Големо признание за писателката Лидија Димковска

21.03.2020 12:49
Големо признание за писателката Лидија Димковска

По повод Светскиот ден на поезијата, 21-ви март, во Словенија „Лириконфест – Поетична академија“ ја прогласи Лидија Димковска за добитник на наградата „Чаша на бесмртноста – Велењица“ за врвен поетски опус во изминатата деценија.

Во образложението на жирито се нагласува дека Лидија Димковска со својата поезија гради мостови меѓу повеќе култури и народи, а нејзините песни се проникнати со општествена критика и со конкретно поставени прашања за миграциите, бирократизацијата, националната алчност, емотивното страдање и заборавената историја. Жирито истакнува дека во изминатата деценија со нејзините врвни поетски збирки „pH неутрална за животот и смртта“ и „Црно на бело“ објавени на словенечки во препев од македонски на Алеш Мустар, Лидија Димковска докажа дека го заслужува називот словенечка поетеса.

Во 15-годишното постоење на наградата која годинава ќе биде доделена на крајот на мај или во текот на септември, Лидија Димковска е првиот добитник кој живее во Словенија, но не пишува на словенечки јазик.

Во Македонија објавува за издавачката куќа Или-Или од Скопје.