Совети од „Декамерон“ за пребродување на епидемијата

18.03.2020 15:13
Совети од „Декамерон“ за пребродување на епидемијата

„Приказна од 'Декамерон'“, Џон Вилијам Вотерхаус, 1916


Објавен во 1353 година, Бокачо го пишувал „Декамерон“ во време кога чумата владеела во Фиренца. Во книгата раскажува за десетмина млади луѓе, седум жени и тројца мажи, кои бегаат во заболениот град во раскошна вила надвор од градот, во Фиесола, и таму во рок од десет дена раскажуваат стотина приказни, за да го пребродат тешкиот период. Некој вид „Илјада и една ноќ“ во доба на епидемија.

„Пишувајќи отворено и едноставно, не воздржувајќи се од еротски па и ласцивни приказни, но понекогаш и со сурови описи, Бокачо, како никогаш дотогаш во христијанскиот свет, во средиштето на настаните го ставил таканаречениот обичен човек. Тоа се животни приказни, најчесто љубовни, забавни и поучни, со многу дух, но и критички настроени, приказни не за боговите туку за за луѓето од крв и месо, слични и блиски на читателите“, се наведува во предговорот на едно од изданијата на книгата.

Досетливи љубовници, превртливи лукавци, препредени измамници, похотни црковници, измамени сопружници... тоа се само дел од ликовите кои се наоѓаат во оваа збирка комични и трагични приказни.

„Од исклучително значење е што Бокачо пишувал на народен јазик, и така станал еден од создавачите на италијанскиот книжевен јазик, со што продолжило раскинувањето со средновековиот латинитет, а претставува и голем новитет во однос на Данте, бидејќи носи теми и мотиви главно од световна природа. Бокачо стои на почетоците на големата духовна традиција која со право се нарекува, како и неговиот период, хуманистичка; тој е еден од пионерите на модерната книжевност - книжевност посветена на човечкото, а не на астралните или апстрактни проблеми.“

Со оглед на тематиката, не е чудно што „Декамерон“ на Амазон деновиве е меѓу првите на листата бестселери во категоријата италијанска книжевност.

Некои во оваа книга бараат упатства како во ова посебно време да го задржат здравиот разум и да го сочуваат менталното здравје.

„Денес тоа е збирка забавни приказни, но тогаш, во 14 век, на луѓето им била некој вид социјален рецепт против епидемијата. Советот на Бокачо гласел: заштитете се со приказни. Сугерира дека со бегство од градот, со опкружувањето со пријатно друштво и со раскажувањето приказни за добро расположение, со мешавина од социјална изолација и забавни активности можат да се преживеат најлошите денови од епидемијата.“ Навистина, советите во денешно време може да изгледаат застарено. Бокачо, на крајот на краиштата, не го знаел она што сега го знаеме за ширењето на болеста. Па сепак, се чини дека уште тогаш дошол до важен заклучок.

„Советувајќи ги луѓето да ги избегнуваат градовите, бил пионер на она што денешните стручњаци во јавното здравство го нарекуваат социјална изолација. Ја разбрал важноста на она што сега го нарекуваме ментална добробит. Карантините значајно и негативно влијаат врз менталното здравје. Едно истражување покажало дека околу 30% од луѓето изолирани во текот на епидемијата на САРС во Торонто подоцна страдале од депресија и ПТСП. Тоа било поради чувството на изолираност, но и поради стигмата“, пишува Њу Стејтсмен, потенцирајќи дека секако приказните не можат да заштитат од вирусот, но барем може да им се даде шанса кога е во прашање борбата со негативните чувства кои создаваат епидемија и карантин.

„Повеќето од нас немаат вила во која можат да се повлечат, но ‘Декамерон’ може да биде потсетник дека во време на криза на јавното здравство, треба да си бидеме поддршка едни на други. Наместо да дозволиме во изолација да нѐ окупира страв од епидемија, можеме да се препуштиме на некои од вообичаените уживања, како играње карти, слушање музика и раскажување приказни. Ова се активности кои нѐ поврзуваат и сигурно имаат позитивно влијание врз нас.“

Слично сугерираат и бројните Италијанци кои деновиве од терасите и прозороците заедно пееја за да ги зачуваат духот и моралот во земјата во карантин.

Извор: https://www.tportal.hr/

ОкоБоли главаВицФото