1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
Деновиве понекогаш се фаќам себе си како размислувам, намерно да се заразам со коронавирусот и конечно да ставам крај на оваа несигурност која ги кине нервите. Јасен знак дека ми се зголемува нервозата е мојот однос кон спиењето. До пред седум дена едвај чекав да дојде вечер: конечно можев да побегнам во спиењето и да ги заборавам стравовите на секојдневниот живот... Сега речиси е спротивно: се плашам да заспијам зашто ме измачуваат ноќни мори, заради кои се будам во паника – мори за стварноста, стварност која ме чека.
Какава е таа стварност?
Тоа најдобро го формулираше Аленка Зупанчиќ. Деновиве често слушаме дека се потребни коренити општествени промени ако сакаме успешно да ги надминеме последиците на епидемијата (јас сум меѓу оние кои го застапуваат тоа становиште) – а такви промени веќе се случуваат. Заради епидемијата на коронавирусот се среќаваме со нешто за кое мислевме дека е неможно: ни случајно не можевме да замислиме дека со нашиот секојдневен живот ќе се случи вакво нешто – светот каков што го знаевме престана да се врти, сите држави се затворија, многумина од нас се ограничија во своите станови (што е со оние кои не можат да си ја дозволат ни таа минимална безбедносна мерка?) и размислуваме за несигурната иднина во која, дури и ако преживее мнозинството од нас, ќе започне економска мега криза...Тоа значи дека би морале да одговориме со невозможното - што се чини невозможно во рамки на постојното светско уредување.
Но, невозможното се случи, нашиот свет застана и невозможното е она што мора да го направиме за го избегнеме најлошото; а тоа, всушност, е што?
Мислам дека најголема закана не е назадувањето во обично варварство, во бруталното „самодасепреживее“ насилство со улични немири, панични линчувања итн. (иако и тоа е можно ако се скршат здравството и некои други државни институции). Повеќе од отворениот варваризам сепак се плашам од варваризмот со човечко лице, од безобѕирните мерки за преживување, кои се воведуваат со жалење, дури и со сочувство, поткрепени со стручни мислења. Внимателен набљудувач брзо ја разбра промената на тонот со кој ни се обраќаат оние на власт; не се обидуваат да рефлектираат само мир и самопочитување, туку редовно посредуваат грозни прогнози – својот круг пандемијата веројатно ќе го затвори во следните две години и вирусот, порано или подоцна, ќе зарази 60 до 70 отсто од светската популација и ќе предизвика милиони жртви; накратко, нивната вистинска порака гласи дека ќе мора да ја ограничиме темелната премиса на нашата општествена етика: грижата за старите и немоќните. (Во Италија веќе објавија дека ако ситуацијата се заостри, постарите од 80 години, како и оние со тешки болести, едноставно ќе ги пуштат да умрат.)
Треба да се нагласи дека прифаќањето на таквата логика на преживување на најсилните ги крши темелните начела на воената логика според која по битката најпрво се згрижуваат тешко ранетите, иако шансите за нивно преживување се минимални. (Па, ако малку се задлабочиме, тоа не треба да нè изненадува: болниците исто така постапуваат со болните од рак.) За да избегнеме недоразбирање, подвлекувам дека сум крајно реалистичен што се однесува до ова; би морале да планираме и употреба на лекови за да им се овозможи безболна смрт на болните за кои нема надеж за нивно оздравување за да се поштедат од беспотребно страдање. Наспроти тоа, нашата прва мисла не би смеела да биде економичноста, туку безусловната помош на оние на кои има е потребна, за да им се овозможи преживување, без оглед на трошоците.
Затоа, со целата почит, не се согласувам со Џорџо Агамбен, кој во моменталната криза гледа знак дека „нашето општество не верува веќе во ништо освен во голиот жвот. Очигледно дека Италијаните се склони да жртвуваат речиси сè – нормалните услови за живот, општествените односи, работата, дури и пријателството, наклоноста, како и верските и политичките уверувања – заради можна болест. Голиот живот и можноста тој да се изгуби – не е нешто што ги поврзува луѓето, туку нешто што ги заслепува и раздвојува луѓето“. Работите не се толку јасно исцртани. Тоа Е нешто што поврзува – чувањето на телесното растојание е изразување на почит кон другиот, зашто можам да бидам преносител на вирусот. Сега, синовите ме избегнуваат зашто се плашат да не ме заразат (она што за нив би можело да е пократка болест, мене може да ме закопа).
Деновиве постојано слушаме дека секој од нас е лично одговорен и дека мора да ги почитуваме новите правила. Медиумите се полни со приказни за луѓе што не се однесувале како што треба и така ги загрозиле другите и себе (тип влегол во продавница и почнал да кашла итн.); тоа е ист проблем како кај екологијата, кога медиумите постојано ја нагласуваат нашата лична одговорност (дали старата хартија сте ја фрлиле во кантата што е за таа цел итн.). Таквиот акцент на личната одговорност, инаку, е нужен, но во момент кога е наменет за замаглување на големите прашања како да се промени нашиот целокупен стопански и општествен систем, делува како идеологија. Во борбата против коронавирусот може да се победи единствено заедно со борбата против идеолошките мистификации; притоа тоа мора да биде дел од општата еколошка борба. Кејт Џонс (Kate Jones) вели дека пренесувањето на болеста од дивите животни на човекот е „скриениот трошок на економскиот развој на човекот. Едноставно нè има сè повеќе во сите околини. Одиме во недопрени подрачја и сè повеќе сме изложени. Создаваме животни опкружувања во кои вирусите полесно се пренесуваат, а потоа се изненадуваме кога ќе се појават нови“.
Значи, не е доволно да се организира некое глобално здравство за луѓето, туку би требало во тоа да се вклучи и природата; вирусите ги напаѓаат и растенијата, кои се наш главен извор на храна, на пример пченицата, компирот и маслинките. Секогаш мора во мислите да ја имаме глобалната слика на светот во кој живееме, со сите негови противречности. На пример, добро е да се знае дека изолацијата на Кина заради коронавирусот спаси повеќе животи отколку што уништи вирусот (ако ѝ веруваме на официјалната статистика за човечките жртви). Економистот за ресурси на животната средина, Маршал Бурк, вели дека постои докажана врска меѓу лошиот воздух и прераната смрт заради дишење на таквиот воздух. „Имајќи го ова предвид се поставува логичното, а истовремено необичното прашање, дали бројот на животи што ќе бидат спасени заради намаленото загадување по економскиот застој, предизвикан од КОВИД-19, го надминува данокот во смрт заради самиот вирус“, рече тој. „Дури и според многу воздржани проценки, мислам дека одговорот е недвојбено потврден.“ По само два месеци намалено загадување, вели тој, само во Кина се спасени животите на 4000 деца помлади од пет години и на 73.000 постари од 70 години.
Фатени сме во тројна криза: здравствена (заради самата епидемија), стопанска (која тврдо ќе нè удри без оглед на исходот од епидемијата) и криза на менталното здравје (кое не треба да го потценуваме); се искривуваат темелните координати на животниот систем на милиони луѓе и промените ќе влијаат на сите, од летовите на годишен одмор до секојдневните телесни допири. Ќе мора да научиме да размислуваме надвор од координатите на берзата и профитот и едноставно да пронајдеме друг начин за производство и распоредување на нужните ресурси. На пример, кога власта ќе дознае дека компанија поседува милиони маски и го чека вистинскиот момент да ги продаде, не би смеело да има преговарање, туку маските едноставно треба да бидат запленети.
Медиумите пренесоа дека Трамп ѝ понудил милијарда долари на биофармацевтската компанија „Curevac“ од Тибинген, зашто сакал да обезбеди вакцина „само за Соединетите американски држави“. Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, коментираше дека не постои ни најмала можност за американско преземање на „Curevac“: тие ќе ја развиваат вакцината за целиот свет, а не за некои држави одделно. Тоа е пример како се борат варварството и цивилизацијата. Истиот Трамп се повикува на стариот закон за одбранбена индустрија, според кој владата ќе може да обезбеди приватниот сектор да го зголеми производството на нужните медицински залихи: „Трамп го претстави предлогот за преземање на приватниот сектор. Американскиот претседател изјави дека врз основа на сојузниот закон за пандемија, ќе го одредува деловното работење на приватниот сектор. Трамп рече дека ќе го потпише законот со кој ќе добие надлежност врз насочувањето на домашното индустриско производство, ако има потреба“.
Кога пред неколку недели го употребив изразот комунизам, ми се смееја, а сега Трамп претставува предлог за преземање на приватниот сектор; дали воопшто можевте да си замислите ваков наслов, пред една или две недели? И тоа е само почеток, ќе следуваат многу повеќе вакви и слични мерки; освен тоа, ако државниот здравствен систем биде блокиран, ќе биде потребна нужна самоорганизација на општините. Не се доволни само изолацијата и преживувањето, потрербни се и темелните јавни услуги: набавка на струја, достапност на храна и лекови... (Наскоро ќе ни треба список на оние што оздравеле и кои некое време ќе бидат имуни за да можат да се мобилизираат за неопходните јавни работи.) Ова не е утопистичка комунистичка визија, воведена заради основните услови за голо преживување. За жал, тоа е верзија на она што во Советскиот сојуз, во 1918 година, го нарекле „воен комунизам“.
Како што се вели, во криза сите сме социјалисти; дури и Трамп размислува за облик на универзална основна плата во висина од илјада долари за секој полнолетен државјанин. Милијарди ќе потрошат за кршење на сите пазарни закони, но како, каде, за кого? Дали тој озаконет социјализам ќе биде резервиран само за богатите (сетете се само на спасувањето на банките во 2008 година, кога милиони луѓе ја изгубија својата скромна заштеда)? Дали епидемијата ќе биде ограничена само на едно поглавје во долгата, жалосна приказна за тоа кое Наоми Клајн го нарече капитализам на катастрофата, или од тоа ќе се роди нов (можеби поскромен, а истовремено подобро урамнотежен) светски поредок?
Извор на текстот: Mladina