по еден разговор за спортот и мистиката

Се покажа дека и Бонадеа се стремеше кон големи идеи.

Бонадеа беше дамата која го спаси Улрих од онаа негова несреќна ноќна авантура и која, прекриена со густ превез, го посети следното утро. Реши да ја вика Бонадеа, добра божица, зашто токму така влезе во неговиот живот, а и затоа што во стариот Рим постоела истоимена божица на невиноста, чијшто храм, по чудна игра на околностите, подоцна станал средиште на сиот разврат. Таа не го знаеше тоа. Нејзе ѝ се допаѓаше тоа звучно име што ѝ го даде Улрих и, секогаш кога ќе дојдеше да го посети, го носеше како прекрасно извезен домашен фустан. „Дали тоа значи дека јас сум твојата добра божица“, го праша, „твојата Бона Деа?“ а правилниот изговор на тие два збора бараше притоа да му го опфати лицето со двете раце и, зафрлајќи ја главата малку наназад, нежно да го погледне.

Беше сопруга на угледен човек и мајка на две убави деца. Нејзината омилена фраза беше „необично чесен“; ја применуваше за луѓе, за своите слугинки, за работата и за чувствата, секогаш кога за нив сакаше да каже нешто добро. Толку често, толку природно ги повторуваше зборовите „вистинско, добро и убаво“, како што другите луѓе велат „добар ден“. Она што најмногу ја задоволуваше нејзината потреба за идеи беше претставата за тивок, идеален живот во кругот кој го сочинуваат сопругот и децата, додека длабоко под сето тоа лебдеше мрачното царство на она „не доведувај ме во искушение“, кое со своите морничави сенки ја придушуваше блескавата среќа до ниво на треперлив пламен од свеќа.

Имаше само еден недостаток – мажите неверојатно ја возбудуваа веднаш штом ќе ги погледнеше. Воопшто не беше сладострасна; беше сензитивна до степен на телесна видливост, онака како што на другите луѓе им се потат дланките или лесно им се вцрвуваат лицата, така што ѝ се чинеше дека тоа е природно и никогаш не се ни обиде да го придуши таквото чувство. Бидејќи го запозна Улрих во толку романтични околности кои необично ја возбудија нејзината фантазија, уште од првиот момент ѝ беше судено да стане плен на една страст која се појави како сочувство, но по кратка и жестока борба се претвори во забранета тајна и продолжи како наизменична игра на грев и каење.

Но Улрих не беше прва таква случајност во нејзиниот живот. Штом ќе го сфатат тој факт, мажите кон таквите жени жедни за љубов обично не се однесуваат многу подобро отколку кон идиотите кои со најглупави средства можеме да ги натераме повторно и повторно да ја направат истата грешка.

Зашто дури и најнежните чувства на машката страст некако потсетуваат на крикот на јагуарот по парче месо, неверојатно гневен доколку некој му пречи да го добие. Поради тоа Бонадеа често водеше двоен живот, како некој кој преку ден е чесен граѓанин, а во мрачното меѓувреме на својата свест краде по железничките станици. Доколку никој не ја држеше во прегратка, таа тивка, впечатлива жена ќе потонеше во самопрезир, предизвикан од лагите и срамните оправдувања што ги користеше само за да стигне во нечија прегратка.

Кога ќе се надразнеа нејзините сетила, ќе станеше меланхолична и добра, и во таа мешавина од воодушевување и солзи, брутална природност и неминовно каење, во бегството во својата манија од депресијата што ѝ се закануваше и ја следеше во чекор, стануваше волшебна, како впечатливо, непрекинато, брзо тропање на барабан прекриен со црна ткаенина. Меѓутоа, кога не страдаше од такви напади, во каење помеѓу два излива на слабост кои ѝ помогнале да ја почувствува својата немоќ, таа беше исполнета со чесни барања заради кои справувањето со неа воопшто не беше лесно. Мажот мораше да биде вистинољубив и добар, да сочувствува со секоја несреќа, да го сака царското семејство, да почитува сè што заслужува почит и во морална смисла да се однесува како постојано да се наоѓа покрај болничка постела.

Сепак, ако ништо од ова не се почитуваше, текот на настаните немаше да се измени. Поради тоа, Бонадеа измисли приказна дека нејзиниот маж, за време на првите чисти години од бракот, ја донел во таква тажна состојба. Тој маж, кој беше значително постар и многу покрупен од неа, се трансформираше во суров змеј, па во првите часови на својата нова љубов таа и на Улрих му ја раскажа оваа фикција со тажен и свечен глас. Тој дури подоцна сфати дека тој човек беше познат и почитуван правник, со голема креативна способност во работењето на својата практика, а покрај тоа, и безопасен страстен ловец и чест гостин во различни резервирани ресторани каде што се собираа ловци и правници и каде што се разговараше за машки прашања, наместо за уметност и љубов.

Единствената грешка на овој добродушен човек без смисла за хумор и желба да ужива во животот беше тоа што се оженил за својата сопруга, па затоа, многу почесто од другите мажи, со неа беше во оној однос кој со деликатниот јазик на правото се нарекува случајна љубовна врска. Душевното влијание на долгогодишното трпење на еден човек, со кого се омажи поради мудра процена, а не поради желбата на своето срце, кај Бонадеа ја создаде самозаблудата дека е телесно пречувствителна, а потоа таа илузија стана речиси независна од нејзината свест.

Некоја внатрешна, за неа наполно неразбирлива потреба, поттикната од околностите, ја прикова за тој човек; го презираше поради слабоста на својата волја, а се чувствуваше слаба за да може да го презира; го изневеруваше за да побегне од него, но во најнесоодветните моменти зборуваше за него или за нивните две деца, така што никогаш не можеше сосем да се одвои од него. Како и многу други несреќни жени, начинот на своето преживување во еден мошне кревок животен простор го откри во одбивноста што ја чувствуваше кон својот разумен и приземен маж, а својот конфликт со него го пренесуваше во секое ново доживување кое требаше да ја спаси од него.

Не остануваше речиси ниедна друга можност да се скротат нејзините постојани поплаки освен итно да побегне од состојбата на депресија во состојба на манија. Потоа на оној кој ќе успееше да ја предизвика таквата трансформација и ќе ја злоупотребеше нејзината слабост, таа му го оспоруваше правото на искрени чувства кон неа, но страдањето ќе ѝ ги исполнеше очите со влажна нежност секогаш кога – како што милуваше со научна терминологија да го именува тој феномен – „инклинираше“ кон тој маж.

Превод: Катерина Јосифоска

Слики: Ernst Ludwig Kirchner (1880-1938)

Извор: Роберт Музил, Човек без својства; издавачки центар ТРИ, 2013.

Романот Човек без својства на австрискиот писател Роберт Музил е едно од големите ремек-дела на европската литература од XX век. Во него авторот скицира детален портрет на европскиот дух пред почетокот на Првата светска војна. Дејството на романот се случува во Австрија, но Виена на Музил е симулакрум на целокупната општествена, политичка, културна и духовна состојба во која живее модерниот Европеец. Во Човек без својства Музил вешто создава некои од најмаркантните и незаборавни книжевни ликови. Улрих, главниот лик во овој роман, е еден од најчесто истражуваните и толкувани ликови во историјата на книжевната критика, и често се споредува со Јозеф К. од Процес на Кафка, со Леополд Блум од Улис на Џојс или со Марсел од Во потрага по изгубеното време на Пруст.

Човек без својства е мајсторски изградена мешавина од роман, есеј, политичка сатира, историска хроника и филозофска расправа и токму поради тоа преставува вистински интелектуален предизвик за секој читател, но исто така и неизбежна лектира за секој сериозен познавач на книжевноста.

 

ОкоБоли главаВицФото