Прогласен официјален крај на неолиберализмот

01.04.2020 00:56
Прогласен официјален крај на неолиберализмот

Запишете го датумот 29.03.2020 година. Јасно е дека никој никогаш нема да го заборави периодот во кој живееме сега, но 29 март 2020 година треба особено да се запамети. Имено, на 29 март британскиот премиер Борис Џонсон преку видеао порака ѝ се обрати на јавноста од - самоизолација. Таму се наоѓа зашто е позитивен на коронавирусот. Краткото видео кое, повеќе или помалку, се состои од заблагодарување на работниците, особено здравствените, Џонсон го заврши со следните зборови: коронавирусот докажа дека навистина постои општество.

Секако, Џонсон реферира на славната изјава на ноторната Маргарет Тачер од 1987 година од која дознавме дека не постои општество туку само поединци и нивните семејства. Таа изјава се сметаше за своевиден основачки акт на неолиберализмот и елегантна формула која објаснуваше сѐ: од комплексните економски модели до моралните начела. Постојат само поединечни интереси, колективните политички проекти се илузии. Ако не постои општество, ако тоа е само учинок на активностите на поединците, тогаш непотребни се и јавните и социјалните служби.

Меѓутоа, се чини дека сепак постои. Џонсоновото опонирање на својата идеолошка и партиска претходничка не зборува толку за тоа колку се луди времињата во кои живееме колку што зборува за тоа колку биле луди времињата кои ѝ претходеа на оваа криза. Толку луди што ни претходната глобална рецесија не ги разнишна. Времиња во кои преовладуваше страв дека општество не постои. Можеби сите димензии на лудоста е најдобро да се предочат така што сѐ ќе замислиме како драма, како нов исчекор во поетиката на театарот на апсурдот. Драмата би носела наслов „Неолиберализам“. Би имала еден чин, а би изгледала вака:

Маргарет Тачер: Општество не постои.

(општеството постои 33 години)

Борис Џонсон: Општеството сепак постои.

Меѓутоа, таа „политичка заблуда“ позната како офанзива на владејачката класа не е само ресурс за обнова на заборавената театарска поетика. Таа е и причина зошто дочекавме криза која наводно докажа дека општеството е неподготвено. Зашто постепено ги уништувавме институциите кои на општеството му прават сѐ за во манир на самоисполнувачко пророштво да се докаже тврдењето на Маргарет Тачер. И затоа сега кога ни е потврдено дека општеството сепак постои не смееме да наседнуваме на погрешната интерпретација на овој факт. Од тоа не произлегува дека сега сите заедно сме во сево ова зашто вирусот не прашува за класа. Од тоа не произлегува, како што вели Ангела Меркел, сознанието дека сите сме ранливи. Од тоа не произлегува дека сите мораме подеднакво да го поднесеме товарот на кризата, како што деновиве трубат домашните економски аналитичари кои економијата ја гледаат како zero sum game помеѓу работниците во приватниот и оние во јавниот сектор. Од тоа произлегува: ако постои општество, тогаш постојат и општествени класи.

А тие се највидливи во соочувањето со предизвиците и барањата на кризата. Како да гледаме проширена верзија на филмот „Паразит“ на Бонг Џун Хо, адаптирана за периодот на пандемијата. Со зборовите на новинарот од Њујорк Тајмс: „Мошне брзо се развива еден вид пандемски кастински систем: богатите хибернираат во своите вили за одмор; средната класа е заглавена дома со немирни деца; работничката класа е на првата економска линија, растегната до крајни граници помеѓу барањата на работата и родителските обврски, ако воопшто има работа“. Животот снима оскаровци, а ние треба да процениме кој е паразитот во целата приказна. И кој треба да го сноси товарот од оваа криза. Неолиберализмот можеби е мртов, но капитализмот не е.

Илустрации: Chris Riddell

Извор: https://www.bilten.org

ОкоБоли главаВицФото