Изнаоѓање смисла

23.03.2020 18:14
Изнаоѓање смисла

Загреб, 22.03.2020

Истата слика, следниот ден.

6:30 наутро.

Се превртував последниве два часа. Умот ми е во исчекување на земјотрес, процесирајќи го ненадејниот потрес од претходната ноќ. Многу мои пријатели синоќа рекоа се плашат да заспијат. И Ивана исто.

Така, продолжувам да пишувам онаму каде што застанав синоќа, задлабочен во некои мисли од претходниот ден. Да најдам смисла во сето тоа. И во земјотресот и во пандемијата.

---

Вчерашниот ден во Загреб започна со голем земјотрес стресувајќи нѐ од кревет во ситните ноќни часови. Многу урнати парчиња згради во историскиот дел на Загреб, десетици згради структурно ослабени, можеби стотици луѓе оставени без дом.

Сцената во 6:30 утрото пред мојата зграда беше просто надреална: чекајќи да поминат повторувачките афтершокови, луѓето се држеа до препорачаната далечина, стоејќи на метри едни од други. Секој изолиран од самиот себе, мрзнејќи додека северниот ветар ја претвораше утринската магла во слаб снег. Сите со копнеж по блискост и топлина онаму каде не се дозволени. Без можност ниту да влезат назад во зградата да се изолираат, ниту да се приближат и да се згужваат еден со друг. Надреално. До крајот на денот, штетата од земјотресот се покажа ограничена, малкумина беа повредени, некои останаа без покрив, меѓу нив и некои пријатели. Многу хаос за многу луѓе, можеби и со моменти на супер ширење. Барем, се надевам, тоа беше последната голема тектонска активност.

Како и да е, среде целосното запирање поради Коронавирусот, ова беше последната сламка. Со недели живееме ден по ден исчекувајќи ги последиците од нашата колективна изолација што ќе се конкретизираат – изброени во заболени и смртни случаи – дури две недели подоцна. Тие „две недели подоцна“ се апстракција наметната врз конкретното време што сега го живееме ден по ден. И вчера, наеднаш, настана потрес на реалност. Земјотрес што те стресува од кревет, надвор од тоа апстрактно време на одложена закана во итноста на егзитенцијална закана – и е сламката што те крши. Доведен си до работ на плачење. И тоа чувство на ранливост истрајно постои во текот на денот. Ќе бидат потребни неколку ноќи за да се намали стравот од нареден потрес.

Помала траума е, и ќе бидат потребни неколку ноќи да избледи. Сигурен сум дека сите вие, каде и да сте среде пандемијава, чувствувате како да се приближувате до работ, но да се надеваме дека нема да дојде до земјотрес што би ве турнал преку тој раб.

Фото: Даниел Летица, 22.03.2020

---

Па, како да се изнајде смисла во тоа? И во земјотресот и во пандемијата.

Прво, малку околу безбедноста. Безбедноста е примарно социјална и структурна, а сепак има тенденција да се набљудува како индивидуална и ограничена на поединечни настани. Потенцијалните околности како вируси, земјотреси, поплави или бури, не можеме да ги превенираме. Сепак, штом избијат, најважното нешто е дали имаме агилно јавно здравство, цврсто изградени домови и функционални брани. Ако го имаме сето тоа, веројатноста да умрат луѓе е далеку помала. Сѐ уште постои како можност, со оглед на тоа што не може да се исклучи можноста некој да биде смртно погоден. На крајот, умирањето е дел од нашето бивствување во светот. Како и да е, социјалното и структурното се од врвно значење во тоа колкумина ќе бидат погодени.

Земете на пример, бура. За време на неодамнешната бура Киара во Велика Британија, мајка ми, гледајќи ги известувањата, побрза да ми се јави за да се осигура дека сум безбеден. Тоа ме поттикна да се запрашам зошто има поплави во Велика Британија што одземаат човечки животи одново и одново, и зошто одново и одново е тоа таква вест. Излезе дека Киара беше многу посилна на други места во Европа, но таму изгледа не предизвика толку многу паника и страдање. Причината зошто ова предизвикува толку паника во Велика Британија е недоволното финансирање на безбедносните аспекти во социјалните и структурните аспекти. Луѓето се оставени самите да се справуваат.

Како што добро знаеме, катастрофите не се струполуваат врз луѓето сами од себе. Нивните последици се предизвикани од социјални дејствија и негрижа. Луѓето веројатно секогаш ќе умираат во големи катастрофи. Но, релевантното прашање е во колкав број. Сепак, британските таблоиди секогаш прават големи приказни од индивидуалното и она што е ограничено на поединечен настан, а никогаш од социјалното и структурното. Насловите во весниците никогаш не го поставуваат прашањето зошто ова се случува одново и одново. Нема потреба да се нацрта зошто им е во интерес да го формулираат така. Ако немате агилен здравствен систем, цврсто изградени домови и функционални брани, не ви остануваат многу други опции да се заштитите освен опсесивното барање повеќе полиција или чекање во ред за купување оружје.

Второ, малку околу науката. Во оваа двојна епидемиска и сеизмичка криза, каде природата толку надмоќно посегнува во општеството, научните процеси се покажале неспоредливо посоодветни од политичките институционални структури – компетентни да му помогнат на општеството во соочувањето со несигурноста и стратегиите кои следат од таа несигурност. Живеењето во комплексен свет вклучува несигурност. Дејствувањето во одговор на таа несигурност бара поинакво третирање на нештата од она на кое сме навикнати според неолибералните правила на игра каде безбедноста пред сѐ потекнува од стабилноста на пазарите.

Трето, малку околу политиката. Сѐ во овој исклучителен момент делува апстрактно, и чека потрес на реалноста. Сѐ e неизвесно. Владите претерано трошат, границите за дефицитарно трошење се занемаруваат, компаниите се упатени да произведуваат според општествените потреби. Кириите се простуваат, плаќањата за хипотеки исто така. Конзервативните министри сериозно размислуваат за универзален основен приход за сите. Светот од оваа пандемија ќе излезе во длабока рецесија, а неолибералниот правилник за игра ќе се распадне. Додека економската активност е повеќе или помалку суспендирана, сѐ што им останува на општествата за да се справуваат со несигурноста се јавното здравство, јавно изграденото и субвенционирано домување, јавно поддржаната наука, производството според социјалните потреби и фискалното планирање . Се плашиме од економскиот пад, се плашиме дека тоа ќе биде потресот, сепак овие инструменти сѐ уште ќе бидат таму за да не извлечат од таквата несигурност.

Затоа, мораме да се организираме и да политизираме. Моменталната криза покажа дека капиталистичката економија, и покрај сиот хибрис изминативе неколку декади, е вградена и подредена на општеството, а не обратно. Следната криза, без сомнеж, ќе демонстрира дека општествто е вградено и подредено на природата, а не обратно. Сега знаеме дека имаме многу поголем опсег на социо-економски инструменти за адресирање на планетарната еколошка криза отколку што ни беше речено дека имаме поради приматот на пазарите. Временската рамка за навигирање на несигурноста на таа криза нема да се мери во недели туку во години и декади. Всушност, одговарајќи на планетарната еколошка криза, ќе ја намалиме стапката на прескокнување на вируси од диви животни преку добиток на луѓето, ќе ја превенираме појавата на епидемии, затворања и изолации. Ќе овозможиме иднина во која ќе може да се живее во согласност со животната околина.


Загреб, 22.03.2020

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографиии: Dnevnik.hr и Даниел Летица


ОкоБоли главаВицФото