Криза или не, само доброто останува

26.03.2020 15:32
Криза или не, само доброто останува

Кога светот се соочува со голема криза, на површина излегуваат карактеристиките на поединците и на групите кои дотогаш се соочувале со некои свои лични и локални кризи. Ова на недвосмислен начин открива нечиј индивидуален и колективен светоглед. Реакцијата кон кризата се заснова врз низа вредносни фактори. Сведоци сме на крајно себично однесување, па сѐ до крајна дарежливост и алтруизам. Кризата на глобално ниво е исто така време да се засилат разните теории на заговор. Тие опфаќаат теории како што е онаа за мала моќна, богата и злобна клика која од сенка ги влече конците и ја определува судбината на светот, или пак, дека вакцините се начин на глобално потчинување на обичниот човек, па сѐ до локализирани перцепции на тоа дека сме толку посебни така што другите посакуваат да нѐ снема.

За жал, ни христијанските верници не се имуни на ваквите искушенија. Во таквите случаи верата во Бог навистина се претворила во некаков ментален бастун, ништо повеќе од суеверие кое означува дека не Бог, туку ние самите сме крајното мерило кое определува од што треба да се плашиме и за што треба да се залагаме. Бог станал само уште едно средство да се постигне некоја наша лична или колективна цел.

Нема помалку и повеќе важни луѓе

Христијаните мораат да ја прифатат пораката на Исус кој ни вели, „Ова ви го реков за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; но не плашете се, зашто Јас го победив светот“ (Јв. 16:33). Со други зборови, Исус го потврдува ветувањето на Јахве Бог кој се објавил како еден и единствен вистински Бог. Јахве е добар, а тој негов суштински атрибут е вткаен во неговото севкупно создание. Затоа, наместо да се плашиме и да си ги трошиме добрите дарови од Бог така што ќе ги контролираме нашите околности, ние, Христовите следбеници, треба да сме предани на објавување на Божјата добрина и на тоа дека токму таа добрина надвладеала над стравовите во светот. Она што треба да го веруваме, да го живееме и да го проповедаме е дека „само доброто останува“.

Ова е мото кое нѐ обединува мојата сопруга и мене од мигот кога се сретнавме на теолошки студии пред точно триесет години во 1990. Во тие три децении доживеавме разни маки, но никогаш не се поколебавме во тоа дека Бог е добар и на крај само доброто останува. Кога пред тринаесет години доживеав тешка несреќа заради која ми се вградени седум титаниумски плочки во коските на лицето, или пак кога пред еден месец мојата сопруга се соочи со животозагрозувачка дијагноза, во ниту еден миг не помисливме зошто јас?, а уште помалку си помисливме дека Бог нѐ смета за посебни и важни, па заради тоа ни ги поштедил животите. Јасното разбирање дека Бог е добар, дека Бог во Христос го надвладеал светот, ни беше патоказ што треба да мислиме и како треба да се однесуваме. Тоа што преживеавме и здравјето ни е целосно обновено за нас значи дека единственото важно нешто не сме ние самите, туку нашето учество во она кое Бог го прави во и со светот.

Во христијанската вера нема повеќе и помалку важни луѓе. Има христијани кои им веруваат на Божјите ветувања за конечна победа и воспоставување на Божјото царство според Божјото провидение. Има и такви кои верата ја сметаат за оружје кое тие ќе го искористат да се воспостави нивното царство, а Бог е тука за да се најде припомош во остварувањето на тие цели. Бидејќи Библијата постојано му порачува на човекот кој е верник да се грижи за целиот свет, за сите луѓе кои живеат во тој свет, да дејствува во нивна полза без разлика дали тие имаат некоја друга вера или пак, воопшто не веруваат. Божјиот повик кон христијаните не е да го контролираат светот според свој вкус, туку да придонесат сето човештво да добие предвкус на Божјата добрина која ќе се воспостави еден ден како владение на Божјото царство.

Завист? О да!

Развивајќи го мојот аргумент дека „само доброто останува“ ќе искоментирам една противречна тези. Тоа е тезата дека самодефинирањето и самољубието се темелот на среќата на поединецот. Ова многу често се манифестира преку човечката слабост на себичност и на завидливост. Познати емоции на кои сме им биле жртви, а и ние самите сме ги примениле врз другите. Гор Видал, личноста која на разни начини инсистирала на радикално самодефинирање и на себељубие, запрашан за зависта ќе изјави, „Завист? О да! Секогаш кога некој мој пријател ќе успее, дел од мене умира“. Славниот холивудски режисер Френсис Форд Копола вели дека зависта е специфичен проблем за Холивуд. „Сакам мојот филм да успее, но тоа не е доволно. Сакам филмот на мојот колега режисер да пропадне.“ Слично размислува Џон Гилгуд, заедно со Лоренс Оливие, еден од великаните на британскиот театар и филм во средината на дваесеттиот век. Иако самиот брилијантен актер, Гилгуд ја имал таа несреќа да е современик на Лоренс Оливие, кој важи за еден од најдобрите актери на сите времиња.

Запрашан за искуството на завист Гилгуд без влакна на јазикот одговара, „Тогаш, кога Лоренс Оливие го играше Хамлет, а критиките беа одлични за него, јас плачев од завист.“ Народната мудрост во Македонија смислата на зависта ја сумира во поговорката „Да му умре козата на комшијата.“ Во македонската литература овој сентимент е често застапен. На пример во „Месечар“ на Славко Јаневски зависта е впечатливо нагласена, „Тајната во очите му беше зелена, името горчливо - љубомора. И се прашуваше, љубомора, што е тоа? Наоѓаше дека Шекспировите јунаци се болникави и зли и љубоморни како јарци. Љубомора, што е тоа?“ Јаневски се прашува од каде сета оваа завист, од каде сета оваа злорадост, од каде сето ова чувство кое освен злобата нема друг разлог? Ова прашање е тесно поврзано со една друга, општочовечка преокупација, а тоа е итроштината.

За итроштината

Во Македонија, ова јас би го нарекол итарпејовштината. Германскиот теолог и борец против нацистичкиот режим Дитрих Бонхофер за итроштината тврди дека е мајка на сите глупавости. Итроштината на глупавоста според него е поопасен непријател од самото зло. Злото секогаш во себеси го носи никулецот на сопственото самоуништување, но итроштината која глупаво мисли дека целта во животот е да се надитрат другите е речиси невозможно да се победи.

Во времето пред да наполнам дваесет години, а кога сѐ уште не можев да читам книги на англиски јазик, го читав српскиот превод на Господарот на прстените, во издание на НОЛИТ од 1981. Предговорот на српското изадние насловено „Толкиновата самовилска сага“ е на Влада Урошевиќ. Таму за првпат се сретнав со изјавата дека „злото и кога е најсилно со себе го носи осилото на сопственото самоуништување, додека доброто и кога е најслабо, во себе го има семето на животот.“

Неодамна еден грчки политичар цитираше позната песна на свој сонародник поет: „Се обидоа да нѐ закопаат, но не знаеја дека сме семиња“. Злото значи нема да го надвладее доброто колку што ни динамитот кој ќе разори некое дрво нема да може да биде посилен од семињата кои ќе никнат во кратерот на смртта. За жал, глупавите итроштини отвораат простор за злото, а нема одбрана од глупавостите на Итар Пејо чија главна цел е да им го гледа сеирот на мариовци и секому да му врати мило за драго. Нас не нѐ дотепува толку синдромот ‘Македонче’. Многу повеќе нѐ уништува синдромот на Итар Пејо.

Според Бонхофер итроштината изразена во глупавоста која мисли дека е паметна „е повеќе морален, отколку што е интелектуален дефект“. Тој ќе каже,„има луѓе со огромен интелект, а се најголеми глупчовци (јас би рекол Итарпејовци), и има луѓе со просечен интелект и се сѐ само не глупчовци, туку се мудри луѓе.“ Бонхофер забележува дека глупавата итроштина е повеќе социолошки, отколку психолошки проблем. Тој тоа јасно го согледал во примерот на нацистичка Германија. На нацистичката моќ, а и на секоја тоталитаристичка или капиталистичка моќ, за исполнување на својата цел да владеат со другите потребна им е толпата која мисли затоа што е итра, затоа е и паметна. На моќниците им требаат итрите глупаци.

Еднаш кога човек ќе се откаже од својата волја и ќе се претвори во средство, вели Бонхофер, „нема мерка на зло на која овие глупчовци нема да се согласат. Тука лежи опасноста на дијаболичната експлоатација на човештвото.“ Дитрих Бонхофер, кој бил погубен еден месец пред да заврши Втората светска војна, добро знаел што зборува. Глупавоста, итроштината, рационализацијата на сите нешта, правејќи го црното бело, и белото црно е опасна работа. Поопасна и од само чисто суштинско зло.

Баналноста на злото

Тогаш, каков треба да биде христијанскиот одговор на итроштината која поттикнува глупавост и го поддржува злото? Како прво, да се посвети на една од главните библиски теми, а тоа е мудроста. Еден од најпознатите стихови на оваа тема вели, „Стравот Господов е почетокот на секоја мудрост“ (Изр. 1:7). Единствен начин како може итроштината и глупавоста да се надминат не е по интелектуален пат, дури не ни по морален пат. Итроштината и глупавоста можат да се преобразат само преку едно духовно искупување, нема друг начин. Итроштината и зависта да бидат искупени со суштинска благонаклонетост и добрина. Зошто? Според американскиот теолог со германско потекло Пол Тилих тоа е така зашто, „Злото е структура на деструкција“. Како и вирусот, злото нема сопствен двигател, нема живот ниту може да се размножува. Единствено во жив организам се реплицира во безброј копии кои не создаваат ништо, а само земаат и уништуваат. Во 4 век по Христос, Григориј Ниски за злото тврди дека „Деструкцијата нема независно постоење во својата целина. Таа е зависна од структурата на она во кое и врз што дејствува деструктивно – не-битието е зависно од битието, негативното од позитивното, смртта од животот“. Како што избирањето на доброто предизвикува душата да се шири и да го зголемува капацитетот за примањето на доброто, така избирањето на злото претставува смалување и води кон уште посмален капацитет за добро, а со тоа и за битието.

Каде ова е опишано во модерниот свет на најдобар начин? Општо во мислата на филозофот Хана Аренд, а посебно во нејзината книга Ајхман во Ерусалим. За Ајхман Аренд вели, „Најголемото зло на светот го прават лицата кое немаат свое јас. Ајхман е човек без мотиви и без уверувања, Ајхман е човек кој одбива да биде човек.“ Но зошто? Затоа што злото е банално, ќе каже Хана Аренд. Токму ова го прави Ајхман лош човек. Затоа што одбивал да размислува, а наместо тоа одбрал да биде итар. Според Аренд: „Дарот на размислувањето не е манифестација на знаењето, туку способноста да се разликува доброто од злото, убавото од грдото, светото од гревот.“ Аренд нагласува дека во клучните мигови за човештвото најважно е „дали ќе бидеме на страната на доброто или на страната на злото“.

Доброто не завидува

Ова ме води до мојата главна теза, а тоа е „врвното добро кое е најпосакуваното добро, е единствено што ќе остане вечно.“ „Доброто е добро“, вели Атанасиј Велики од Александрија, или поточно „извор на добрината – а доброто за ништо не завидува. Затоа што Бог не е завидлив за постоењето на која било твар, тој ги создал сите твари од ништо преку своето Слово, нашиот Господ Исус Христос.“ Зошто доброто не завидува? Затоа што Бог не е завидлив за постоењето на која било твар. Тој ги создал сите твари преку своето Слово – Исус Христос – затоа тој нема потреба да завидува на ништо. Тој едноставно дава по сопствена волја без притоа да бара ништо за возврат.

Христијаните веруваат дека човештвото е создадено. Бог ни дарувал постоење и затоа што сме создадени нашето битие не е наше, не ни припаѓа само по себе. Ако пак тоа нам ни е дадено на таков начин, тогаш која е потребата да им завидуваме за она што им е дадено на другите? Зошто да не се радуваме во доброто, во убавината, во целоста, во восхитеноста, во тоа дека некои луѓе се поспособни од нас, имаат поголеми квалитети од нас, да уживаме во тоа, да ги признаеме, да им кажеме да така е, и едни со други да живееме во заедништво на заемена почит и благонаклоност?

Почнавме со зависта опишана од Гор Видал, а стигнавме до незавидливоста на Атанасиј Велики. Во посланието на апостолот Павле до Римјаните во глава 12 оваа битка против итарпејовското враќање „мило за драго“ на христијаните им е заповедано, „Никому не враќајте зло за зло. Трудете се да го правите само она што сите го сметаат за добро. Од ваша страна трудете се да живеете во мир со сите луѓе...Не дозволувајте злото да ве надвладее, туку вие надвладувајте го злото со добро.“

Ова е предизвик со кој мора да се соочи секој христијанин и со свој пример да го поттикне општеството да се соочи со него. Сега во времето на глобална пандемија ова прашање станува акутно и за многумина е буквално прашање на живот и на смрт. Дали на животот во заедница ќе се поставиме како Гор Видал, како Френсис Форд Копола и како Џон Гилгуд? Кој ќе биде нашиот личен одговор?

Како поттик да се прифати подвигот на „само доброто останува“ ќе споделам една приказна на човек кој бил уверен атеист и социјалист, а кој во даден момент во својот живот бил соочен со таква убавина и добрина, што решил да каже, не можам, а да не верувам дека постои апсолутно добро. Неговото име е Сергеј Булгаков, чичкото на славниот писател Михаил Булгаков. Сергеј пишува „Почнав да се прашувам што ако вселената не е пустина и ако оваа убавина не е маска или измама. Што ако милостивиот и благонаклонет Бог постоеше, ако природата беше израз на неговата љубов и слава ... што ако сето ова беше вистина? О кавкаски планини! Ги гледав вашите мразови како блескаат од море до море, вашите снегови заруменети под утринската зора, врвовите кои го цепеа небото, та душата ми се стопи во екстаза. Првиот ден на создавањето прикажано пред моите очи.“

Мандатот на човештвото

На што е тогаш повикано човештвото? На што сме ние како луѓе повикани? Човештвото е повикано да го почовечи, да го хуманизира созданието преобразувајќи го од хаос во космос. Думитру Станилоае во една од своите книги, далеку пред своето време пророчки изјавува за современите еколошки деградации кои остро нè потсетуваат дека „природата е состојбата не само на индивидуалното човечко постоење, туку и она на човечка солидарност, зашто таа е медиумот низ кој човечкото битие може да им нанесе добро или зло на другите“.

На кој начин ние ќе го употребиме медиумот на природата? На која страна ќе бидеме ние? Се надевам дека изложеното погоре ќе биде аргумент да се прифати мотото „само доброто останува“. Сѐ друго ќе помине, сѐ друго ќе се самоуништи. Ајде да живееме живот кој соодветствува со доброто затоа што тоа ни дава надеж да се зафатиме со проектот на очовечување на просторот околу нас. Ајде да ја очовечиме Македонија, ајде да ја направиме земја во која само доброто останува.

Монтажи: Alexey Kondakov