Слугата, господарот и Смртта

18.03.2020 18:31
Слугата, господарот и Смртта

Кусата приказна за слугата, господарот и Смртта, што на мудар начин зборува за нешто што во незнајното минато сигурно не се случило во Самара и Бухара, е бездруго стара со векови, а последниве години е прераскажана веројатно безброј пати. Тоа – а да не спомнам и дека само јас на овие страници сум ја прераскажал најмалку еднаш – како и сосема извонредните околности на пандемијата на ковид-19, ми создава несовладливо искушение, почитувани читатели, да ви ја прераскажам уште еднаш.

Елем, во старо време, едно утро во Самара, во господските одаи втрчал слугата што бил пратен на пазар, се спружил на колена, блед, треперлив, уплашен до избезуменост и почнал да го преколнува господарот: Господару, те молам за разбирање и милост! Пред малку ја видов Смртта на пазар, како шета меѓу тезгите, а добри луѓе ме предупредија дека се распрашувала токму за мене! Премлад сум да умрам, па те молам позајми ми коњ за да побегнам од неа и да се засолнам вечерва на сигурно во Бухара?

Стопанот бил човек со меко срце и му ја исполнил молбата на слугата, но додека уште не паднала прашината од коњскиот галоп, тој изнервиран тргнал на пазар да испита кој тоа шејтан му внел неред во домаќинството. Се втурнал решително во пазарната гужва и – навистина, веднаш ја забележал високата, морничава но достоинствена фигура на Смртта како се шета мирно меѓу тезгите. Иако мек, човекот бил и бестрашен, па веднаш го расчистил патот до Смртта и ја запрашал бесно: зошто ми го плашиш слугата и ми го нарушуваш куќниот ред? А Смртта пресретливо и љубезно му одговорила: извини за нередот, но тоа мора да е некое недоразбирање… или некој на пазаров правел зли шеги. Јас сум во Самара по сосем друга работа, која нема никаква врска со твојот слуга. А со него имам средба дури вечер, и тоа далеку од тука, во Бухара.

Информацијата е таа што го одвела слугата директно во неговата смрт

Од приказнава можат да се извлечат илјада и една поука, можеби зашто е создадена во истото златно доба на мудроста и уметноста, како и 1001 приказна на Шехерезада. Првата поука е секако дека од судбината не се бега, зашто таа е уредена од вишите сили, а не од човека, та секаков човечки напор да се измами судбината мора да заврши кобно. Овој површински фатализам, меѓутоа, ни оддалеку не ги исцрпува сите значења што скаската ги нуди. Втората поука може да се сфати конструктивно, доколку помислиме дека во приказната се зборува за деструктивните последици на паниката, зашто токму паниката е таа што го водела слугата да го бодина коњот и да стаса точно навреме во Бухара, на состанок со сопствената смрт. Третата поука би можела да биде во слава на храброста, зашто бегањето од проблемите на злата судбина во скаската очигледно го претставува најбрзиот пат до судбинскиот пораз, додека соочувањето со судбината, обидот таа да се предизвика и смени, е имплицитната, но јасна алтернатива што во скаската се препорачува.

Од друга страна, поуки од оваа ингениозна приказна можат да се извлекуваат и од сосем неочикувани агли: дека токму емпатичната и хумана реакција на господарот е таа што му овозможила на слугата со луксузен коњ да стаса на време на судбински закажаниот состанок со својата пропаст. Или, можеме да ја посочиме лажната информација што слугата ја добил на пазар како судбоносна и, воедно, смртоносна во случајот. А, кога сме веќе кај лажната информација, скаската овозможува лесно апстрахирање на атрибуцијата „лажна“ и извлекување поука, која едноставно кажува дека информацијата е таа што го одвела слугата директно во неговата смрт. Можно е, како што реков, да се деривираат од оваа неверојатна скаска уште многу поуки, но во светло на актуелната пандемија што без многу колебање можеме да ја наречеме „инфодемија“, да ја разгледаме информациската страна на глобалната епидемија, предизвикана од таинствениот коронавирус.

Што ќе случеше ако епидемијата се појавеше пред 30-ина години?

Еве, на пример, да замислиме епидемијата да се појавеше пред триесетина години. Што ќе се случеше? Безмалку никој немаше да забележи дека се случува нешто различно од вообичаената сезонска епидемија на инфлуенцата, популарно наречена грип. Ковид-19 ќе се втопеше во вообичената жетва на животи на инфлуенцата, зашто грипот секоја година, веќе со децении, се прошетува по целата планета и однесува помеѓу 250.000 и 650.000 животи. Секоја година, значи, вклучувајќи ја и оваа, во која планетарната бројка на починати од ковид-19 тукушто ја преминува бројката од пет илјади, грипот – таа банална инфекција – носи половина милион жртви. И, ако се земе предвид дека бројката на луѓе починати од компликации од инфлуенцата е многукратно поголем, зашто како причина за смрт била запишана друга болест од која несреќните најверојатно болувале, секоја година човештвото се простува од некој или неколку милиони блиски, во тишина и во банална и секојдневна нормалност. Па, како тоа никој не крева паника и загриженост за милионите изгубени животи од грипот, додека петте илјади летални исходи веќе ја предизвикаа најголемата глобална паника, придружена со најдраконски мерки од националните влади, чиишто вистински здравствени, социјални и економски последици се надвор од каква и да е рамка на предвидливост?!

Дали со оваа приказна сакам да укажам дека мерките на Владата се пресилни и драконски, и дека „клиничката слика“ на нацијата не укажува на нивната оправданост? Не, туку спротивно. Владините драконски мерки се најсоодветниот одговор на овој предизвик на непознатата вирусна закана. Ако инфекцијата е сезонска – овие мерки ќе ја задушат, а доколку таа има намера да се тркала по планетата подолго, тогаш овој национален карантин ќе ги потсече врвовите на експоненцијалната крива на епидемијата и ќе го затапи нејзиниот потенцијално неиздржлив врв. Карантинот во почетната фаза од епидемијата се покажа – од старите чуми до денешни деној – како најефикасното оружје против инфекции за чиешто лечење човекот нема лек. Мерката соодветствува и на искреноста на демократската власт во земјава, на која ѝ е јасно дека Македонија нема средства да се бори со десетици илјади едновремено заболени пациенти. Во секој случај, оваа мерка е 16.000 пати поискрена и посоодветна од забраната за летови од Европа, што претседателот Трамп некни ја прогласи со декрет. Со таа бесмислена мерка само се дефокусира јавноста од фактот дека најбогатата земја на светот не е подготвена и не е способна да им обезбеди каква и да е здравствена заштита на своите граѓани. Но, јас заталкав во Америка, а верувајте ми, немав таква намера.

Туку, да им се вратиме на слугата, господарот и Смртта: можеше ли тоа да се случи малку поинаку?


Слики: Kay Nielsen (1886–1957)

Извор: Слободен печат