ЕУ река (55): Од историјата на еден Германец

18.03.2020 10:47
ЕУ река (55): Од историјата на еден Германец

„Реформираните“ судови на Хитлер

(...) Пак смееше да се купува во еврејските продавници. Вистина, и понатаму апелираа да не се купува, а ако некој тоа сепак го правеше, на плакатите беше означуван како „предавник на народот“, но смееше да се купува. Пред вратите на продавниците веќе не стоеја есесовските стражари. Еврејските чиновници, лекарите, адвокатите беа отпуштани, вистина е, но сега веќе според редот и законот, според тој и тој параграф, а имаше и исклучоци: старите фронташи и повозрасните луѓе кои служеле уште под кајзер - зарем можеше повеќе да се очекува? На судовите, откако една недела беа суспендирани, им беше дозволено одново да работат и да ја соопштуваат правдата. Се разбира, беше укината, според редот и законот, неменливоста на судиите. Едновремено на судиите, коишто, значи, сега секој ден можеа да бидат исфрлени на улица, им беше објаснето дека нивната власт неизмерно е зголемена: тие сега станаа „народни судии“, „судски кралеви“. Веќе не мораа плашливо да се држат до законот, дури тоа не беше ни пожелно. Јасно?

Чудно беше пак да седам во Врховниот земски суд, во истата стара сала, на истите клупи, и да се однесувам како ништо да не се случило. На вратите повторно стоеја истите дежурни и, како и секогаш, го заштитуваа достоинството на судот од секое попречување. Дури и судиите во најголема мера беа истите. Судијата Евреин во нашиот сенат, се разбира, веќе го немаше, тоа се подразбира. Вистина, не беше отпуштен, беше стар господин и ја изрекувал правдата уште под кајзер, но го ставија во одделението за катастар или во пресметковното одделение на некој првостепен суд. Наместо него, во нашиот сенат седеше, изгледајќи чудно меѓу возрасните судии на Врховниот земски суд, еден млад русокос судија на првостепен суд, висок и со црвени образи. Судијата на Врховниот земски суд приближно е генерал, а судијата на првостепен суд приближно е поручник. Се шепотеше дека младиот приватно има висок есесовски чин. Поздравуваше со испружена рака и со бодрото „Хајл Хитлер“. Претседателот на сенатот и другите постари господа на тоа неодредено ќе одмавнеа со раката и ќе промрмореа нешто неразбирливо. Во просторијата за советување порано, за време на паузата за доручек, малку ќе помуабетеа за дневните настани или за судските персоналии, тивко и разумно, како што тоа им доликува на култивираните постари господа. Со тоа сега беше завршено. Додека помеѓу советувањата ги јадеа своите сендвичи, владееше длабоко, нелагодно молчење.

Советувањата често се одвиваа чудно. Новиот член на сенатот ги соопштуваше изненадувачките правни знаења со свеж, самоуверен глас. Додека тој реферираше, ние референдарите* со своите свежи испитни знаења меѓусебно се погледнувавме. „Господине колега“, велеше на крајот совршено учтиво претседателот на сенатот, „се чини дека сте го превиделе параграфот 816 од Граѓанскиот законик?“, на што младиот судија, малку како испитен кандидат фатен во грешка, го прелистуваше својот Законик и некако збунето, но сè уште со свеж глас и лесно срце признаваше:„А така, да. Е па, тогаш, значи, е токму обратно.“ Беа тоа ситни триумфи на старото правосудство.

Но имаше и други случаи - случаи кога младиот новајлија не го прифаќаше поразот, туку елокветно и малку прегласно држеше предавање за тоа дека старото параграфско право овде мора да отстапи; ќе ги поучеше своите постари колеги судии дека мора да се гледа смислата, а не словото на законот; го цитираше Хитлер; и со гест на млад сценски херој инсистираше на некоја неодржлива одлука. Внимателното посматрање на лицата на старите судии за тоа време предизвикуваше сожалување. Тие со израз на неопислива повреденост го наведнуваа погледот кон документите под себе додека меѓу прстите нелагодно вртеа некаква спојувалка или парче хартија за впивање. Инаку, за таквото бамборење кое сега тука мораа да го слушаат како висока милост, на приправничкиот испит обично ги рушеа кандидатите; но, зад тоа бамборење сега стоеше државната сила; зад него се закануваше отпуштање поради недоволна националсоцијалистичка посветеност, останување без леб, концентрационен логор... Се поткашлуваше; „се разбира, и ние го делиме вашето мислење, господине колега...“, ќе речеа, „но ќе разберете...“ Па, молеа за малку разбирање за Градскиот законик и се обидуваа да го спасат она што може да се спаси.

Така стоеја работите во Врховниот земски суд во Берлин во април 1933 година. Беше тоа истиот Врховен земски суд чиишто судии некои 150 години порано попрво ќе дозволеле Фридрих Велики да ги уапси отколку што по налог од кралскиот кабинет би измениле некоја пресуда што ја сметале за правилна. Во Прусија и ден денес секое учениче ја знае легендата од она време којашто, вистинита или не, го означува добриот глас на тој суд: според неа, Фридерикус, градејќи го Сансуси, посакал да се отстрани една ветерница, која и денес стои покрај тој дворец, па на мелничарот му понудил да ја купи. Мелничарот одбил, не сакал да ја даде својата мелница. На тоа кралот се заканил дека мелничарот едноставно ќе биде лишен од имотот, на што мелничарот одговорил: „Да, височество - да не беше Врховниот земски суд во Берлин!“

Во 1933 година не беше потребен личниот труд на некој Фридерикус, па дури ни на некој Хитлер, за да се „глајхшалтува“ Врховниот земски суд и неговото соопштување на правдата. За тоа беа доволни неколку помлади судии на првостепениот суд со решителни манири и со слаби правни знаења.

*Судски референдар - правник со положен прв државен испит (заб. прев.).

The Sunday Telegraph вака вели за книгата на Хафнер напишана 1939 година: „Кратка, прецизна, брилијантна книга... Важна е како доказ за тоа што еден интелигентен Германец во триесеттите години знаел за фрапантната природа на нацизмот, во време кога повеќето негови сонародници тврделе дека не знаат ништо“.

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Александар Јосифовски
Слики: Irene Von Neuendorff
Извор: Себастијан Хафнер, „Историјата на еден Германец; сеќавања 1914-1933“.

ЕУ река (54): Роберт Музил - „Секој граѓанин има девет карактери“

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото