ЕУ река (58): „Одеднаш во цела Европа се појави манија по брзината“

31.03.2020 13:10
ЕУ река (58): „Одеднаш во цела Европа се појави манија по брзината“

ДУХОВЕН ПРЕСВРТ

Улрих и Валтер беа млади во тоа одамна минато време, веднаш по истекот на минатиот век, кога многумина си замислуваа дека и векот што почнува е млад.

Векот кој штотуку го погребаа не се истакна со ништо особено во својата втора половина. Имаше напредок во техниката, трговијата и науката, но надвор од тие жаришта на својата енергија, тоа беше век мирен како бара. Се сликаше онака како што сликаа старите мајстори, се пееја песни во духот на Гете и Шилер, а куќите се градеа во готски или ренесансен стил. Барањето да се оствари идеалното владееше со сите животни манифестации, како некој полициски старешина. Но со помош на оној таинствен закон кој на човекот не му дозволува какво било подражавање, без притоа да го одведе во некакво претерување, во тоа време сè се извршуваше во согласност со пропишаните вештини, токму онака како што обожаваните примери никогаш не би постапиле, а за што и денес можат да се видат одредени траги по улиците и во музеите; и иако тоа можеби и нема никаква врска со претходното, во тоа време пристојните и плашливи жени мораа да се покриваат со фустани кои се протегаа од ушите, па сè до земјата, но кои сосем јасно ги истакнуваа набрекнатите гради и бујните задници. Впрочем, поради најразлични причини, за ниедно минато време не се знае толку малку како за оние триесет-педесет години што се протегаат помеѓу нашата дваесетта година и дваесеттите години на нашите татковци. Затоа може да биде корисно да се потсетиме дека и во најлошото време најужасните куќи и најстрашните песни се создавале според истите начела како и во најдобрите времиња; дека сите луѓе кои учествуваат во задачата да се уништат успесите на претходниот временски период, всушност, чувствуваат дека само ги подобруваат тие успеси; и дека бескрвната младина на тоа време се гордее со својата млада крв исто онака како што се гордеат и сите нови луѓе во сите други времиња.

И секојпат изгледа како вистинско чудо што по едно такво плитко време кое изминува, одеднаш доаѓа до мал подем на духот, токму онака како што се случи тогаш. Од лизгавиот и мазен дух на последните две децении на деветнаесеттиот век, одеднаш во цела Европа се појави манија по брзината. Никој не знаеше што почнуваше и што се раѓаше во тие моменти, никој не можеше да каже дали се создава нова уметност, нов морал, нов човек или, пак, можеби се работи за некакво ново преструктурирање на општеството. Затоа сите го зборуваа она што им одговараше. Но насекаде луѓето се впуштаа во борба со она што беше старо. Одеднаш насекаде почна да се создава вистинскиот човек; а луѓето со практичен, претприемачки дух – што е особено важно – се најдоа рамо до рамо со луѓето кои беа претприемачки настроени во духовен поглед. Се развиваа таленти кои порано беа потиснувани или, пак, воопшто не продираа во јавниот живот. Тоа беа најразновидни таленти, а спротивноста на нивните цели беше ненадминлива. Сите го сакаа натчовекот и сите го сакаа потчовекот; сите ги обожаваа сонцето и здравјето и сите ја обожаваа нежноста на болните девојки; луѓето воодушевено веруваа во херојските митови и во митовите за општа вера; беа правоверни и скептични, натуралистички и прецизни, робусни и морбидни; сонуваа за старите алеи покрај замоците, за есенски градини, за стаклени рибници, за скапоцени камења, за хашиш, за болести, за демони, но и за прерии, далечни хоризонти, ковачници и леарници, за разголени борци, за востанијата на робовите, за прачовечките заедници и за уништувањето на општеството. Тоа, секако, беа противречности и сосем различни идеали, но сепак, низ сето тоа струеше еден заеднички здив; да го сецираа тоа време, ќе откриеја некаква бесмислица, како четвртест круг изработен од дрвено железо, но во стварноста сè се поврзуваше во некаква блескава смисла. Таа илузија, која своето воплотување го најде во магичниот датум кој го означуваше крајот на векот, беше толку силна што едни занесено се впуштија во сè уште незапочнатото столетие, додека другите брзо го искористија ослободениот простор и се отпуштија во стариот век како во стара куќа од која наскоро ќе треба да се иселат, а притоа меѓу тие два начина на однесување не се чувствуваше којзнае каква разлика.

Значи, ако не сакаме, тогаш и не треба да го преценуваме ова „движење“. Тоа секако се задржа само во тенкиот, нестабилен слој на интелектуалците, кои еднодушно ги презираат сите луѓе со нескршлив светоглед – и покрај сите разлики во таквиот поглед на светот – а кои денес, фала му на Бога, повторно се најдоа на врвот, така што е јасно дека тоа движење немаше никакво влијание врз толпата. Но, и покрај сето тоа, иако не се случи вистински историски настан, нешто сепак се случи, така што двајцата пријатели, Валтер и Улрих, сепак го почувствува неговиот одблесок кога беа млади. Низ сета таа збрка од различни верувања, сепак, во тоа време имаше извесно струење, како што стеблата одеднаш се наведнуваат пред налетите на зимскиот ветар, некаков дух на ерес и на реформа, блажена свест за создавањето и започнувањето на нешто ново, мала ренесанса и реформација, какви што можеа да се забележат само во најдобрите времиња, и секој кој тогаш ќе стапнеше во светот, можеше да го почувствува тој дух, кој уште на првиот агол ќе го помилуваше по образите.

(извадок од романот „Човек без својства“)

Романот Човек без својства е едно од големите ремек-дела на европската литература од XX век. Во него авторот скицира детален портрет на европскиот дух пред почетокот на Првата светска војна. Дејството на романот се случува во Австрија, но Виена на Музил е симулакрум на целокупната општествена, политичка, културна и духовна состојба во која живее модерниот Европеец. Во Човек без својства Музил вешто создава некои од најмаркантните и незаборавни книжевни ликови. Улрих, главниот лик во овој роман, е еден од најчесто истражуваните и толкувани ликови во историјата на книжевната критика.


Избор: Никола Гелевски
Превод: Катерина Јосифоска
Слики: Giacomo Balla (Брзина на моторцикл; брзина на автомобил; динамизам на куче на ремче)
Гиф: Александар Јосифовски
Извор: Роберт Музил, Човек без својства (поглавје 15); издавачки центар ТРИ, 2013.

ЕУ река (57): Никола Гелевски - Сателитот Европа

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото