ЕУ река (57): Сателитот Европа

26.03.2020 12:45
ЕУ река (57): Сателитот Европа

По повод ветениот (скорешен?) почеток на преговорите за пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија, но пред сè поради „дистописката“ атмосфера во која денес живее целата планета, а особено нашиот континент, денешната тема е токму ‒ „Европа“. Ама не нашата Европа туку Јупитеровата Европа.

„Европа“, имено, е име и на Јупитеровиот сателит малку помал од нашата Месечина. Интересен е зашто е окован во лед; просечната температура на неговата површина изнесува ‒150 целзиусови степени. За научниците е возбудлив бидејќи во неговите ледени длабочини теориски е можно да постојат некакви форми на живот.

Јупитеровата месечина Европа личи на прокрвен организам

Инаку, формите на живот кои опстојуваат во екстремни услови (на пример, бактериите кои живеат во зовриеното сулфурно езеро во Јелоустонскиот парк) се нарекуваат екстремофили. Такви форми на живот се најдени дури и во внатрешноста на нуклеарниот реактор во Чернобил; тоа се габички распространети како црна слуз по ѕидовите на реакторот и се хранат со радиоактивното зрачење; откритието на овие неверојатни организми им помага на научниците, меѓу другото, да најдат ефикасни органски начини за детоксикација на нуклеарниот отпад. Има разни видови екстремофили; криофилите се форми кои живеат во исклучително студени услови; цидофилите живеат во мошне кисели средини итн.

Овие екстремофилни форми на живот ми влеваат некаква мала надеж дека и овде, во Северна Македонија, макар и во некоја историска перспектива, е можен живот, па дури и во своите покомплексни, самоорганизирачки, саморефлексивни, когнитивни форми. (Еден афоризам велеше: Ко марсовци сме: елементарни услови за живот нема, а ние постоиме.)

Некои велат, одамна сме на дното, само ја немаме постигнато потребната длабочина. Но, и на дното има надеж, како што покажува скриеното езеро Восток на Антарктикот, каде што токму живеат екстремофилните животни форми. Мистериозното езеро се наоѓа под четири километри длабок лед. Ледената обвивка прави топлотна изолација па затоа водата во езерото е во течна состојба. Тоа е засебен свет, сосема изолиран еко-систем.

Во крајно неповолни услови, во студена вода, со висок притисок и без сончева светлина, таму, во Восток, се откриени повеќе од 3500 генетички секвенци на различни микроорганизми. Но, во таквите екстремни услови живеат ‒ за ова зборувам, во ова се надевам ‒ и покомплексни организми. Пред неколку години, исто така во длабочините на Антарктикот, 740 метри под дебелата ледена покривка, истражувачите на тимот WHISSARD (Whillans Ice Stream Subglacial Access Research) налетаа на сосема проѕирна непозната риба. Еден од научниците на WHISSARD вели: „Пред десет години Антарктикот дури не го ни сметавме како дел од Земјината биосфера, а сега ги откриваме овие неверојатни животни форми“.

Значи, да се утешиме: живот (ќе) има, за сите (па и за полуживите вируси), јал на копно јал во море, јал на оваа јал на онаа Европа!

 
Ова екстремофилно суштество се вика tardigrade и е долго еден милиметар.


Гиф: Александар Јосифовски

ЕУ река (56): Данило Киш, последниот југословенски писател

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

ОкоБоли главаВицФото