Нултиот пациент

16.03.2020 02:14
Нултиот пациент

Иако денес синонимите „индексен случај“ или „нулти пациент“ во медицината го означуваат првиот случај на заболување од некоја болест - оној кој вообичаено послужува за да се опишат изворот на болеста, симптомите, текот на болеста и ширењето на заразата - терминот нулти пациент впрочем е плод на новинарска грешка.

Имено, откако ХИВ-от се раширил во САД, во 1984 година Центарот за контрола на болести и превенција (ЦДЦ) еден од првите пациенти го водел под кодно име „пациент О“, а буквата О дошла од „Out of California“ (надвор од Калифорнија). Но, многумина, читајќи го извештајот на ЦДЦ протолкувале дека се работи за бројка наместо за буква, а потоа и новинарот на локалниот „Сан Франциско Хроникл“ кој пишувал за ХИВ-от почнал да ја користи бројката нула наместо буквата О. Набрзо таа бројка се претворила во термин - нулти пациент.

Во меѓувреме, терминот „нулти пациент“ почнал да добива призвук на нешто заканувачко, прекинувач за катастрофа. Во медиумите масовно се користеше кога во 2013 година започна најголемата епидемија на вирусот ебола во историјата. Имено, еболата најпрвин се појави во селото Гокеда на југоистокот од Гвинеа, а потоа се прошири и во Сиера Леоне и Либерија и однесе вкупно 11.300 животи (околу 40 проценти од заразените).

Епидемиолозите многу ги збунуваше тоа што нулти пациент било детето Емил кое едвај имало две години. Се претпоставува дека детето се заразило така што си играло под дрво каде живееле лилјаци инфицирани со вирусот. По четири дена висока температура, дијареа и повраќање, детето починало, а во меѓувреме се заразиле и неговата тригодишна ќерка, како и мајката и бабата - умреле сите. Во меѓувреме медицинската сестра која се грижела за детето го пренела вирусот во соседните села.

Ваквите податоци - за начинот на пренесување на еболата од дивите животни на човекот, како и патиштата на ширењето на заразата - се исклучително важни за креирање на епидемиолошката слика за ширењето на заразата, за запирање на епидемијата, но и за превенција и предвидување некои идни епидемии.

Во случајот со актуелниот коронавирус, не е сосема познато кој бил нултиот пациент и на кој начин се заразил. Кон крајот на декември 2019 година во Вухан, во кинеската провинција Хубеи, беше забележан зголемен број пациенти, околу 40, со воспаление на белите дробови. Поголем дел од нив на некој начин биле поврзани со пазарот на кој се продаваат и диви животни па се претпоставува дека почетокот на заразата бил моментот на пренесување на вирусот од дивите животни на човекот.

Она што е збунувачко е што првиот случај е пријавен уште на 1 декември - се работи за постар маж, инаку со лошо здравје, заболен од Алцхајмерова болест, кој не само што не одел на пазарот, туку не ја ни напуштал куќата.

Истовремено, и нулти пациентите во некои држави во кои се појави коронавирусот и тоа како се од големо значење за епидемиолозите, а нивното препознавање воедно има и одлучувачка улога во спречувањето на ширењето на болеста.

Во Јужна Кореја, која е втора според бројот на заболени (речиси 6000), веднаш после Кина, нулти пациент беше Кинезинка, а веднаш после неа се појави сосема неповрзан случај - Кореец кој работел во Вухан, но се вратил во Јужна Кореја со симптоми на грип. Проблемот се случил кај третиот пациент кој во времето кога веќе бил заразен користел изнајмен автомобил, престојувал во три ресторани, во хотел и продавница, а контактирал и со членови од семејството. Но, бројот заболени не растеше многу брзо сѐ до пациентот број 31, кој, се претпоставува, заразил голем број луѓе така што болен присуствувал на собир во еден од храмовите во градот Даегу. Набрзо се појавија 70 нови пациенти кои се поврзани со овој настан.

Извор: http://naukakrozprice.rs

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото