Медиум на друм (65): „Војна против војната“

25.03.2020 14:09
Медиум на друм (65): „Војна против војната“

Долго време некои луѓе веруваа дека ако ужасот се направи доволно јасен, поголемиот број луѓе конечно ќе ги сфатат срамноста и лудилото на војната. (...) Во 1924 година, на десетгодишнината од националната мобилизација во Германија за Првата светска војна – совесниот противник на војната Ернст Фридрих ја објави кигата „Krieg dem kriege” (Војна против војната).

Станува збор за фотографијата како шок терапија: албум со повеќе од сто и осумдесет фотографии главно извадени од германските воени и медицински архиви, многу од нив останале необјавени зашто владините цензори сметале дека не треба да бидат објавени. Книгата почнува со фотографии на играчки-војници, топови-играчки и други задоволства наменети за момчињата насекаде, а завршува со фотографии направени на воени гробишта. Меѓу играчките и гробовите читателот има мачна фото-прошетка низ четири години уништување, колеж и деградација: страници со разурнати и ограбени цркви и замоци, збришани села, опустошени шуми, обесени совесни противници на војната, војници во смртна агонија по напад на гас, скелети од германски деца... Речиси сите слики во „Војна против војната“ се тешки за гледање, особено сликите на војниците од разни армии кои гнијат натрупани по полињата, патиштата и во првите рововски линии. Но, сигурно најнеподносливи се страниците во книгата наменети да застрашат и деморализираат, сместени во поглавјето „Лицето на војната“, дваесет и четири фотографии, снимени одблизу, на војници со огромни рани на лицето.


А Фридрих не ја направи грешката да претпостави дека срцепарателните фотографии од кои се повраќа би можеле да зборуваат сами за себе. Секоја фотографија има жестока легенда напишана на четири јазици (германски, француски, холандски и англиски), и порочноста на милитаристичката идеологија се напаѓа и исмева на секоја страница. Веднаш осуден од власта, ветеранските и другите патриотски организации – во некои градови полицијата вршеше рации, во книжарниците се поведуваа парници против јавното изложување на фотографиите – објавувањето војна на војната, што го искажа Фридрих, беше одобрено од левоориентираните писатели, уметници и интелектуалци, како и од припадниците на бројни антивоени движења, кои предвидуваа дека книгата ќе има одлучувачко влијание врз јавното мислење. До 1930 година „Војна против војната“ имаше десет изданија во Германија и се преведе на многу јазици.

Избор: Фросина Крушкаровска
Превод: Владимир Јанковски
Гиф: Александар Јосифовски
Фотографиите се од книгата Krieg dem kriege, Ernst Friedrich (1924)
Извор за текстот: Сузан Сонтаг, За страдањето на другите (Темплум, 2006)

Медиум на друм (64): Едуардо Кадава - Зборови на светлината

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото