Под ризик се најранливите по ментално здравје

20.03.2020 16:07
Под ризик се најранливите по ментално здравје

 Луѓето со ментално здравствени проблеми, во услови на Ковид-19, се меѓу високо ризичните категории во справување со кризата. За разлика од останатите болести од листата на ИЈЗ, кои се ослободени од работни обврски и остануваат дома заради поголема заштита, кај оваа група, напротив, условите на изолација многукратно го зголемуваат ризикот од појавата на симптоми како што се стравот, анксиозноста, лутината, како и депресивните симптоми - безволноста, осаменоста, беспомошноста и губењето смисла. Тоа веќе ни се случува и ќе продолжи, со зголемен ризик од суицид, со влошување на состојбите, со заострување на мерките и со одолжување на времето за надминување на кризата. Да не ги заборавиме овие луѓе во општата гужва, да ги направиме повидливи. Ним им треба поддршка и помош, веднаш, а во превентивните мерки можат да се вклучат сите.

Притоа, она што треба да знаеме е дека мерките на претпазливост, со силни ограничувања и (само)изолација се ригорозни мерки на кои сите луѓе немаат еднаков одговор, ниту еднаков капацитет да се прилагодат доволно успешно и брзо. Притоа, склони се да си „помагаат“ со разни видови самоодбрана како, негирање и релативизација на опасноста, само за да не мораат да ги прифатат. Тоа доаѓа и од таму што голем број луѓе не умеат да функционираат во социјална изолација, или тоа им оди исклучително тешко. За многумина тоа значи соочување со своите стравови и анксиозности, што ги води кон катастрофички сценарија на кои предолго остануваат изложени, кога остануваат сами. Без вообичаената дистракција што ја имаат кога одат на работа, кога се среќаваат со другите, седат по кафулињата, избегнувајќи да се соочат со самите себе и со своите тешки мисли. Има и такви, најчесто меѓу повозрасните, кои научиле некому да бидат од помош - на децата, внуците, пријателите и сега немаат како тоа да го остварат, па се чувствуваат бескорисни, непотребни, често и отфрлени. Гледаат дека и без нив се може.

На сите нив им треба поддршка и помош. Доброто е што секој може да им ја пружи, со малку поголема чувствителност, внимание и трпение, од појаките кон послабите и поранливите. Со голема придобивка за сите.

Прво е, да покажеме поголемо разбирање за времето што им треба на овие луѓе, да се прилагодат на новите рестрикитивни услови на живот. Да не им се лутиме веднаш, да не ги напаѓаме, навредуваме, и сите свои фрустрации да не ги истураме врз нив. Подобро е да разговараме, да ги замолиме, и да бидеме сериозни и одлучни во она што го бараме од нив. И да не заборавиме дека тие се многу поранливи од останатите, и затоа делуваат посебични и понечувствителни, како што често знаеме да ги процениме, и да останеме само на тоа.

Второ, да им понудиме, кога веќе мораат да останат дома, да си направат листа од најблиски луѓе, на кои им веруваат, нека се и три/четири, дури и помалку, и да им дадеме дозвола отворено да побараат токму тоа што им треба од нив, без да размислуваат дека притоа грешат, или некого вознемируваат. Тоа може да биде било што: јавување еднаш на денот, потсетување да направат нешто, муабети од 15 минути ... самите да го побараат тоа што им треба, од секого посебно. Така ќе бидат проактивни, ќе имаат идеја што им треба, помалку ќе се плашат бидејќи нема да бидат сосема сами, а ќе почнат и да учат како полесно да уживаат во својата самотија. И ќе се ослободат од стравот дека пречат, што многу често, некогаш и пресудно, ги задржува да се јават кога им е најтешко.

Трето, да им помогнеме да направат структура на денот од неколку временски блока, стриктно од – до. И да ги исполнат со посакувани, возможни содржини. Блоковите можат да се именуваат како: Грижа за себе (со содржини од утрински ритуали, медитација, вежбање, информирање), потоа Дружење, Забава /игри, филмови, книги/, Креативен блок, Блок за физичка активност, Помош на другите и сл. Во почеток тоа можат да бидат два -три блока, поважно е да се придржуваат на временската рамка, но без присила и сосема флексибилно во поглед на планираните содржини. Да биде тоа за нив еден вид истражувачки проект, што ќе се следи и анализира со сите негови ефекти, и нус појави. И кој ќе можат да го споделат и со другите.

Ете, секој може да биде важен, корисен и од помош и во услови на Ковид-19.

Слики: HELENA PEREZ GARCIA

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото