За игнорираните опасности од епидемијата

19.03.2020 23:19
За невидливите опасности од епидемијата

А што со невидливите епидемии?

За среќа, уште немаме ниедна жртва на вирусната епидемија. За несреќа, во последниов месец имаме цела серија самоубиства на млади луѓе. Тешко дека распространетоста на ваквата смрт ќе го доведе во прашање редовниот тек на општествените процеси. Никогаш нема поради неа да се прогласи вонредна состојба во државата. Сепак, поразува помислата на болната невидливост на оваа епидемија. Стоиме пред неа како без ум и јазик. Не може ли да ѝ се фати крајот?

Ретки ли се самоубиствените мисли и пориви меѓу нас? Јас гледам дека не се. Често дознавам дека си имаат фиксно место во секојдневието на луѓето околу мене. А опкружувањето не ми е еднолично, има тука секакви луѓе. Можеби не зборуваме доволно промислено и широко за ова? Можеби пречесто се остава возот на тие мисли и преживувања да ги прегази силите и трпението?

Или е толку неистражен теренот на самоубиството во општата култура? Во никој случај. Најдобрите примероци од човештвото се занимаваат со самоубиството, зборуваат за него низ книги, низ филмови, низ музика, со деликатен или со вулгарен јазик. Понекогаш и самите се самоубиваат проучувајќи ги неговите сложени формули. И науката долго ги истражува страните на самоубиството. Значи, имаме сознанија за неговата разнострана природа.

Се самоубиваат ли само згазените луѓе? Не само тие. Се самоубиваат и успешните, оние со реализирани потенцијали, без видливи проблеми. Во секој случај, се самоубиваат луѓе со изграден карактер. Самоубиецот носи сериозно тешка одлука, невозможна вон кругот на карактерноста. Не се слабаци тие што ни се самоубиваат. Тоа се, заправо, луѓе што носеле или би можеле да понесат на себе доста од општиот товар. Можеби самоубиството е најприфатливиот или единствениот пат што самоубиецот го гледа за себе пред да се самоукине. За сите нас, сепак, самоубиството, особено кога добива размери на епидемија, е недвосмислена загуба.

Лошо е за нас кога прерано губиме луѓе. Особено кога губиме масовно. Па, вреди ли малку да се зафатиме со оваа епидемија? Згора на сè, губиме навистина ретки примероци. Знаев или дознав дека добар дел од неодамна самоубиените се личности со висок морал, со изразити квалитети. Сакаме и можеме ли да ги вратиме следните од последната црта?

Извор: Фејсбук профилот на авторот

ОкоБоли главаВицФото