Европските земји со повик за фризерите, келнерите и другите невработени - да најдат работа во земјоделството

01.04.2020 10:49
Европските земји со повик за фризерите, келнерите и другите невработени - да најдат работа во земјоделството

Се ближи пролет и време е за берба на шпаргли, јагоди и на останатото овошје и зеленчук. Европските земји веќе имаат проблем со недостаток од работна сила поради што се носат различни решенија како на пример со роботи за берење , но сега состојбата станува уште потешка.

„За сите невработени мотика во рацете“ е реченица која се повторила милион пати кога постарите зборувале за младите, кога поради немање работа им паѓале на ум разни работи. И сите ние сигурно сме рекле нешто слично кога сме поминале покрај некоја уништена клупа или превртена корпа за отпадоци.

Но сега, оваа реченица станува реалност бидејќи владите, стопанските комори и работодавачите од речиси сите европски земји, ги повикуваат лугето кои поради пандемијата од коронавирусот останале без работа, своето место да го најдат во земјоделството. Буквалнo, да земат мотика во рака.

Веќе неколку пати се спомнуваше дека во Германија се во прашање 280.000 сезонски работници во земјоделството. И Полска исто така се бори со ова прашање бидејќи се затворени границите а Украинците кои се најчестата работна сила во оваа земја, заминаа дома. Исто така,  во Бугарија се вратија околу 200.000 граѓани кои во странство ги работеа сезонските земјоделски работи.

Се поставува прашањето што прават сите тие луѓе кои речиси преку ноќ останаа без работа, кои сега мора да бидат затворени во четири ѕида без работа , без приходи со огромен облак на страв и неизвесност над своите глави.

Во развиените земји на Европа веќе се направија некои потези и тоа такви да „со еден удар да отепаат две муви“: прво да се вработат оние кои ненадејно и без најава останаа без работа, а второ да се обезбеди работна сила за земјоделството.

Французите направија платформа за вработување во земјоделството

Така, Дидие Гуилом, за француската телевизија изјави: „Дали може фризер кој нема работа да работи на нива, да бере јагоди или да пакува јогурт во некоја млекара?“ Подоцна, тој упати повик и до сите невработени кои работеле како келнери во рестораните, собарки во хотелите….. да им се придружат на земјоделците односно да бидат дел од стопанството кое ќе обезбеди храна за сите.

Секако веднаш пристигнаа реакции бидејќи од една страна се апелира да се остани дома, а од друга стана да се работи на нива.

Се направи и план за водење на кампања со која ќе се прецизира начинот на кој Французите ќе можат да му помогнат на домашното земјоделство. За да се олесни вработувањето, француското министерство за труд ќе направи платформа посветена на секторите кои во овој период имаат потреба од работници и тоа веќе е објавено на официјалната веб страна на министерството.

Германија има потреба од 300 000 работници

Слични мерки презеде и германското министерство за земјоделство па отвори посебна веб страница за работа на фармите, а како целна група исто така ја имаат работната сила од угостителството но и студентите. Сите информации се достапни на порталот daslandhilft.de

Појаснуваат дека се работи за платформа за брзо и небирократско посредување при вработувањето и која опфаќа агробизнисмени, прехрамбени фирми и работници.

„Имаме потреба од вас –и тоа веднаш, бидејќи на полињата на нашите земјоделци има овошје и зеленчук кои треба да се соберат. Нашите земјоделци нудат приходи за они кои поради заштитните мерки се наоѓаат во економска криза“, порачуваат организираните Германци кои стравуваат дека има плодови кои ќе останат на нивите несобрани и ќе пропаднат.

И во Велика Британија маки мачат со работната сила, бидејќи Британците не сакаат да работат сезонска работа, која досега ја работеа мигрантите од Бугарија, Романија и Полска. Сега ситуацијата е променета па и таму се зборува за британска работна сила.

Шпанските медиуми објавија дека 6000 марокански жени што требало да работат како берачки на јагоди не успале да влезат во земјата.

Би можеле да завршиме со животната мудрост - дали нешто мора да изгубиме за да научиме да го цениме, а овде всушност се мисли на ниско квалификованите работници што работат нешто од кое многу луѓе бегаат.

Исто така, дали ја потценивме важноста на земјоделството и на земјоделците, без кои не можеме да живееме? Ни останува да размислиме дали во нашето земјоделство има место за голем број млади луѓе кои за само неколку дена останаа без работа?

Извор: Agroklub.rs