Ако застане сè, ќе умрете од глад!

25.03.2020 11:25
Ако застане сè, ќе умрете од глад!

Гледам, изминативе денови јавно се линчуваат „идиотите” што се возеле со автобус. Иако е повеќе од јасно дека најголем дел од тие „идиоти“ одат на работа за вие да имате што да јадете, што да пиете, да одите на лекар, да имате заштита и да има ред, да влезете во аптека, да имате струја, парно, вода, интернет, да имате дома телевизија за да се информирате и да не се убиете, да купите овошје и зеленчук, да има тазе леб, да работат маркетите, да ставите бензин за да однесете намирници до некој што не смее да излезе од дома, да имате средства за хигиена и тоалетна хартија во секое време, а ако не дај боже се разболите да има кој да ве прегледа и понатаму да ве лечи.

Тие идиоти се тука за да не се распадне економијата и системот во кој живеете. Идиотите се сите оние што се жртвуваат себеси и патуваат до работа со автобус зашто немаат друг избор, немаат коли, немаат пари, немаат ни како да се прехранат и притоа имаат одговорност за своите семејства, но и за вас, зашто тоа што го работат помага вие да седите дома!

Затоа не се они идиоти. Идиотски во целата ситуација е само повикот на линч за кој станавме експерти, што од страв за сопственото здравје, што од немоќ, што од незнаење. Бидете свесни дека ако застане сè, ќе умрете од глад!

Така што, наместо да ги критикувате тие луѓе и да шерувате слики од нив со назнака дека се стока, неписмени, безобзирни, луди будали кои тргнале да се шетаат по град (а каде тоа се шетаат и како тоа ним не им е страв?!) дајте предлози како да се заштити нивното здравје. Можеби фирмите треба сами да организираат превоз каде е возможно, можеби владата треба да даде ваучери за нафта на најзагрозените кои сè уште мораат да одат на работа и имаат возила или дел да работат во вечерни смени кога има полициски час и нема фреквенција на други луѓе.
Опции има и треба да се реагира брзо, но не во насока на јавен линч и и не во насока да ги стигматизираме тие луѓе и да ги буткаме дома, туку да ги оставиме да ја работат својата работа и да ги заштитиме најдобро што може. Зашто ако они престанат да работат, ако тие безгласни луѓе останат дома, прв ќе крахира токму вашиот генијален карантин.

ОкоБоли главаВицФото