Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (12)

26.03.2020 15:22
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (12)

 „Вампирџија“, Владимир Плавевски, „Арс Ламина“

Ја гледам куќата, ептен голема, чорбаџиска. На два ката, со едно големо двориште полно со кокошки и два коња, ѕидана ограда од плитар околу куќата, демек никој да не го пули, како турцка куќа да е. А портата голема, сторена од тазе штици. Богољуб со кундакот од берданката чука силно неколку пати. Ниту вратата се отвори ниту некој се гласи. Земам јас камен од земја и чукам ли чукам. Никој не отвора. Се гледаме со Мајсторот.Тој чукна уште еднаш. Ништо. И тамам да си ојме, се слушна глас зад портата.

- Кој чука?! прашуе зарипнат глас како труба.

- Тафо, луто одвраќа Мајсторот.

- Кој Тафо?!

- Ме прати јузбашијата, го подигна гласот. - Ако ти си чорбаџи Василе и си имал зорт, дојден сум да те спасам од него.

-Ти си вампирџија?!

-Тој сум...Отвори, па ќе ме видиш.

И вратата полека, полека се подотвора и една главетина се пикна во цепутката и не разгледува. Има црвена коса, мазно, бричено лице, мустаќи, едни дебели веѓи како ортоми и еден поглед како да те гледа молзна крава. Го изгледа Мајсторот и потем ме опули мене. Ме гледа алафранга стокмен и не знае кој е кој.

-Кој е вампирџија?! ме прашуе.
-Тој, му покажувам со рака кон Мајсторот.

- Ти си вампирџија?!

- Тој сум.Тафо вампирџијата.

- Сум чул за тебе...А кој е овој господин?, покажува на мене.

- Чирак, кажува мајсторот.

- Ајде, ајде, бујрум.Сте дошле во домаќинска куќа...Василисооо, спремај мезе и комова! Ни дошле важни гости...Василисооо!

Дворот е топтан полн со кокошки. Како стапкаме, така бегаат од нас и кокодакаат.Едно ѕвер кучиште ни се озабува, ама чорбаџи Василе го крева прстот и тоа легнува на земја. Одиме под тремот и седнуеме на еден астал послан со везено миленце. Мајсторот и чорбаџи Василе вадат табакери и спаструваат тутун, а јас, седнат како паша на дрвен стол, пулам околу себе.

Се појавува една жена од убава - поубава. Црна коса како зифт, гајтан веѓи, кафени очи како на елен, едно носе да го лапнеш, медни усти. Па, една става, едни гради, едно газе, што да ти кажам. Оди, море цупка како ангел. Доаѓа до нас, става шише ракија, три чоканчиња и една баница, умот да ти штукне. Седнува мазно на асталот до мене.



„Краста на душата“, Владимир Плавевски, Магор

Соседите постојано се точеа да ме видат. Мајка ми ги честеше со слатко од дуњи и вода. Синот не ме испушташе од прегратка. Од стопениот снег и двајцата бевме водени на градите. Срипа мајка ми, најде сува кошула и ми ја даде да се преоблечам. 'Ти се бројат ребрата, синко', плачливо кажа кога ме виде гол до половина.

И јас и синот шмркавме и ги бришевме носевите и очите.

Џуџето молчи. Не трепка со очите.

„Што ти е? Нешто ти е чудно?“

„Да, не! Не знаев оти си бил толку емотивен. И син ти, секако...А дали знаеше дека ќе биде доктор?“

„Искрено да ти кажам, сакав да работи нешто што нема да биде поврзано со политика, да не биде слуга на режимот како јас, да има професија со која може да работи каде било, дури и надвор од овој наш ќенеф. А таа професија, според мене, тогаш беше само - доктор. По инцидентот со неговото труење, се плашев оти ќе има страв од докторите, аверзија што се јавува кај секое дете. Но, кога прв пат го прашав што сака да биде, тој како од пушка веднаш ми одговори - доктор! Во маало, кога децата си играа, често се случуваше со камен некому да му ја дупнат главата, па да се разлее крв. Децата тогаш од страв бегаа а само син ми доаѓаше кај повредениот и му помагаше. Уште тогаш во маалото велеа оти ќе биде 'плукнат доктор'. Како ученик и во осмолетката и во гимназијата беше скроз одличен и на Медицинскиот факултет го примија без приемен испит. Дипломира меѓу најдобрите во генерацијата.“

„Па зашто тогаш не му веруваш?“

„За мене тој е секогаш - мој син!И како доктор. И помнам што ми кажа еднаш, кога се расправавме токму за ова - зошто не му верувам како доктор кој треба да ме лекува. За мене тој е секогаш син! Ме праша дали можеби го сакам Николај Васиљевич Гогољ. Го обожавам, реков оти во времето на мојата младост, руските писатели беа во мода. 'А што му рекол козакот, атаманот Тарас Буљба на својот син Андреј кој го издал поради љубовта кон убавата Полјачка?' Во моментот не се сетив но тој ме потсети - ‘Ти си ми син. Јас сум те родил, јас ќе те отепам!‘ И го отепал, својот роден син, предавник на славните козаци. Јас не сакам мојот син да биде мој предавник!“

„Каков пак сега - предавник?!“

„Син ми сака да го најде моето досие кога бев апсеник поради Ибе! Не сакам да знае за тој период од мојот живот ... Не ги сакам тие грозоморни спомени, тие грозоморни времиња,тие грозоморни луѓе во кои верував...“

„Се сеќаваш на книгата ‘Црвената коњица ' од Исак Бабељ? Си ја читал како гимназијалец.“

„Кажи ми, потсети ме.“

„Е, па во таа книга еден припадник на Црвената коњица на Буѓони се среќава со татко си, кулак - белогардеец кого треба да го суди. И што сторил?! Во име на Партијата гордо го осудува татко си на смрт“, ми кажува Џуџето со посебна нагласка на осудувањето на смрт. „Само во Библијата таткото Аврам го поштедува синот Исак.“

Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (11)