Осумте брода - една „преведувачка флота“

31.03.2020 13:08
Осумте брода - една „преведувачка флота“

 

За преводот можат да се водат безброј дискусии. Принципи, мислења, начини, решенија – сето ова ни служи нам младите преведувачи како основа врз која понатаму ќе се градиме. Понекогаш оваа основа можеме да ја најдеме и надвор од класичните учебници и скрипти на кои сме навикнати. Мноштво скриени мудрости можеме да изнурнеме од трудовите на другите преведувачи, кои своите искуства ги преточиле во едно дело, какво што е и трудот на Огнен Чемерски: „Триста ветрила! Или за преведувањето и пребродувањето“.

Сепак, кога ги залистав страниците на книгата наменета за поморјанскиот роман „Моби Дик“ од Херман Мелвил и јазичните проблеми при преводот, не очекував дека таа ќе ме научи што е вистинското богатство за секој преведувач – издржан, истражен, но пред сѐ превод полн со љубов. Се разбира, патот е полн со препреки кои еден преведувач не би можел сосем сам да ги преброди. Затоа во нашиот ум, на нашето пристаниште, треба да имаме најмалку осум брода со кои ќе запловиме по неизвесните води на јазикот.

Неследник е првиот брод, доволно голем за да ги заплаши сите други лажни благодети и да ги оттргне далеку од нас. Поранешните преводи, како и преводите од туѓи јазици стојат на располагање, но во никој случај не треба да се водиме по нив, особено не треба да се преведува од нечиј превод. Грешките кои се јавиле можеме да ги повториме и ние, а тоа само ќе ни ја дозамати водата.

До него е Пренесител – едреник кој храбро ја води флотата и чии стапки ги следат останатите бродови. Тој пред себе ги гледа пораката, атмосферата, времето и смислата што ја содржи оригиналното дело, и вешто јури кон нив.

Нешто зад нив е Темелник. Тој е полн со џагор и живот бидејќи пренесува еден куп информации кои се потребни за нашиот превод. Терминологијата што ја содржи оригиналот треба темелно да се истражи и што поточно да се преведе, а консултирањето со лица добро запознаени со таа област се токму тоа што му треба на еден преведувач за да се справи со ветровите на нејасноста.



Споредбеник е пловило кое прави паузи и во други градови и соседни земји со цел да присобере некоја информација. Кога некој термин наеднаш се издигнува од синилото, знаењето што ова пловило ни го пружа може да ни помогне да најдеме решение. Дали дела од минатото или пак речници од други сродни јазици - пловилово е спремно да ни ја даде таа помош во кој било момент.

Во средината на оваа вешта флота стои Стилист – кораб кој води сметка за сите оние фасцинантни суштества што ќе ги исфрли водата кон нас. Алитерација, двосмисленост, регистар, интертекстуалност и останатите како нив се дарови кои треба да се задржат во овие води дури и откако ќе ги прочистиме бидејќи токму тие се тоа што авторот го оставил како свој белег.

Во претпоследниот ред стои Вдахнувач – чамец кој го оживува старото и сегашното. Старите зборови ги враќа од минатото, а новите брзо ги кова и ги шири низ водите за да допрат и до останатите. Веднаш до него стои Логика, лаѓа која верно плови со нас и е секогаш тука да нѐ извади од заплетканоста - само треба да ја следиме.

Најназад стои Бранител – сад на кој се наоѓаме ние, капетаните. Сад кој целата флота ја следи, ја чува и е спремен да ја поткрепи со аргументи и факти и да ја одбрани во секој даден момент.

Заедно со нашата флота, умешно пловиме по водите и стигнуваме до нашето богатство – преводот. Превод во кој бил вложен труд, правен со љубов, истражен и поткрепен со факти. Со ова богатство и ново искуство спремни сме заедно со флотата да се вратиме назад на пристаништето и нашиот ум да го приспособиме за наредниот преведувачки предизвик.

Слики: Ana Yael