Кратка историја на ракувањето

18.03.2020 00:13
Кратка историја на ракувањето

Забележано е дека домородците од некои примитивни племиња кога се среќавале се поздравувале со заемно душкање. На пример, оваа практика постои и денес во традиционалниот поздрав „соги“ на пацифичките острови Тувалу, кои делумно ја практикуваат само роднините и блиските пријатели кога ќе се сретнат и допирајќи си ги образите, заемно се мирисаат.

Не е неразумно да се заклучи дека во древното, препотопско минато сите припадници на човечкиот вид кога се среќавале не се фаќале за дланките, потоа ги стегале и треселе меѓусебно, туку дека разменувале мирисни дразби онака како што прават жителите на малиот архипелаг на Пацификот. Животните, вклучувајќи ги и пониските примати, инаку се запознаваат со душкање. Тоа е основата на таканареченото хемиско сигнализирање благодарение на кое единката условно ја „препознава“ онаа која ѝ одговара генетски.

Можеби ќе се изненадите, но и самото ракување - како универзален гест за поздравување во западната култура - на одреден начин претставува заемно хемиско сигнализирање. Тим истражувачи од институтот Вајцман во Израел, предводен од д-р Идан Фрумино, пред пет години спроведе истражување во кое покажа дека, впрочем, по ракувањето луѓето несвесно ги мирисаат своите дланки и прстите за индиректно да ја „надушкаат“ личноста со која се ракувале.

Иако го заземало местото на душкањето, извесно е дека ракувањето е една од најстарите човечки традиции. Археолошките наоди - како релјефите на надгробните плочи, така и цртежите на вазните - укажуваат дека обичајот за ракување постоел во Стара Грција уште во петтиот век пред новата ера. Претставата на луѓе кои се ракуваат, која во Грција се нарекувала дексиос (од старогрчкиот израз за поздрав), подоцна ќе се пренесе и на уметноста во Стариот Рим, како што, судејќи според сѐ, ракувањето и влегло меѓу римските обичаи.

Востановено е убедувањето - иако потеклото не е познато - дека обичајот на ракување со отворена дланка е сигнал на помирување и дека се појавил како гест со кој еден човек му покажува на друг дека не е вооружен. Античките претстави со ракување опфаќаат и поширок спектар на пораки - на многу релјефи се наоѓаат прикази на заштитници од збратимени градови како се ракуваат или пак, владејачи затекнати како се ракуваат со некој од грчките богови, што како севременска политичка поза требало да укаже на тоа дека власта има поддршка од боговите.

Фотографијата прикажува релјеф на кој се ракуваат две божици - Хера и Атена. Релјефот кој денес се чува во музејот Акрополис во Атина, е настанат после Пелопонеските војни, кон крајот на петтиот век пред новата ера и е посветен на пријателството на Атина и Самос, град држава во Јонското море чиј заштитник била божицата Хера. Иако во претходните децении и сам во војната со Атина, Самос останал дел од Делскиот сојуз, лојален на Атина и после поразот од Спарта, за што зборува инскрипцијата под сликата со ракувањето.

Денес постојат бројни варијации и начини на ракување во различни култури. Исто така, веќе долго е познато дека преку ракувањето се пренесуваат и разни зарази. Меѓу останатите микроорганизми, преку рацете се пренесува и новиот коронавирус, кој најчесто се шири преку заразени капки и може долго да живее на човечката кожа. Тоа доведе на почетокот од пандемијата масовно, ширум светот, покрај миењето раце со сапун (како добар начин да се преполови шансата од заразување) да се советува да се избегнува ракувањето.

Се покажува дека тоа не е сосема лесно. Можеби и самите сте забележале дека отсуството на ракување понекогаш претставува вистински предизвик и средбите со луѓето ги прави „несолени“. За да ги насолите, во услови на епидемија можете да се обидете со алтернативен гест, наклон или некаква друга срдечна порака. Изворното душкање во најмала рака е неблагодарно.

Извор: http://naukakrozprice.rs

Слични содржини

Свет / Наука

ОкоБоли главаВицФото