Јувал Харари: 100 години не сме виделе ваква епидемија, но сега сме во подобра ситуација да се носиме со неа од кога било во историјата

17.03.2020 14:46
Јувал Харари: 100 години не сме виделе ваква епидемија, но сега сме во подобра ситуација да се носиме со неа од кога било во историјата

За ситуацијата со коронавирусот Кристијана Амампур за Си-Ен-Ен разговараше со Јувал Харари, еден од најпознатите светски писатели кој се занимава со историјата на човештвото.

„Глобална епидемија како оваа не сме виделе последниvе 100 години. Никој нема искуство за ова што сега го гледаме, а тоа е причината што е толку застрашувачко и вознемирувачко. Но ако ја погледнеме пошироката историска перспектива, човештвото и порано се среќавало со такви епидемии, но сега сме во подобра ситуација да се носиме со епидемијата благодарение на модерната медицина“, вели Харари, одговарајќи на прашањето за слични епидемии во историјата на човештвото.

„Кога во 14-иот век избила епидемија на црна чума се раширила од Кина до Велика Британија во рок од 10 години, предизвикувајќи смрт на четвртина до половина на популацијата на Азија и Европа. Никој не знаел што се случува, што е причина за болеста и како да се справи со неа. Сега научниците и лекарите, за само две недели, успееја не само да го идентификуваат вирусот кој е причина за оваа епидемија, туку да го откријат целиот негов геном и да направат тестови кои барем можат да ни покажат кој го има, а кој го нема. Сè уште ни треба време да го надминеме ова, но сега сме во многу подобра позиција.

Со оглед на тоа дека за само неколку месеци епидемијата на коронавирусот се прошири од Азија преку Европа до Америка, што вас како обичен граѓанин најмногу ве плаши и што најмногу посакувате да се случи за да се сопре епидемијата, праша Амампур.

Најлошата работа е неединството во светот, недостатокот на соработка и координација меѓу државите, недостигот на доверба помеѓу државите, населението и владите. Тоа е резултат на епидемијата на лажни вести во изминатите години и влошувањето на меѓународните односи.

Ако ја споредиме оваа ситуација со финансиската криза од 2008 година, тогаш имавме одговорни возрасни луѓе во светот кои го презедоа лидерството и зад себе ги собраа другите држави, спречувајќи да се случи најлошото сценарио“, вели Харари.

„Во последните четири години видовме пораст на недоверба кон државите кои нè предводеа во 2008 и во 2014 година во текот на епидемијата на ебола, а тоа е Америка, која сега не презема каква било лидерска позиција. Од 2016 година американската администрација јасно покажа дека даде оставка од својата позиција на светски водач, дека нема пријатели во светот, туку дека има само интереси. Дури и кога би се обидела да го преземе водството, никој не би одел со водач чиешто мото е ‘Јас на прво место’.“

„Она што ме плаши е недостатокот на лидерство и соработка“, вели Харари.

„Луѓето треба да сфатат дека ширењето на епидемијата во која било земја е закана за целиот свет заради тоа што опасноста е - ако не го сопреме ширењето на време, вирусот ќе еволуира. Тоа е најголемиот проблем, брзата еволуција на вирусот. Видовме претходно, во 2014 година, епидемијата на еболата почна со една генетска мутација на еден вирус кај едно лице во западна Африка. Од ретка болест еболата стана раширена епидемија зашто една мутација ја зголеми заразноста на вирусот за четири пати. Тоа можеби се случува токму сега во Иран, Италија или на некое друго место. Каде и да се случи, тоа го загрозува целиот свет. Човештвото мора да ги збие редовите во борбата против вирусот.“

Популистите и националистите ширум светот зборуваат дека глобализацијата е лоша и дека мора да ги збиеме редовите за да не добиеме нешто од другата страна на границата, вели Амампур.

„Не можете да се борите против вирусот со изолација, туку само со информации. Ако сакате да се изолирате за да не бидете изложени на надворешна епидемија, тоа не е доволно. Ако вашата стратегија на борба против епидемијата е да се изолирате, би морале да се вратите во камено доба. Вистинската граница која треба внимателно да се заштити, не е помеѓу државите, туку помеѓу луѓето и сферата на вирусот. Вирусот го загрозува целиот човечки род, за таа граница мора да размислуваме“, предупредува Харари.

Ако вирусот кој потекнува од лилјак успее да ја премине таа граница и стигне до луѓето каде било во светот, тој се прилагодува на човечкото тело и тоа е опасност за секој во светот.

„Илузија е да се мисли дека долгорочно може да се заштитите од вирусот само со затворањето на границите на својата земја. Поефикасна политика е да се заштити границата помеѓу луѓето и вирусот.

 Тоа може да го направите така што ќе ги поддржите здравствените системи ширум светот и ќе разберете дека нешто што се случува во Африка, Кина или Иран, не е закана само за тие држави, туку за целиот свет.“

„Потребни ни се повеќе организации како што е Светската здравствена организација. Повеќе меѓународна солидарност, да им се помогне на државите кои се најтешко погодени од епидемијата да се носат со кризата, така што ќе им се праќа опрема и персонал и уште поважно – добри научни информации и економска поддршка.“

Ако државата во која ќе избие епидемија мисли дека е препуштена самата на себе, ќе се двоуми дали да ги преземе строгите мерки на карантин зашто ќе се плаши дека ако се затворат цели градови, економски ќе пропадне и никој нема да помогне, објаснува Харари.

„Ќе кажат ‘ајде да почекаме да видиме дали е тоа опасно’, а тогаш ќе биде доцна. Да знаеше Италија дека ако воведе карантин, ќе добие помош од другите држави, порано ќе ги преземеше овие драстични мерки и тоа би било добро за сите луѓе. Секое евро што Германија или Франција ќе ѝ го дадат на Италија како помош, ќе им заштеди стотици евра зашто нема да мора подоцна во своите градови да се борат против епидемија“, вели Харари.

Ова е тест за Европската унија, која во изминатите години изгуби дел од поддршката. Ова е шанса за ЕУ да ја докаже својата вредност. Ова е време за другите членки на ЕУ да ѝ дадат поддршка на Италија зашто ако го направат тоа, не само што ќе ги заштитат своите граѓани, туку ќе ја покажат вредноста на системот какво што е ЕУ. Ако не го сторат тоа, вирусот ќе ја уништи Унијата, а не само поединечните човечки животи.“

На прашањето како епидемијата ќе влијае врз општеството, со оглед на тоа што луѓето мора да се самоизолираат, што не е во човечката природа, Харари одговара:

„Клучно е прашањето на доверба во владите, во она што луѓето го слушаат на медиумите. За да имате ефективен карантин, мора да имате соработка од страна на населението. Тоа е проблематично заради тоа што се работи за прашање на доверба, која во последните години е прилично ослабната.“

Второто долгорочно прашање е контролата. Една опасност е со оваа епидемија да се оправдаат екстремните мерки на надзор и контрола, особено биометриското надгледување, кое ќе се оправдува со вонредната ситуација, но кое би можело да остане и подоцна кога оваа ситуација ќе помине.

„Се соочуваме со голема тема за приватноста и надзорот“, предупредува Харари.

Ќе видиме голема битка помеѓу приватноста и здравјето. Здравјето ќе победи. Луѓето ќе останат без приватност за да се заштитат од заразата. Технологијата што ја имаме е многу ефикасна и може да се користи за да го следиме целото население и да откриеме нова болест во зачеток и тогаш да ги следиме заболените и нивните контакти. Но, овој систем може да се користи и да се следат многу други работи – што мислат и чувствуваат луѓето. Оваа епидемија може да даде оправдание за забрзан развој на тоталитарните режими.“

На луѓето не им е во природата да се изолираат, тоа предизвикува осаменост, депресија.

„Луѓето се особено подложни на епидемија, зашто сме општествени животни. Така се шират епидемиите. Вирусите често го експлоатираат она најдоброто во човечката природа против нас самите. Го користат не само тоа што сакаме да се дружиме, туку и што си помагаме меѓусебно. Кога некој е болен, особено ако е тоа пријател или член на семејството, природно е да го поддржуваме, да му даваме емотивна поддршка, да се грижиме за нив, да ги допреме, прегрнеме, и така се шири вирусот. Тој вирус, најдоброто во нас го користи против нас.“

„Постојат два начини како можеме да се бориме против вирусите со социјално дистанцирање“, вели Харари.

„Еден начин е да им даваме информации на луѓето. Ако луѓето веруваат во овие информации кои ги добиваат, можат да го променат однесувањето барем додека не помине епидемијата. Вториот е тоталитарен начин, кој денес е можно да се спроведе. Можеме да надгледувамеза да ги идентификуваме почетните сигнали на болеста, имаме технологија за да оддалеку знаеме дали е покачена телесната температура и можеме да ги дознаеме сите луѓе со кои сте биле во контакт. Можеме да следиме кој ги прекршил инструкциите на владата да не се прегрнувате, да не се бакнувате. Ако луѓето веруваат во информациите и не го прават тоа заради доверба, можат да бидат присилени, а тоа е опасна насока и се надевам дека нема да одиме по тој пат“, вели Харари.

Јувал Ноа Харари е роден во Хаифа во Израел, 1976 година. Дипломирал на Универзитетот во Оксфорд, 2002 година. Пофесор Харари е експерт за историјата на светот, средновековната и воената историја. Моментално ги истражува макро – историските прашања за односот помеѓу историјата и биологијата, каква е суштинската разлика мешу Хомо сапиенс и животните, дали во историјата постои правда, дали историјата има своја насока, дали со текот на историјата, луѓето стануваат посреќни, кои и какви етички дилеми пред нас ги поставува развојот на технологијата во 21-от век.

Тој е добитник на голем број меѓународни награди, а светски познат стана по објавувањето на книгата „Сапиенс: Кратка историја на човештовто“, која е преведена на повеќе од 50 јазици. Две години подоцна ја објави книгата „Хомо деус: Кратка историја на утрешнината“, која е продадена во повеќе од 4 милиони примероци и преведена на 50 јазици. Неговата книга „21 лекција за 21-от век“, се фокусира на сегашниот момент и дава одговори на клучи прашања како: Што ни се случува сега? Кои се денешните најголеми предизвици и избори? На што би требало да обратиме посебно внимание?

Професор Харари држи предавања ширум светот на кои ги претставува темите од своите книги и статии. Редовно објавува во списанија како „Guardian“, „Financial Times“, „The Times“, „Nature magazine“ и „Wall Street Journal“. Често волонтира за многубројни хуманитарни организации и се обраќа на отворени предавања пред публика.

Извор: CNN

 


 

ОкоБоли главаВицФото