Медиум на друм (64): Зборови на светлината

18.03.2020 17:47
Медиум на друм (64): Зборови на светлината

Затоа што медиумскиот настан (а за Јингер не постои ниеден друг тип настан) е насочен кон произведувањето слики коишто трансмисиите, за воопшто да бидат она што се, ги умножуваат, удвојуваат, репродуцираат: настаните мораат да можат „насекаде да се огледуваат и повторуваат безброј пати“. Она што настанот го прави настан е неговата технолошка репродуктивност.

***

Сликата веќе го обзнанува нашето отсуство. Потребно е само да знаеме дека сме смртни - а фотографијата ни зборува дека ќе умреме, дека еден ден веќе нема да бидеме тука, или, подобро, дека ќе бидеме тука на оној начин на кој отсекогаш сме биле, како слики.

***

Оваа врска меѓу смртта и фотографираното всушност е самото начело на фотографската извесност: фотографијата е едно гробиште. Како мал надгробен споменик, фотографијата е гроб на живите мртви. Таа ја раскажува нивната историја - една историја на призраци и сенки - и таа тоа го прави бидејќи таа е таа историја. Како што објаснува Ролан Барт, доколку во фотографијата проговара одреден ужас, тогаш тоа е зашто „таа сведочи дека трупот е жив, како труп: таа е жива слика на нешто мртво“.

***

Тоа што помнењето е од онаа страна на свеста, значи дека просторот на помнењето ја именува темнината, еден вид сон во срцето на нештата.
Сонот и темнината - услови за одвојување на себството од самото себе - се она што Блох го нарекува „темнината на проживеаниот момент“. „Ние не поседуваме некаков орган за Јас или за Ние“, објаснува тој, „но се држиме себеси во слепото петно, во темнината на проживеаниот момент, чија темнина всушност е нашата сопствена темнина, нашата непознатост, камуфлираност или изгубеност.“

***

Не постои никаков минлив момент кој веќе не би бил и минато и иднина: моментот мора да биде едновремено минат, сегашен и иден, за воопшто да може да помине. Од тие причини, ова вечно враќање не значи „враќање на истото“ туку, повеќе, враќање на она што никогаш не е просто самото тоа. Она што се враќа е движењето со кое другото нешто станува впишано во истото кое, затоа што сега веќе не е исто, го именува она што секогаш е различно од самото себе.


Избор и превод: Никола Гелевски
Гифoви: Bill Domonkos
Извор: Eduardo Cadava - Words of Light: Theses on the Photography of History (1998)

Медиум на друм (63): Медиумот е порака (3)

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

ОкоБоли главаВицФото