1019 hPa
82 %
15 °C
Скопје - Чет, 18.06.2026 00:59

Црвената смрт веќе долго ја опустошуваше земјата. Ниедна чума не била толку погубна, ниту, пак, толку страшна. Крвта беше нејзино наличје и нејзин печат ‒ црвенилото и ужасот на крвта. Проследена со остри болки и ненадејна вртоглавица, потоа обилно крварење од порите и на крај целосно излевање. Светлоцрвените дамки по телото и особено по лицето на жртвата, беа симптомите на болеста поради кои жртвата остануваше без помош и сочувство од ближните. А целата болест, од самиот почеток до кобниот крај, не траеше подолго од половина час.
Но принцот Просперо беше среќен, бестрашен и мудар. Кога неговата област беше наполу опустошена, тој повика кај себе илјада здрави, силни и безгрижни пријатели од редовите на витезите и дамите на дворот и со нив се повлече во еден од неговите утврдени замоци. Беше тоа пространа и извонредна градба, дело на ексцентричниот, но величествен вкус на принцот. Беше опколена со цврсти и високи ѕидини. Ѕидините имаа порти од челик. Дворјаните, влегувајќи, донесоа печки и масивни чекани, а резињата ги заварија. Така сакаа да го спречат влезот на оние однадвор кои ненадејно би ги зафатил очај, и излезот на оние од внатре кои би ги опфатил бес. Влезот беше прилично обезбеден. Со таква внимателност, дворјаните можеа да ѝ пркосат на чумата. Надворешниот свет нека си се погрижи за себе. Во меѓувреме, беше лудост да се тагува или умува. Принцот ги обезбеди сите нешта потребни за задоволство. Имаше шегобијци, импровизатори, танчерки, музичари, убавици, вино. Сите овие заедно со сигурноста беа внатре, надвор беше Црвената Смрт.
Некаде кон крајот на петтиот или шестиот месец на оваа изолација, додека чумата надвор сосема неконтролирано беснееше, принцот Просперо на своите илјада пријатели им приреди особено величествен бал под маски.
.jpg)
Беше предизвикувачки настан, таа маскарада. Но, прво дозволете ми да ви ги опишам просториите во кои се одржуваше. Седум простории ‒ низа кралски одаи. Во многу палати, меѓутоа, таквите одаи се простираат во долг и прав ред, вратите се ширум отворени и крилата им се допираат речиси до самиот ѕид така што со еден поглед можат да се опфатат речиси сите одаи. Овде беше сосема поинаку; како и што можеше да се очекува од наклонетоста на принцот кон чудното. Собите беа така неправилно распоредени што погледот можеше да опфати едвај малку повеќе од една просторија наеднаш. На секои дваесет или триесет метри следеше остар свиок, а на секој свиок необичен ефект. Лево и десно, во средината на секој ѕид, висок и тесен готски прозорец гледаше кон затворен коридор кој се приклучуваше на кривините од низата одаи. Овие прозорци беа од обоено стакло чија боја се менуваше во склад со доминантниот тон на украсите во собата кон која се отвораше. Таа на источниот крај, на пример, беше обоена во сино ‒ па нејзините прозорци беа јасно сини. Во другата соба, орнаментите и таписериите беа пурпурни, па и окната беа пурпурни. Третата беше зелена од крај до крај, вклучувајќи ги и рамките на прозорците. Четвртата беше наместена и осветлена во портокалово, петтата во бело, шестата во виолетово. Целата седма соба беше исполнета со црни кадифени таписерии што висеа насекаде по таванот и по ѕидовите, паѓајќи во тешки дипли врз килимот од ист материјал и боја. Но, единствено во оваа соба бојата на прозорците не се совпаѓаше со бојата на украсите. Окната овде беа црвени како крв. Меѓутоа, сега, во ниту една од седумте одаи, среде сиот тој раскош од златни украси што беа распослани на околу или потпрени на ѕидот, немаше ниту една ламба или свеќник. Во целата таа низа одаи немаше никаква светлина која би доаѓала од ламба или свеќа. Но, во ходниците кои се надоврзуваа на низата одаи, покрај секој ѕид, наспроти секој прозорец, беше поставен тежок триножник на кој имаше мангал со оган од каде се ширеа зраците преку обоеното стакло и на тој начин јасно го осветлуваа просторот. Така се создаваше мноштво шарени и фантастични слики. Но, во црната, или западната одаја, ефектот од огнената светлост што протекуваше низ крваво обоените окна беше страшен до крајност, и на лицата на оние кои влегуваа им придаваше толку див израз, што малкумина беа оние кои се осмелуваа воопшто и да зачекорат на нејзина територија.
.jpg)
Во оваа соба, наспроти западниот ѕид, беше поставен и огромен ѕиден часовник од абонос. Клатното се нишаше напред-назад предизвикувајќи тап, тежок, монотон ѕвекот; кога големата стрелка ќе го обиколеше бројчаникот, токму пред означувањето нов час, од месинганите гради на часовникот ќе излезеше звук јасен, гласен, длабок и извонредно музикален, но со толку специфичен тон и израз што, по секој временски интервал од еден час, музичарите од оркестарот беа присилени да запрат со изведбата во истиот миг и да го слушнат звукот; и така, оние кои танцуваа нужно ги прекинуваа движењата; додека отчукувањата на часовникот сè уште ѕвонеа, можеше да се забележи дека и најзанесените побледуваа, а постарите и седите ги мазнеа своите веѓи со такви движења како среде збркана занесеност или медитација. Но, кога одгласите целосно ќе прекинеа, наеднаш блага насмев ка го исполнуваше собирот; музичарите се погледнуваа едни со други насмевнувајќи се, како сè да се беше случило поради нивната нервоза и лудост, и низ шепот си даваа завет еден на друг, дека наредното отчукување на часовникот нема кај нив да предизвика слично чувство; и тогаш по интервалот од шеесет минути (што опфаќа три илјади и шестотини секунди од времето што лета) сепак следеше друго отчукување на часовникот, и истите обеспокојувања, плашливост и медитација од пред тоа.
Но, и покрај сето тоа, ова беше радосна и величествена веселба. Принцот се истакнуваше со посебен вкус. Тој имаше остро око за бои и ефекти. Не посветуваше внимание на помодниот евтин сјај. Неговите планови беа смели и жестоки, а неговите замисли блескаа со варварски сјај. Некои го сметаа за луд. Неговите приврзаници чувствуваа дека не е. Требаше човек да го слушне, да го види и да го допре па да биде сигурен дека не е.
Украсите во седумте одаи, во чест на ова големо празнување, главно беа изработени според негови инструкции; и маските беа направени по негов личен вкус.
.jpg)
Бидете сигурни дека изгледаа гротескно. Имаше многу шаренило и сјај, пикантерија и соблазнение ‒ многу слично на она што подоцна се виде во Игоовото дело “Ернани”. Имаше арабескни фигури со несоодветни екстремитети и делови од облека. Споулавени вообразби, плод на лудачка фантазија. Имаше многу убаво, многу развратно, многу чудно, нешто ужасно, и не малку од она што може да предизвика гадење. Низ седумте одаи, всушност, парадираа мноштва сништа. А тие ‒ сништата ‒ се свиваа на сите страни, попримајќи ги боите на одаите низ кои минуваа, и чиниш бесната оркестарска музика е само ехо од нивните чекори. Па одвреме‒навреме повторно почнува да отчукува абоносовиот часовник поставен во ходникот со кадифе. И тогаш, за миг, сè станува мирно, сè е стишено, освен гласот на часовникот. Сништата се вкочануваат така како што се затекнати. Но одгласите на отчукувањата изумираат ‒ тие не траеја ниту миг ‒ и блага, полупридушена насмевка одекнува по нив додека се оддалечуваат. И сега музиката повторно се засилува, а соништата оживуваат, и се превиваат напред-назад повесели од кога и да е, попримајќи ги боите од шарените прозорци низ кои протекуваат зраците од триножниците. Но, кон собата, која од сите седум најмногу гледа кон запад, сега ни еден од маскираните не се осмелува да пристапи; зошто ноќта бледее; и румена боја тече низ крваво обоените садови; а црнилото на темната драперија престрашува; и врз оној кој со нога ќе стапне врз црниот килим, од абоносовиот часовник во близина доаѓа придушен ѕвекот, појасно нагласен од кој било што допира до ушите на другите, кои се наоѓаат во по одалечените веселби на другите простории.
Но овие други простории беа густо пренатрупани, и во нив трескавично биеше срцето на животот. И веселбата вртоглаво продолжуваше да тече додека часовникот не почна да одѕвонува полноќ. И тогаш, како што реков, музиката запре; и танчерите престанаа да се вртат; па завладеа неудобно затишје, како претходно. Но сега дванесет удари требаше да одѕвонат; па така кај оние позамислените, затоа што имаа повеќе време, можеби се појавија повеќе мисли. Така и се случи, можеби, пред последниот оддек на последниот удар целосно да потоне во тишина, многумина во толпата да ја забележат маскираната појава која дотогаш не беше привлекла ама баш ничие внимание. И штом гласините за ова ново присуство со шепот се проширија наоколу низ целото друштво се разнесе жагор што искажуваше не одобрување и изненаденост ‒ најпосле сè претворајќи во ужас, страв и одвратност.
.jpg)
При еден таков собир на фантастични ликови каков што ви го опишав, јасно може да се претпостави дека ни еден обичен изглед не можеше да предизвика таков впечаток. Вистина е дека правилата на маскарадата таа вечер беа речиси неограничени; но, појавата за која станува збор ги беше надминала сите граници, па дури и слободните сфаќања на принцот за пристојноста. И во срцата на најбезбрижните постојат жички кои кога ќе се допрат мораат да предизвикаат возбуда. Дури и крајно изгубените, на кои и животот и смртта им се шеги, имаат нешта за кои не можат да се шегуваат. Целото друштво, навистина, сега се чинеше длабоко уверено дека во костимот и држењето на туѓинецот нема ниту дух ниту пристојност. Појавата беше висока и коскеста, и од глава до пети обвиена во погребна одежда. Маската што го прекриваше лицето толку наликуваше на лице на вкочанет мртовец, што и при највнимателно набљудување измамата тешко би се забележала. Па сепак, сето ова можеби ќе можеше да се поднесе, па дури и ќе беше прифатено од лудите развратници наоколу, ако маскираниот туѓинец не беше отишол толку далеку, земајќи го самиот лик на Црвената Смрт. Неговата облека беше облеана во крв ‒ а неговото широко чело, со сите црти на лицето, беше прекриено со грозни црвени дамки.
Кога погледот на принцот Просперо падна врз ова привидение (кое, со бавно и свечено движење, како да сака поубедливо да ја одигра својата ролја, парадираше напред-назад меѓу оние што танцуваа) тој беше виден како се превиткува од болка, уште од првиот миг со силно треперење или од ужас или од гадење; но во следниот неговото чело поцрвене од бес.
.jpg)
“Кој се осмелува ‒ им се обрати со засипнат глас на дворјаните што стоеја околу него ‒ кој се осмелува да нè навредува со оваа богохулна измама? Грабнете го и демаскирајте го ‒ за да знаеме кого треба да обесиме, на изгрејсонце, на бедемот!” Додека ги изрекуваше овие зборови, принцот Просперо се наоѓаше во источната, или сината соба. Тие јасно и гласно одекнаа низ седумте соби зашто принцот беше горд и робусен чоовек, а музиката се намали при поместувањето на неговата рака.
Во сината одаја се наоѓаше принцот, со група бледи дворјани покрај него. На почетокот, додека говореше, оваа група со незабележлив чекор се придвижи во насока на натрапникот кој во тој миг исто така беше на дофат, а потоа, со одмерен и достоинствен чекор од поблизу му пристапи на говорникот. Но, поради некој нејасен страв што лудата дрскост на маскираниот ја влеа во целото друштво, не се најде никој да го фати; и така, непопречен, тој за еден метар му се доближи на принцот; и додека големиот собир со еден поттик се зби од средината на одаите кон ѕидовите, тој се пробиваше незапрен од никого, но со истиот достоинствен и одмерен чекор со кој се истакнуваше од почетокот, низ сината одаја до виолетовата ‒ низ пурпурната до зелената ‒ низ зелената до портокаловата ‒ повторно преку оваа до белата ‒ и дури тогаш до виолетовата, а притоа никој и да не мрдне со прст да го запре. Меѓутоа, во тој миг, принцот Просперо, полудувајќи од бес и срам од сопствениот кукавичлук, се стрча низ седумте соби, но никој не го следеше поради смртоносниот страв што сите ги обзеде. Имаше извлечено кама, крената во воздух, и се приближи, со ненадејна жестина, на околу три или четири чекори од појавата која се повлекуваше, и веќе навлегувајќи во длабочините на виолетовата соба, наеднаш се сврте и се соочи со својот прогонувач. Следеше остар крик ‒ и камата со миговен блесок падна врз темниот килим, каде, веднаш потоа, смртно испружен падна принцот Просперо. Тогаш, безумно охрабрени од очајот, масата веселници веднаш се втурна кон црната соба и зграпчувајќи го маскираниот, чија висока појава стоеше исправена и неподвижна во сенката на абоносовиот часовник, зинаа од неискажлив ужас увидувајќи дека во погребните одежди и мртовечката маска, што ги беа зграпчиле со грубост така жестока, нема никаков опиплив лик.
И сите станаа свесни за присуството на Црвената Смрт. Таа како крадец се беше прикрала во ноќта. И гостите паѓаа, еден по еден, во салите оросени со крв, каде што се веселеа, и секој умираше во онаа очајничка положба во која беше затекнат. А кога и последниот член од веселата дружина го испушти здивот, замре и часовникот од абонос. Згаснаа и пламењата од триножниците. Темнината, распаѓањето и Црвената Смрт безгранично завладеаја со сè.
1842.
.jpg)
Шарл Бодлер за Едгар Алан По:
Со својот гениј, со темпераментот, По успеа, на беспрекорен, потресен и стравотен начин, да ги наслика и објасни исклучоците и во моралниот поредок. По е писател на нервите, па и повеќе од тоа - тој е најдобриот што го знам. Кај него секое влегување во предметот привлекува како вртлог. Веднаш на почетокот јасно е дека станува збор за сериозни нешта. Бавно, лека-полека, се развива раскажување кое почива врз едвај насетливи свртувања на разумот, на смели претпоставки, на неразумното одмерување со Природата... Читателот понесен со вртоглавица принуден е да го следи писателот низ неговите убедливи заклучоци.
Фотографиите се од филмот The Masque of the Red Death (Roger Corman, 1964)
Превод: Марија Саревска
Извор: Едгар Алан По, Маската на црвената смрт; Темплум, 2005.