КОго да ВИДам

26.03.2020 14:02
КОго да ВИДам


Името ми е Прегратка, јас... настрана се држам. Морам, името звучно ми е, најпрвин мене ќе ме испрашуваат. Не се гледам веќе со Ракување, брат ми. Со Бакнеж, мојата мала, невина сестра. Се оттуѓив од Блискост, мојот род.

Само Допир, мојот најљубен сопруг го чувствува мојот трепет кога лежам до него. Тој, кутриот, внимателно ме завива во прекривката за треската да помине. Од сите страни да ми биде топло.

„Кога топлината ќе ми го стопи стравот?", нетрпелива сум, прашувам и треперам.

„Не знам. Јас одам. Морам, војна е.", ми вели. „Ти, чувај се."

„Земи го писмото со себе.", му велам. „Да ти даде сила таму, во рововите. Сети се на Шродингер и не отворај го до јуни.", го молам.

Излегува, знам, мора. Повторно сум сама со своите демони. А надвор ѕвони. Не отворам никому - но кој е тоа? Треска! А јас не можам да земам здив. „Што ако некако влезе и ме задуши?”, си мислам.

Фала му на Бога, Насмевка се јави. Ако ништо друго знам барем таа е тука. Вели, сѐ уште се смее, зашто крајот го красел делото, а крајот некогаш неподготвени нѐ фаќал. Затоа, вели, за секој случај се смее. Иако, сѐ помалку луѓе ги гледаат нејзините прекрасни заби.

„Не морам баш сега заби да им покажувам.”, ми вели. Скромна е Насмевка, отсекогаш била. Зошто јас не се викав Насмевка? Надвор сигурно немаше толку да треска.

„Насмевка, надвор треска.", ѝ велам.

„Знам, остани на линија. Се ќе биде во Н ред.", се смее или се сепнува?

Мистерија, но без детски џагор да ѝ даде смисла. Децата веќе одамна се евакуирани.
Чиста вистина – „Тресокот“ кивна! Сега знам, на врата е.

„Насмеј се гласно да те чуе, Насмевка. Да знае дека сѐ уште си тука.", шепнувам и вклучувам звук. Знам само дека кога јас ќе ја чујам помалку се плашам.

Одѕвонува. Насмевка се смее. Зарем веќе не треска?

Ѕвони.

„Прегратка, и од оваа страна на линијата ѕвони. Провери да не е Здив.", Насмевка ми вели.

Одам до шпиунката на прсти. Здив, знам, треба да е дома. Војна е, да отворам ли иако ме лажел? Погледнувам, а надвор мрак.
(Клик.) Светилка се пали. Ни Допир, ни Здив на врата… КОго да ВИДам... Морал ми чука.

„Не плаши се, јас сум. Знаеш, војна е, а клучот, пази Прегратка, на врата ти стои.", ми вели однадвор.

Низ шпиунката ја гледам ЛЕКа полека со бастунот дома си оди. Таа клучот зад затворена врата го сврте. Само неонската белина од шпиунката се шири, но ако, не се грижам што името звучно ми е, по неа сепак довикнувам: „Морал, знам; баш заборавени сме, нели?"

Насмевка слуша на линија, продолжи со смеа.

Повеќе на веб-страницата на авторката

Слики: Хелена Перез Гарсија 

ОкоБоли главаВицФото