Искра Гешоска: Растењето во театар ме научи дека нештата постојат само низ креативен конфликт

21.03.2020 17:36
Искра Гешоска: Растењето во театар ме научи дека нештата постојат само низ креативен конфликт

Во „Женски печат“ со големо задоволство се дружиме со теоретичарката на уметност и директорка на КРИК – Фестивал за критичка култура, Искра Гешоска. Израсната во семејство на познати глумци, нејзиниот свет, од најрана возраст, бил оној свет кој го осознавала преку театарот. И иако од театарот научила повеќе значајни животни лекции, сепак, не продолжила директно професионално по врвиците на своите родители.

Со Гешоска зборуваме за случувањата на актуелната културна и уметничка сцена во Македонија, но, секако, не ги заобиколуваме и нежните, „женски“ теми.

Израсната си во актерско семејство, од „мали нозе“ следиш театарски претстави. Како се случи животниот пат да те одведе во насока на теоретичар на уметноста, наместо на театарските даски?

– Животните врвици секогаш се како пајакова мрежа, повеќеслојни, вкрстувачки, разминувачки. Токму растењето во театрот, како едно од најкомлексните искуства во мојот живот, ја градеше ненаметливо, но доста детерминирано мојата личност. Мојот свет, од најраната возраст, беше оној свет кој го осознавав преку театарот. Моите детски игри не се одвиваа вообичаено – за мене беше многу повозбудливо растењето да го поминувам во темнината на салонот на Драмскиот театар, за време на пробите и претставите во кои беа вклучени моите родители, но и на сите останати, отколку низ очекуваните детски процеси на игра. Затоа што, кога стануваше збор дали сакам да бидам со децата во некоја радосна игра на улица или дома, или да останам во театар, го бирав секогаш театарот. Зашто уште од предшколска возраст чувствував дека таму сум предизвикана од свет, од ликови кои не се еднозначни, кои имаат нешто што е отаде изреченото, кои нудат прикажувачки простори за она што е прикриено, недоискажано во таканаречениот реално-постоечки свет.

Свет кој ја отвора токму онаа порта низ која можеме да го согледаме скриеното, неугодното, премолченото во културата, во катадневието. Она што го живеев како дете во театарот и низ кое израснав во возрасна личност е сознанието дека ништо не е онака како што се чини на прв поглед, дека секогаш нештата имаат повеќе димензии, перспективи, дека граматиката на животот е комплексна и дека мора макотрпно да се вложиме во нејзиното толкување и осознавање. Растењето во театарот ме научи дека нештата постојат само низ конфликт, креативен конфликт и дека само низ критичка конфронтација можеме да го разоткреме и да го надградуваме благородното лице на постоењето и на животот. Воедно, театарот ми покажа дека е нужно да се биде бескрајно отворен, и емоционално и интелектуално, во однос на разбирањето на позицијата на другиот и дека само низ дијалогот со другиот можеме да се спознаеме себеси. А можеби најзначајната лекција беше онаа која мора да се биде одговорена во донесувањето на заклучоци, но едновремено да се биде со ширум отворени очи за сите детали – бидејќи деталите, финесите, се клучни за големата слика, за големиот наратив. Доколку не ги забележуваме постојано сите гестови, сите елементи, секој изговорен збор, или значењето на секое парче тишина кои се одвиваат на сцената, нема да ја разбереме ни претставата во целина. Така е и во животот – ако сакаме да го разбереме и животот, и заедницата, а пред сè себеси во тој живот и во таа зедница, ќе мораме да бидеме во постојан подвиг на понирање во сите детали на сопствената, внатрешна бездна, на сите радости и таги кои течат како реки понорници низ нашето битие. Така ќе го откриеме и другиот. Бидејќи само низ другиот постоиме. Ете, сето тоа го научив низ тетатарот.
Да, јас не продолжив директно професионално по врвиците на моите родители, од многу причини. Едната е дека не сакав мојот професионален живот на кој било начин да биде поврзуван или, во најлошата верзија, привилегиран заради нивната општествена ситуираност. Токму заради тоа и се посветив на вонинституционалната култура, на независниот културен сектор. Но и покрај тоа, печатот на моето растење, зреење и искуство во театарот влијаеше темелно врз градењето на моите професионални врвици – никогаш не го напуштив поширокото и пообемното читање и дејствување во општеството преку културните и уметничките практики.

Каде теоријата и праксата, во однос на случувањата на културната и уметничката сцена во Македонија, се судираат? Зошто се спротивставени?

– За жал, имаме сериозен проблем во однос на правење синергии, во однос на подлабоко разбирање на неодминливите поврзувања на различните полиња на дејствување. Немаме чувство дека општеството е организам, тело, во кое опстојувањето на секој орган, на секоја клетка, е во зависност од останатите. Истото тоа се однесува и на отпорот кон „соработка“ помеѓу теориското и уметичкото поле. Не научивме дека без длабоко и темелно теориско, мислечко, па и идеолошко/политичко, ако сакате, знаење и читање на светот, нема да можеме да создаваме ниту темелни културни и уметнички значенски одредници. Станува збор за страв. Кај нас постои страв од знаење и страв од органско поврзување. Постои една начелна состојба на површност, која води во ретроградност. Општеството, па со самото тоа и културата, е систем на врзани садови, каде што секоја епрувета, од најмалата до најголемата, има еднаква важност. Нештата треба да се поврзуваат и по различност, не само по сличност. Парадоксално – имаме огромна продукција на дипломи, на научни звања, а како да немаме нивно фактичко вкотвување во праксисот. Дали тоа се должи на невтемелената академска продукција, која како некоја фотокопир машина произведува текстови без значења и без апликативна вредност? Најверојатно, да. Проблематичен ни е системот на образование. Битни се бројките, а не содржините. И во образованието основниот двигател стана профитот, а не знаењето, градењето на критичка мисличка култура. Сето тоа создава контекст на неодговорност, на партикуларност. Контекст во кој отсуствува знаење да се прават заедници на различности. Доколку умееме да создадеме амбиент каде што ќе се поврзуваат теориските, епистемолошките, академските современи и втемелени знаења со современите уметнички и културни практики, тогаш ќе имаме поттик за развојни стратегии во културата, кои ќе придонесат за нејзино артикулирање како важен општествен сегмент.

Со каква потреба го основавте фестивалот „Крик“ и какви се компаративните искуства од соседството?

– Повеќе од јасно е дека заедницата која се заснова врз култура на критичко дејствување и соочување преку конфронтација, е заедница на слободата, на взаемноста, на храбрата пловидба кон новите хоризонти на општеството. Преку КРИК – фестивалот за критичка култура, кое е своевидно резиме на 20-годишната работа на Контрапункт, сакаме да адресираме повеќе нешта, но клучното е што КРИК претставува обид за повидлива размена на процесите на критичка дебата во културата, уметноста, општеството и сите негови сегменти.

Оваа приказна ја започнавме во 2016 година – иако, преку Школите за критичко мислење, дебатирање и пишување кои ги организиравме, започнавме со детектирањето на проблемот на отсуство на критичка култура уште во 2005 година – токму во миг кога сметаме дека на нашето општество му е потребна една таква нова пловидба. Потребно му е ново пријателство за јавно добро, како што велеа некои умни луѓе одамна, потребно му е ново втемелување, ново поврзување на сите расцепкани и прекинати врски. Потребно е градење платформа/платформи кои ќе создаваат органски и конструктивни критички јадра и низ кои ќе се вткајуваат различните општествени слоеви и интереси, ќе се преиспитуваат можностите и границите.

КРИК се застапува преку својата содржина за поттикнување на критичката култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор. Воедно, КРИК е замислен како соработничка платформа отворена за сите заинтересирани организации, неформални групи и поединци. Годинава ќе го имаме неговото петто издание и се надеваме дека со присуството на Мартин Хеглунд, еден од најзначајните филозофи на нашето време од новата генерација, и со преводот на неговата последна книга, „Овој живот: Секуларна вера и духовна слобода“, која во изминатата година беше прогласена за најзначајната во сферата на критичката и политичката филозофија, ќе отвориме нови провокативни хоризонти за нужната мобилизација на критичкото мислење и реагирање.

Дали недостига уметничка критика во Македонија?

– Тоа е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме како културен контекст. Молкот. Станавме култура на тишината. А, би рекла, и култура на лагата – на создавање на лажни вредносни вертикали. Во Македонија, со ретки исклучоци, недостасува критика веќе повеќе од 15 години. Тоа е така зашто ние сме пред сè клиентелистичка и клановска култура. Или постои одобрување со акламација, или целосно игнорирање. И покрај хиперпродукцијата на дела во сите медиуми и жанрови во современите уметнички и културни практики, тие се несомнено во криза, особено во регионот, а посебно во Македонија, токму заради отсуството на критичката рефлексија. Причините за тоа се повеќекратни. Но, повеќе од јасно е дека вреднувањето, поставувањето и артикулирањето на уметничката и културната продукција, ја засега нејзината иднина. Отсуството на медиуми кои не се само сервис на содржини туку вистински креатори на критичко јавно мислење, но и процесите кои се поврзани со културните политики и образовните рамки, како и со генералното отсуство на критичка култура која ќе создава развојни вредносни системи низ кои ќе се артикулираат и развиваат современите уметнички практики се само едни од причините за кризата на критиката. Мислам дека ситуацијата е ургентна и доколку не се охрабриме да создаваме критика, нашата современа култура ќе биде сериозно загрозена. Всушност, таа е веќе загрозена.

Дали повеќе жените ти помогнале во животот или мажите, за да стигнеш до тоа што си денес?

– Низ животот имав среќа да запознавам навистина исклучителни личности, и жени и мажи. Мислам дека секое споделено искуство на солидарност, добронамерност, органско заедништво, посветеност е драгоцено, без оглед на тоа од кого доаѓа. Важно е личните борби да стануваат заеднички и обратно.

Што научи од твојата мајка, Милица Стојанова?

– Многу нешта научив и учам од неа. Едно од најважните нешта е чувството на одговорност кон животот, постојаната борба и нешто што не е типично за нашата култура, а тоа е слободата и нужноста да се биде критичен и самокритичен. Таа ме учеше дека љубовта подразбира едновремено грижа и критичност. Воедно, ме учеше низ сопствениот пример дека мора да се биде бескомпромисно посветен на сè што се работи. Да се има вера и утопија. А најзначајното нешто е дека од нејзе го научив императивот за интегритет – никогаш да не се водам од стравот и од полесната патека која ќе го „киднапира“ мојот интегритет. Велеше дека мора да се истрае по секоја цена во сочувувањето на своите светогледи, а, едновремено, постојано да се биде отворен за нивно редефинирање и надополнување во однос на другите светогледи. Милица е храбра, посветена, бескомпромисна, но и бескрајно солидарна и отворена личност. Не сум сигурна дека до крај ќе успеам да го пренесам и спроведам сето она што го научив од неа.

Препознатлива си по стилот на облекување, лежерен, а впечатлив, својствен. Што значи за тебе жена со стил?

– Стилот не е состојба која е одредена само преку облекувањето. Стилот е цел комплекс на личносни карактеристики. Станува збор за мислечките динамики на една личност, за начинот на однесување кон светот и во светот, кон општеството и заедницата. Станува збор за склоп на емоционалните и емпатичните одредници… Станува збор и за начинот на мислење и говор… За мене, стилот е навистина комплексна категорија – тоа е самиот човек.

Интервјуто го водеше Јасмина Кантарџиева Димков

Фотографии – Драган Митрески

Извор: Слободен печат, 21.03.20.