Медиум на друм (66): И сонцето е наш непријател!

29.03.2020 21:53
Медиум на друм (66): И сонцето е наш непријател!

Пред дваесетина години на два краја од светот, во размак од неполни две години, се случија две помрачувања на Сонцето. Првото помрачување, во август 1999 година, можеше да се посматра во Србија. Второто помрачување најдобро можеше да се види на 21 јуни 2001 година во Зимбабве. Жителите на Зимбабве, и бели и црни, како и многуте туристи, и во селата и во градовите, го дочекаа овој природен феномен во карневалска, весела атмосфера. Ретко кој пропушти да посматра како Месечината за момент наполно го затскрива Сонцето.

Белград помрачувањето на Сонцето го дочека пуст. На улиците речиси немаше никого. Луѓето се затвораа во куќите и ги спуштаа ролетните na прозорците. Таму каде што немаше ролетни, како, на пример, во една болница, од креветите на болните беа вадени покривачите и ставани на прозорците. Во истата болница дежурните лекари тој опасен ден решија да не ризикуваат и да не дојдат на работа. Белград личеше на една од оние праисториски заедници во кои помрачувањето на Сонцето се доживувало како крај на светот, или како сигурно навестување за чума, војна или потоп.

Како е можно пред почетокот на 21-иот век Србите одеднаш да почнат да се однесуваат како пештерски луѓе? Одговорот е колку едноставен толку и неверојатен. Српскиот страв од помрачувањето на Сонцето е резултат на мошне кратката и речиси ненаметлива медиумска пропаганда. Неколку дена пред помрачувањето, државната телевизија почна да ги информира граѓаните за опасностите со кои можат да се соочат. Ништо ново. Позната работа: ако долго со голо око гледате во помраченото Сонце може да дојде до оштетување на видот.

Државата, загрижена за здравјето на своите граѓани, не застана на тоа. Телевизијата порачуваше понатаму: посебно треба да се внимава на децата, тие можат да ги заборават предупредувањата. Тоа може да им се случи и на постарите, можат несвесно или случајно да погледнат во Сонцето. Затоа е најдобро да се остане дома. Но, тука се прозорците. Значи, паметно би било тој пресуден ден да се спуштат ролетните. На оваа медиумска кампања, која според својот „здравствен“ картон се разликуваше од сите претходни политички пропагандни акции, во последен миг ѝ се придружија и неависните медиуми. Како едноставно да немаа каде, збунети со ненадејното хумано лице на режимот. Така Белград, тој убав августовски ден, непосредно пред претседателските и парламентарните избори, се врати во далечното минато на човештвото.

Кои беа мотивите за ваквата медиумска кампања? Можни се различни претпоставки. Можеше тоа да биде намерно предизборно пренасочување на вниманието од нерешливите политички и економски проблеми. Можеби беше генерална проба пред конечното создавање на затворено, тотално контролирано општество. Проба која на режимот ќе му потврди дека е способен успешно да си поигра со секоја полувистина и дека со поданиците може да манипулира како што сака. Впрочем, режимот на Слободан Милошевиќ беше на добар пат после десет години власт конечно да го прогласи кретенизмот за најголема вредност.

Сепак, најверојатна ми е претпоставката дека приказната за Сонцето како непријател не ја нарача никој. Мислам дека таа нема врска со режимот и со неговите медиумски манипулации. Едноставно, Србија на Слободан Милошевиќ во тој момент го достигна степенот кога веќе ниедна вест не можеше да биде соопштена нормално. Ступидната режимска пропаганда достигна степен на спонтаност.

Мислам дека затоа приказната за помрачување на Сонцето е парадигматична пред сè за прашањето на рецепцијата на најразличните производи на медиумската пропагандна машинерија. А прашањето на рецепцијата ми се чини клучно за секое размислување за улогата на медиумите на Балканот и за начинот на кој тие влијаеа на ширењето на насилството.

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф и илустрација: Ристо Аврамовски
Извор: Душан Величковиќ, Србија Hard Core, 2008.

Медиум на друм (65): Сузан Сонтаг - „Војна против војната“

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

ОкоБоли главаВицФото