Круг за кругот на Лана Басташиќ

17.03.2020 15:15
Круг за кругот на Лана Басташиќ

Читателски дневник за неможноста за излегување од романот „Uhvati zeca“ / „Фати го зајакот“.

најпосле почнувам да го читам романот „Uhvati zeca“ со голема кошница, иако по фалени јагоди треба да се оди со мала, вели поговорката. Не ѝ верувам на поговорката, зашто ја слушав Лана Басташиќ минатото лето на фестивалот „Друга приказна“ во МКЦ и големата кошница ми е подготвена оттогаш. Првата буква од првата глава е мала. Мало д (da počnemo ispočetka). Се принудувам да заборавам оти романот почнува со мала буква, се принудувам да се преправам дека не сум забележала, си префрлам дека сум здодевно педантна и бесмислено заробена во ситници. Не би сакала да ми се провлече вакво нешто на почеток на моја книга, си велам, помислувајќи на грешката на предната клапна на една од моите последни книги што ја забележав дури по излегувањето од печат... и длабоко нурнувам во јазикот на кој немам читано барем неколку месеци. Уживам во отсуството на македонскиот јазик на жолтеникавите страници на скромното сараевско издание на buybook, зашто сум презаситена од домашната книжевност и ова ми доаѓа како некаков лингвистички, долго планиран излет. По само неколку страници наидувам на место на кое подзастанувам, сакам да го подвлечам (Čitav jezik sahranjen duboko u meni, jezik koji je strpljivo čekao tu malu riječ da potegne svoje okoštale ekstremitete i ustane kao da nikada nije ni spavao), ама ми текнува дека книгата не е моја и малку разочарано продолжувам понатаму без да го употребам мојот верен читачки придружник – графитниот молив. Потоа сѐ почесто посегнувам по моливот, го фаќам и го оставам, сѐ подлабоко почнувам да жалам што книгата не е моја и што не можам да си подвлекувам, да си коментирам на маргините. А има сѐ повеќе и повеќе за подвлекување. И за коментирање на маргините. Некаде по педесеттата страница, веќе почнувам да се радувам што книгата не е моја, зашто би подвлекла речиси сѐ што читам, би искоментирала речиси сѐ на маргините. Колку што одам кон средината на романот, толку повеќе аспекти ме напаѓаат како идеи за можен интерпретативен текст. Луис Керол, Елена Феранте, „Алиса во земјата на чудата“, „Мојата најдобра пријателка“, јас-раскажувачката Сара, Ле(ј)ла чиешто непостојано ј во името ми ги отклучува личните спомени како совршен калауз, присутните и особено сѐ поотсутниот лик на Армин... излегуваат од текстот, седнуваат до мене и ми се чини како и тие да ме читаат додека ги читам јас. Насловот на романот е закачен за мене како меко крзно, трагам по зајакот од страница во страница сѐ посигурна дека кога ќе го „фатам“ нема да биде животинче, туку пред мои очи ќе се претвори во метафора. Несвесна дека патот на животинчето-збор, пред да се претвори во збор-метафора ќе помине низ линиите, подеднакво меки како и крзното, од цртежот на Дирер од 1502 година. Сѐ ми се врзува со сѐ, моето со детството на Сара и Ле(ј)ла, Босна со Македонија, Тузла и Бања Лука со Куманово, процепот меѓу јазиците во романот со кумановскиот дијалект и стандардниот македонски во мојот живот... Ќе пишувам за зајакот во романот, за патот од животинче преку цртеж до метафора,.. не, не, ќе пишувам за отсуството на Армин фрлено како јадица во морето на приказната,.. не, не, ќе пишувам за Лана Басташиќ како надградената верзија на Елена Феранте,.. си велам. Читам, читам и не можам да се одбранам од поривот да пишувам, наместо да уживам во тоа што го читам. Нарацијата на Лана Басташиќ истовремено е застрашувачки прецизна и застрашувачки опуштена. Како со недоброј зборовни пипала да нѐ допира по видливите и невидливите места во нас. Некаде нѐ затега, некаде нѐ гали,.. ама постојано сме допрени и засегнати. Ги препознавам работите што никогаш лично не ми се случиле како можна сопствена меморија; начинот на кој ги користи зборовите во нејзиниот јазик со сета таа антропоморфизација и наративна мета-граматика, си легнуваат во постелата на зборовите во мојот јазик како најсвои. Ќе пишувам за јазикот како лик во нарацијата,.. или за читањето како неможност за излегување од текстот,.. за читањето заробено од приказната...

Го оставам и повторно го земам романот. Сакам да го прочитам што побрзо, а сакам и да ми трае што подолго. Уживам во раскажувачките слапови, во мајсторијата на една вистинска, подзаборавена книжевност во која може да се престојува на толку многу различни, индивидуални и групни начини. Романот е за сѐ и за ништо; за војната и за мирот; за љубовта и за омразата; за блискоста и за бездните помеѓу децата и родителите; за сексот и (не)верноста; за хименот на илузиите и за проституцијата на вистините; за созревањето, за женскоста и женственоста; за босанските женски синови; за измислените различности и многупати потврдените истости; за Балканот наш, кутар и валкан; за заминувањето и враќањето; за записот на релјефите на нашите детства врз кожата на нашите возрасни години; за завесите што ги нема на европските прозорци; за голите комшии; за авокадото; за случајната телесност прерасната во намерно заедништво; за 300-те марки за тепање и лижење; за мажот што го сакаме цел живот, настрана од себеси и од реалноста...

Го завршувам романот сѐ посигурна дека толку ми се допаѓа што нема потреба да пишувам никаков интерпретативен текст. Сакањето е над толкувањето. Понекогаш помалку сакаме да сакаме, повеќе сакаме да толкуваме,.. понекогаш обратно. Но, ете, постојат книги за кои би напишале сешто, а сепак – не пишуваме ништо. Ќе се почестам себеси со уште едно читање на романов, си велам и... веќе сум на последната, 202 страница. 203 е празна. Последната реченица е... искината, без никаков интерпункциски знак. Дури ни три точки. Rekle su mi: samo sam htjela
Внимателно гледам да не фали страница. Наседнувам на сомнежот дека нешто е недоречено. Збунета сум, а не признавам. Не сфаќам за што станува збор, а се сметам себеси за верзиран читател... Дури по неколку часа ми текнува на малото д со кое почнува романот (da počnemo iz početka.) и некако насетувам дека... „решението“ е во него. Да! Последната скината реченица продолжува во првата реченица од романот, затоа и буквата е мала! Rekle su mi: samo sam htela од 202 страница, продолжува на првата страница со: da počnemo iz početka!

Фасцинацијата од целиот роман на Лана Басташиќ ми истече во фасцинација од нејзиниот совршен романескен круг. Среќна што се досетив за тоа макар и по неколку часа (и несреќна што не се досетив веднаш), си велам: Би сакала да ми се провлече вакво нешто на почеток на моја книга.

Не, нема да напишам интепретативен текст за ниеден аспект на овој прекрасен роман, само сакам да го повторам кругот на Лана Басташиќ и во мојов читателски дневник. Ја правам мала првата буква од мојов текст (н-то) и ја кинам последната реченица од него, така што да може да се доврши, заокружи, со почетната. Не сум прочитала ваков роман со месеци и месеци. Одамна му се токмев и

Слики: Alex Russell

 

ОкоБоли главаВицФото