Џејн Џејкобс – борба за градот

26.03.2020 15:46
Џејн Џејкобс – борба за градот

„Градот се луѓето, а не зградите... Оваа книга е напад на моменталното планирање и обнова на градовите“, вели Џејн Џејкобс во својата револуционерна книга од 1961 Смртта и животот на големите американски градови (The Death and Life of Great American Cities). Џејкобс пишува за градските улици, за она што ги прави (не)сигурни, за соседството и функцијата на тој микрокосмос во големиот градски организам.

Документарецот Граѓанката Џејн: борба за градот (Citizen Jane: Battle for the City, 2016) на режисерот Мет Тирнауер, говори за борбата на американско-канадската активистка, теоретичарка на урбанизмот и писателка за зачувување на урбаните заедници соочени со деструктивните развојни проекти во Њујорк, под водство на поствоениот планер и градежен магнат Роберт Мозес. Мозес во 1955 предложил изградба на автопат низ Менхетн, со што би се урнале Мала Италија, Кинеската четврт, СоХо и Лоуер Ист Сајд. Џејкобс сметала дека неговите станбени објекти се стерилни тврдини на концентрирана сиромаштија, без комуникација кои поттикнуваат стигматизација и криминал и филмот ја прикажува борбата за Њујорк персонифицирана низ Џејкобс и Мозес, но отвора прашања за урбанистичкото планирање воопшто. Се евоцираат ставовите на Мозес и Ле Корбизје, заговорник на „стерилниот модернизам“ и алтернативното урбано планирање кон кое цели Џејкобс – органскиот начин на урбаниот раст и секојдневниот живот на улицата. Таа започнала со кампањи во нејзиниот кварт Гринич Вилиџ, ги поттикнала соседите на протести, пишувала писма и успеала да привлече моќни сојузници, меѓу кои Маргарет Мид и Еленор Рузвелт. Конечно, во 1969-тата тогашниот градоначалник на Њујорк Џон Линдзи ја повлекол поддршката на проектот, што воедно го означило и падот на Мозес.

Цртеж од 1959 од предложениот автопат низ Менхетен за кој требало да бидат срушени 416 згради.

Инаку, Џејкобс пишувала за градскиот живот во Vogue, Architectural Forum и Fortune и од тие текстови произлегла Смртта и животот на големите американски градови. Книгата е етнографски приказ на секојдневните општествено-просторни односи во јавниот простор како темел на урбаниот живот. За Џејкобс улицата е најважна и претставува активен дел од производството на градот како општествен облик во кој метафората „балет на плочникот“ ја користи за да евоцира и синтетизира низа идеи за повторно промислување на градот, како спонтаноста во јавниот простор; вредноста на заедничкото во одржувањето на тој јавен простор, интеракцијата во која поединците го делат искуството; и диверзитетот – централното прашање на книгата – како нужен елемент за урбаниот живот. „Другиот“ е темелниот дел на градот каков што го разбира Џејкобс. За жал, и покрај спасот на значајните њујоршки квартови низ годините се случило спротивното – гентрификацијата во САД е феномен кој почнува да добива поголемо и подлабоко влијание години по објавувањето на нејзината книга. Харлем е видлив пример бидејќи дури по 2000 година ова соседство познато како „Мека на црната култура“ почнале да го усвојуваат различни култури од сите краеви на светот. Иако денес Харлем е културолошки разнолик кварт, сепак е социоекономски селективен и значајно го „исцрпил“ првобитното население.  

Џејкобс, фотографија од филмот Граѓанката Џејн: борба за градот

Денес, во вртоглавата низа на урбани прашања, текстот на Џејкобс е до некаде релевантен и може да се најдат бројни траги за формирање на некакви решенија, иако секој оној кој се бави со градот и јавните простори е свесен дека условите се сосема различни од оние во времето кога таа ја пишува својата студија. Во која мера денес е возможно (или не е) да се повикуваме на ставовите на Џејкобс за производство на јавниот простор во современиот град, особено кога станува збор за постсоцијалистичките градови (барем поголемиот дел од градовите во поранешна Југославија) кои постојано се под закана на бизнис елитите и константното бришење препознатливите урбани точки во што и градските власти се соучесници? И покрај одредено влијание на идеите кај урбанистите на развојот на градот, самите тие се релативно немоќна група против политичките сили и интересите на капиталот. Критиката кон Ле Корбизје и модернистите од првата половина на ХХ век кои ги популаризирале суперблоковите и тесните, преполни улици, ја занемариле моќта на капиталот со кој располагале. Нејзината секојдневна етнографија e едно скалило погоре во разбирањето на она што е урбан живот и формирање на општествените односи во заедница, но Џејкобс, како што е прикажано и во филмот, не дава одговор на прашањето кои се можните (физички и општествени) ефекти на нејзините препораки на јавниот простор. Ако ги следиме материјалните услови на нејзиниот предлог, дали е загарантиран разноликиот град, полн со различни и спонтани присвојувања? Празнината останува во врската помеѓу микроинтеракциите и главната инфраструктура кои го осигуруваат функционирањето на градот во целина, со трошоците за одржување и економската достапност, со директни ефекти врз квалитетот на урбаниот простор и неговата социјална функција, а со самото тоа и за општествено-просторните услови на улицата.

Сепак, производството на просторот и улогата на улицата за кои зборува Џејкобс живеат на одредено глобално ниво преку проектот Jane's Walk, бесплатни организирани прошетки преку кои луѓето разговараат, ги истражуваат и уживаат во своите квартови. Во моментов низ светот учествуваат 372 градови од 58 држави на сите континенти, а од нашето окружување проектот се реализира во Бугарија (Софија, Хасково, Димитровград), Србија (Белград), Грција (Солун и Атина), Хрватска (Загреб, Пула и Сплит), а во Словенија покрај Љубљана, учествуваат уште 13 градови!

Слики: Гардијан

Слични содржини

Јавни простори / Став
Активизам / Јавни простори
Активизам / Јавни простори
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото