Чума (фрагмент)

30.03.2020 10:22
Чума (фрагмент)

Додека нашите сограѓани се обидуваа да се привикнат на тој неочекуван егзил, чумата ставаше стражи на вратите и ги одвраќаше од нивниот пат бродовите што беа тргнале за Оран. Од затворањето на градот ни еден брод не влезе во него. Од тој ден се имаше впечаток дека автомобилите се вртат во круг. И пристаништето им даваше небична слика на оние што го гледаа озгора на булеварите. Некогашната живост по која тоа беше едно од првите пристаништа на северноафриканскиот брег, нагло ја снема. Се гледаа само неколку брода, што се задржале во карантин. Но на кејовите големите дигалки што сега лежеа мирни, превртените вагонетки, осамотените купови буриња и вреќи, сведочеа дека и трговијата умре од чумата.

И покрај тие несекојдневни глетки, нашите сограѓани тешко сфаќаа што ги нашло. Имаше тука заеднички чувства, како што е разделбата или стравот, но луѓето и понатаму ги ставаа на преден план своите лични грижи и работи. Никој вистински не се помири со болеста. Повеќемина ја чувствуваа како нешто што им ги збркало навиките или засегнало интересите. Тоа ги дразнеше или ги лутеше, а тоа не се чувства што можат да ѝ се протистават на чумата. Нивната прва реакција беше, на пример, да ја критикуваат власта. Одговорот на префектот на критиките што одекнаа во печатот („Не би можеле ли предвидените мерки да се ублажат?“) беше доста неочекуван. Дотогаш ни дневните весници, ни агенцијата „Инфордок“, не примија никакви официјални статистички податоци за болеста. Сега префектурата ги даваше секојдневно, а префектот ја замоли споменатата агенција да ги објавува неделните извештаи за движењето на болеста.

Но и тогаш јавноста не реагираше веднаш. Соопштението, дека третата недела од чумата умреле триста и две лица, не беше во состојба да им даде претстава на фактите. Од една страна сигурно сите не умреле од чума, а од друга, никој во градот не знаеше колку луѓе обично умираа за една недела. Градот имаше двесте илјади население. Кој знае дали тоа умирање не е нормално? Тоа се потанкости за кои луѓето никогаш не водат сметка, иако е очигледно дека тие работи се важни. На јавноста ѝ недостигаше, така да речам, можност на споредби. Дури многу подоцна, откога го констатира порастот на смртните случаи, јавноста почна да ја сфаќа вистината. Петтата недела навистина даде триста дваесет и еден мртов, а шестата триста четириесет и пет. Барем порастот зборуваше јасно. Но тој не беше доволно осетен нашите сограѓани да не го сочуваат (колку и да беа неспокојни и загрижени) впечатокот дека тоа е незгода која навистина е непријатна, но сепак привремена.

Тие продолжуваа, значи, да одат по улиците и да седат на терасите од кафеаните. Со еден збор, не се плашеа; повеќе сакаа да се шегуваат отколку да се оплакуваат, и се правеа дека ги примаат незгодите, што секако беа привремени, ведро и со добра волја. Сепак, при крајот на месецот, некаде за време на молитвената недела, за која подолу ќе стане збор, се појавија осетни промени што го изменија лицето на нашиот град.

Прво префектот преземе мерки за движењето на возилата и снабдувањето. Снабдувањето го ограничија, а бензинот го рационираа. Издадоа наредба и за штедењето на електричната енергија. Само најнужните производи пристигнуваа во Оран по суво или по воздух. Така прометот почна да опаѓа, додека на крајот не спадна речиси на нула. Луксузните дуќани се затвораа еден по еден, речиси секој ден, други ги редеа излозите со објави во кои пишуваше дека нема веќе стока, додека пред вратите чекаа купувачите во долги редици.

Така Оран доби чуден изглед. Бројот на пешаците осетно порасна, а мнозинството луѓе, присилени на неработење со затворањето на дуќаните и на некои установи, ги исполнуваа сега улиците и кафеаните во таканаречените празни часови. Сега засега тие не беа безработни, туку на отсуство. Оран сега, околу три часот попладне, и под едно красно небо, даваше лажлив впечаток на град во празник, во кој го запреле прометот и ги затвориле дуќните за да може да се одвива некоја јавна манифестација, а населението истрчало на улиците за да земе учество во веселбата.

Тоа општо отсуство го користеа, се разбира, најмногу кината, кои правеа добра печалба. Но размената на филмовите по департманот се прекрати. По две недели претпријатијата мораа да ја разменуваат помеѓу себе програмата, а по извесно време кинематографите почнаа да прожектираат сѐ еден и ист филм. Сепак нивните приходи не се намалија.

Кафеаните, благодарејќи на големите резерви од вино и други алкохолни пијалоци (што во град кајшто тој вид трговија зазема прво место ни малку не изненадува), можеа исто така да ги задоволат своите клиенти. Право да се каже, многу се пиеше. На една кафеана ставија оглас: „Кој пие винце чисто, не се плаши од ништо“. Верувањето на народот дека алкохолот штити од заразни болести, многу се засили. Секоја ноќ околу два часот, голем број пијани исфрлени од локалите, ги полнеа улиците и водеа оптимистички разговори.

Но сите тие промени беа толку необични, и дојдоа толку брзо, што никој не можеше да ги смета за нормални и трајни. Резултатот беше тој што и понатаму ги стававме на преден план своите лични чувства.

Излегувајќи од болницата, два дена откако градот го затворија, доктор Рие го сретна Котара, кој сјаеше од задоволство. Рие му рече дека одлично изгледа.

-Да, добро е, многу добро е, рече ситниот човек. Но кажете, господине докторе, таа ѓаволска чума станува сериозна, нели?

Докторот мораше да признае дека е така, а Котар додаде речиси радосно:

-Сега нема да се запре, нели? Инаку сѐ би било, така да кажам, наопаку.

Неколку чекори тргнаа заедно. Котар расправаше, дека во неговиот кварт еден голем трговец со колонијална стока трупал прехранбени продукти за да ги продава со поголема цена, така што, кога дошле да го однесат во болница, нашле под неговата постела грамада конзерви. „Умре. Чумата не плаќа!“ Котар беше полн со историјки, вистински и лажни, сите во врска со епидемијата. Се говореше, на пример, дека во центарот, некој човек, што ги имал сите симптоми на болеста, истрчал едно утро од куќата, и се фрлил на првата жена што наишла, силно ја прегрнал, викајќи дека има чума.

-Така е! заклучи Котар со љубезен тон, кој ни малку не се сложуваше со неговата изјава, сите ние ќе полудееме, тоа е сигурно.

(фрагмент, стр. 70/73)

 

Фотографиите се од филмот „Чума“ ("La Peste", 1992, Luis Puenzo), направен според романот на Ками

Превод: Вера Христова

Извор: Албер Ками – Чума; Македонска книга, 1970.

 

ОкоБоли главаВицФото