Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (11)

17.03.2020 12:00
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (10)

„Излегов“, отец Пимен, самостојно издание

- Три години стана како ме зафана луто да ме мачи твојата љубов... - запеа со уште неотворени очи заедно со радиото.

Додуша, повеќе личеше тоа на некое тешко дишење. Не остана многу од неговиот баритон со кој до пред скоро стално си потпевнуваше. Го сакаа во друштво, бидејќи знаеше многу песни. Стално ќе извадеше некоја нова од најстарите, мислиш џубокс е. Убаво му беше додека мижеше. Се врати во тие убави денови. Но само за момент. Кога ги отвори очите, над него повторно се појави белиот таван со сите оние нему веќе добро познати пукнатинки, кои од легнувањето до тој момент се беа продолжиле скоро за цел сантиметар. Од пеењето изгуби здив.Кашлајќи, се заврте настрана и случајно погледна на малото квадратче од саатот помеѓу бројот 9 и оската на стрелките што го покажуваше датумот. Повторно беше оној ист датум што толку многу сакаше да не постои во годината. И, додека песната се уште се разлеваше низ собата, почна да си зборува сам за себе:

- Ееее, три години станаа.

Случајност или и Радио Ресен ме драпа?

Параноичен станувам.

Уште тоа ми фали.

Три години, четири постели...

Ех, да ми кажувал некој

дека љубовните маки полути од пиперка се,

во очи со цела дрскост ќе му се изнасмеев.

Или можеби преувеличувам?

Љубовта ли е лута или болештинава

како снег сред зима

на Галичица од северната страна

што ме поклопи?

Ама и таа сама од себе не дојде.

Пак ќе речам, параноичен станувам,

на суеверие подложен исто така.

Не, не сакав да верувам

дека клетва може да се фати.

Нели велев јас во клетва не верувам.

Нели велев пес од грозје не умира?

Велев, велев...

Ама можев ли да поверувам дека

онаа прекрасна уста

која нежности ме даруваше,

онаа уста што со страст и сласт ја бакнував,

она усте мало на малата моја

ќе ме дотолчи,

дека клетва наместо „те сакам“ ќе изусти...


„Дваесет и четири часа“, Милијана Павловска, „Култура“

Кога се врати дома Марта не можеше да верува дали е ова вистина или е сон. Тогаш погледнуваше во прстенот и веднаш ја преплавуваше бран пријатно чувство и задоволство.„Му дојде крајот на моминскиот живот. Но, не жалам за ништо. Животот понатаму ќе го делам со човекот што отсекогаш сум го сакала. Ех мајко моја, ти си причина за мојата среќа. Но, тоа е и твоја среќа. Ако не се разболеше, јас немаше да се сретнам со Пеце. Веќе нема да воздивнуваш секогаш кога ќе ме видиш и да ме прекоруваш што за мене маж не се најде. Еве се најде и тоа оној за кој не си ни сонувала. Пак ќе ти се вратам назад. Ќе има кој да те чува. Пеце во чеиз ги донесе децата, а јас тебе. Многу сум среќна поради тоа. Кога се разболе, да не беше тетка ми покрај тебе, кој ќе те негуваше? Не беше проблем да платам жена за тоа. Но што ќе речеа соседите, а на тебе тоа ти е најважно. Поради тие уличарски муабети се разделив со Пеце, но судбината пак го донесе пред мене. Толку брзо се одлучив за брак со него што не успеав да ти кажам. Не сакам тоа да биде по телефон. Од возбуда може пак нешто лошо да ти се случи. Затоа за некој ден ќе дојдам и полека се ќе ти кажам. И на Пеце му реков на никој да не кажува за нашата свршувачка, случајно да не стаса веста до мајка ми пред јас да и кажам...“

Разбрануваните мисли и ги прекина телефонот.

- Како е мојата свршеница? - слушна глас од другата страна. - Многу ми недостасуваш.

- Се шегуваш ли ти со мене? Се разделивме само пред неколку часа.

- Зар заборави колку години бевме разделени?

- И што сега? Имаш ли план како да го надоместиме тоа?

- Имам.Дваесет и четири часа нема да се разделуваме.

- Ако не го посакував и јас тоа, ќе го сметав предлогот за лудост, но вака ќе се трудиме секогаш кога тоа ќе биде можно да бидеме заедно.Кажи ми, како патувавте? Како се децата?

- Добри се. Многу се среќни. Цело време за тебе зборуваат. Многу се радувам поради тоа.Замисли ако мораше да поведам војна со нив за тебе? Но и на тоа бев спремен. Не постои сила што би ме спречила да те сакам и да бидеш моја, моја за навек.

- Многу сум среќна поради тоа. Пред да се јавиш, размислував за мајка ми. Знам колку ќе се израдува кога ќе и кажам. Деновиве некој ден ќе ја изненадам. И тебе, секако. Во меѓувреме треба со Бојана да се видиме со Оливер. Тоа тие го договориле во Грција. Ќе се изненади кога ќе му кажам за нас. Тој е многу добар човек и верен пријател. И тој е сам и несреќен.По разводот жена му се преселила во Австралија и таму се омажила. Многу страда по ќерка му. Четири години ја нема видено. Се спрема наскоро да замине таму за да ја види.

Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (10)