Тортури

20.03.2020 15:03

Ништо не се променило.
Телото е болно,
мора да јаде и вдишува воздух, и да спие,
има тенка кожа и крв веднаш под неа,
има поголемка залиха на заби и нокти,
коските му се кршливи, зглобовите растегливи.
Во тортурите сето тоа се зема предвид.

Ништо не се променило.
Телото трепери како што треперело
пред и по основањето на Рим,
во дваесеттиот век пред и по Христ,
тортурите се исти ко што биле, само земјата е смалена
и што и да се случува, како да е зад ќошот.

Ништо не се променило.
Само е зголемен бројот на луѓето,
крај старите гревови се појавија нови,
стварни, припишани, минливи и никакви,
но крикот со кој телото за нив одговара
бил, е и ќе биде крик на невиноста
според вечните скала и регистар.

Ништо не се променило.
Можеби само манирите, церемониите, танците.
Движењето на рацете што ја штитат главата
сепак останало исто.
Телото се мрда, грчи и извива,
кутнато од нозете паѓа, ги свива колената,
модрее, отекува, лигави, крвари.

Ништо не се променило.
Освен токовите на реките,
рабовите на шумите, бреговите, пустините и ледниците.
Среде тие пејзажи душичката снове,
исчезнува, се враќа, приближува, оддалечува,
самата себеси туѓа, недофатлива,
час сигурна, час несигурна во своето постоење,
додека телото е и е и е
и нема каде.

Превод: П. В.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото