Прирачник за песимисти; 40 работи што треба да ги знаете за пандемијата

16.03.2020 15:41
Прирачник за песимисти; 40 работи што треба да ги знаете за пандемијата

 

1. Некои и ќе преживеат.

2. Ако не бидете меѓу таквите, сепак е убаво да се знае дека животот на Земјата има перспектива.

3. Тоа, додуша, нема да ви користи.

4. Максимално намалете ги сите социјални контакти и настојувајте што помалку да се движите меѓу луѓето, а ако немате среќа и ако умрете, продолжете со истата пракса.

5. Најважно е постојано да мислите на своето и туѓото здравје, иако нема докази дека размислувањето помага.

6. Обврзно мијте ги рацете пред да одите да ги миете рацете.

7. Ако припаѓате на ризична група - имате повеќе од 60 години, а притоа страдате од срцеви или белодробни проблеми- однесувајте се особено внимателно.

8. Особено внимателното однесување подразбира свест за тоа дека вирусот не прави разлика меѓу внимателните и невнимателните.

9. Обврзно измијте ги рацете откако сте ги измиле.

10. Доколку во балканскиве земји се ставите во самоизолација, со тоа не му правите услуга само на своето физичко, туку и на своето ментално здравје.


11. Ментално здравите исто така се подложни на заразна болест.

12. Во случај да останете жив откако ќе се издува пандемијата во балканските земји, продолжете со самоизолација, оти освен здравствените состојбите нема да се поправат.

13. Треба да имате доверба во мерките што владите на вашите земји ги преземаат поради заштита на националното здравје.

14. Ако немате доверба во мерките што владата на вашата земја ја презема поради заштита на националното здравје, ќе бидете во сосема иста ситуација како и безрезервно да им верувате на оние што владеат.

15. Бидејќи ситуацијата за вас е наполно еднаква, подобро е да не им се препуштате на скептицизмот, малодушноста и бесплодното критизерство, туку треба да ја крепите својата општа состојба со тап оптимизам.

16. Оптимизмот, додуша, не е лек против заразата.

17. Економските последици од глобалната пандемија ќе бидат разорни и катастрофални, но утешно е што тоа можеби нема да го доживеете.

18. Ако верувате дека како последица на ширењето на вирусната зараза нема да ви фали ни влакно од главата, би морале да знаете дека Ковид-19 не напаѓа фризури.

19. Обврзно мијте ги рацете пред да ги измиете нозете.

20. Ако се разболите, не им дозволувајте на домашните да ви се приближуваат, за и нив да не ги заразите.


21. Од друга страна, што има добро во тоа на оној свет човек да отиде сам?

22. Од трета страна, можеби оној свет не постои.

23. Ако ви дојде да се закашлате, правете го тоа во добра вера.

24. Ако ве разбесни сладострастието со кое Александар Вучиќ - формално по повод пандемијата - говори за вонредната состојба, цврстата рака и „војската на улица“, немојте да плукате по него и по неговите соработници.

25. Ако не сте заразени со коронавирусот, сепак плукајте.

26. Кај сите свои постапки, особено оние што се однесуваат на излегување од станот, водете сметка за ризиците, укалкулирајте ги плусовите и вирусите.

27. Надежта нема медицински докажано делување.

28. Ако очекувате дека вистинити информации за размерите на заразата ќе дознаете на државната телевизија, големи се шансите дека сте болни.

29. Обврзно мијте ги рацете после перење на мозокот.

30. Ако ви се причини дека припадниците на владејачкиот апарат за вирусната катастрофа немаат поим и зборуваат будалштини, тоа не е симптом на болест, туку на здрав разум.


31. Здравиот разум, да повториме, не е во колизија со вирусното заболување.

32. Кога надлежните ве уверуваат дека „ситуацијата е под контрола“, добро е да се има на ум дека „ситуацијата под контрола“ страда од недостиг на вакцина.

33. Ако не сте се обезбедиле со доволни залихи храна и хигиенски средства, тоа е доста лошо, но може да биде утешно што во случај на кратка и тешка болест залихите нема да ви требаат.

34. Ако карантинот ве потсеќа на логор, во право сте.

35. Ако целата земја ве потсеќа на логор, во право сте.

36. Ако вонредната состојба, затворањето на границите, ригорозното укинување на слободата и стратегијата на владеење која својот легитимитет го црпи од колективниот страв и психоза ве потсеќаат на фашизам, во право сте.

37. Кој би рекол дека фашизмот ќе спасува човечки животи.

38. Што ако тој аргумент сериозно се земе предвид после сè, кога опасноста ќе помине, па - наспроти тоа што пандемијата станала минато - emergency ќе стане правило?

39. Не е лошо да се праша до каде ова може да оди, но не е сигурно дека ќе дочекате одговор.

40. Можеби има живот и после смртта, но поразумно е да се смета на обратната варијанта.

Извор: Тачно.нет