Неолибералните баења ќе останат недуховита шега

03.04.2020 00:33
Неолибералните баења ќе останат недуховита шега

Томислав Медак е член на Мултимедијалниот институт и докторант на Центарот за постдигитална култура на Универзитетот во Ковентри. Во својата истражувачка работа се занимава со прашања за технологијата, капитализмот, посткапиталистичката транзиција и екологијата и животната средина. Еден е од авторите на истражувачкиот проект Пиратска грижа, чија нова тематска целина се занимава со пандемијата на коронавирусот и практиките на солидарност.

Дали прво можете да ни кажете нешто за пиратската грижа? Кои се начелата на пиратската грижа, зошто е важно да се дејствува (и) на тој начин?

Пиратската грижа е заеднички именител за практиката на колективно организирање на грижата, негата и заемната помош кои се јавуваат како одговор на различните аспекти институционална криза на грижата: приватизацијата и растурањето на социјалната држава, политиките за штедење и криминализацијата на миграцијата и солидарноста. Примери има многу: од грчките солидарни клиники кои обезбедуваат медицинска помош и лекови за луѓе без здравствено осигурување, организациите кои им помагаат на бегалците и мигрантите на Балканот и Медитеранот како што се Are You Serious! и Sea Watch, преку помошта во остварување на репродуктивните права каква што пружа иницијативата Women on Waves на бродовите кои ги запираат во меѓународни води пред земјите во кои е забранет прекинот на бременоста.

Тука е и помошта за задолжените станари да го задржат својот дом како што прави Здружената акција Покрив над глава и La PAH, па сѐ до практиките на пиратските библиотеки како Memory of the World кои на сите во светот им овозможуваат еднаква достапност до најновите науки. Тие практики не се хуманитаризам туку, како што истакна капетанката на Sea Watch, Пиа Клемп, практики на солидарност кои функционираат врз основа на начелото дека сите имаат право на правата и право на грижа која ни овозможува да живееме и да живееме добро. Токму затоа што поаѓаат од безусловното барање за одржување на тие права овие практики често се во конфликт со законот, уредбите и мерките кои ги ограничуваат.

Кој, заедно со вас, ја покрена иницијативата во рамки на овој проект и како воопшто започна сѐ?

Колегите Валерија Грацијано, Марсел Марс и јас под овој назив започнавме низа активности за да ги поврземе тие активности и да им овозможиме на другите колективно да учат од нив. Затоа со различни иницијативи и актери на пиратска грижа започнавме колаборативен силабус кој го развиваме во рамки на програмата ЕПК Ријека Дополаворо под водство на Drugo more и во рамки на изложбата „...за лебот, виното, автомобилите, сигурноста и мирот“ во виенската Кунштале. Засега силабусот вклучува предлози за учење на теми криминализација на миграциите и солидарноста, заеднички организации за грижа и нега за децата, борбата за право на стан, заемна психосоцијална помош, трансхакфеминизам, хормонско загадување во околината, родовата рамноправност во технолошките кругови, безбедноста на заедницата против расистичкото постапување на полицијата и дигиталното пиратство.

Во пишувањето на овие тематски целини учествуваа Емина Бужинкиќ, Мадалена Фрањито, Ана Виленица, Ива Марчетиќ, колективот Power Makes Us Sick, Лора Бенитез Валеро, Мери Меџик, Зои Романо, Ајвори Тјуздеј и Расмус Флејшер. Наскоро планираме да додадеме и нови теми и сесии, на пример за спасување на бегалците на море, за правата на сезонските работници и репродуктивните права. Постоечките и идните теми можете да ги најдете на веб адресата syllabus.pirate.care.

Новата тематска целина на силабусот Пиратска грижа се води од прашањето - што учиме од/заради коронавирусот. Зошто мотото и покличот „да ја ублажиме кривата“ не е доволно? Каков водечки пристап ни треба сега?

Со избивањето на пандемијата САРС-КоВ-2 вирусот земјите постапно воведуваат мерки за спречување на ширење на заразата, кои вклучуваат работа од дома, домашна изолација и запирање на неесенцијалните сфери од економијата. Меѓутоа, во таа ситуација се покажа дека грижа (поточно општествената репродукција, но да не комплицираме со стручни поими), без разлика дали е организирана во домаќинството или надвор од него, значи дека работата на мајките, бабите и ќерките, како и работата на медицинските сестри, негувателките во старечките домови, хигиеничарките, благајничките, учителките, готвачките, едноставно не може да запре. Исто како што не може да запре ни работата на возачите, доставувачите и земјоделците.

Затоа, покрај лекарите, овие работнички и работници, како и нивните блиски, во моментов се најизложени на заразата. А сето тоа се облици на труд кои постоечкиот економски систем ги третира како секундарни во однос на индустрискиот, високотехнолошкиот, туристичкиот или финансискиот сектор. Работата во однос на грижата е системски потценета. Често е слабо платена и се одвива под нетипични услови на вработување. Главно е резервирана за жените и мигрантската работна сила. Но, уште почесто е домашна и неплатена. Според Меѓународната организација на трудот, кога би се направил обид неплатениот женски труд да се пресмета во монетарна вредност неговиот вкупен придонес за светската економија би бил 11 билиони долари на годишно ниво, значи трипати повеќе од придонесот на технолошкиот сектор.

Значи, сега станува јасно дека капацитетот на грижата е пресуден фактор?

Така е. Ако заразата се шири ненадејно, оние 20 проценти болни на кои им треба поинтензивно лекување и оние 5 проценти на кои им треба кислород ќе ги заземат сите капацитети и со тоа болниците веќе нема да можат да им ја пружат нужната нега, со што шансите за преживување на овие 5 проценти драстично паѓаат под 50 проценти. Истовремено, кога капацитетот ќе биде достигнат, како што во моментов е случај во Италија, Шпанија и некои региони во други земји, тогаш болниците веќе не можат да им помогнат ни на болните со акутни или хронични состојби кои не се заразени, а им треба итно внимание. Затоа е потребно да се ублажи кривата на зголемување на случаите. Таа крива не смее да ја премине рамната линија на капацитетите на системот за здравствена заштита.

Меѓутоа, и сите оние кои мора да останат во домашна изолација зашто спаѓаат во ризичните групи според староста или хроничните заболувања зависат од грижата на другите кои треба да им однесат храна, лекови, да го изнесат сметот, да ги прошетаат кучињата или да ги чуваат. И тука настапуваат иницијативите за солидарност. Помагаат и таму каде што нема институционални форми на грижа или нивните капацитети не се доволни: да им помогнат на постарите, лицата со инвалидитет или хронично болните. Или пак, на бездомниците, бегалците и затворениците на кои таквата помош им е системски оневозможена. Или поддршка за луѓето во изолација кои се соочуваат со зголемување на тензиите и насилство во семејството. Или пак на оние кои немаат постојано вработување и останале без извор на приходи да организираат системи за заемна помош, а оние кои мораат да работат да се организираат синдикално.

Значи, сите овие аспекти бараат - не само во моменталните услови на пандемија, туку и инаку - зголемување на капацитетите, давање поголемо значење и поинтензивно вклучување на сите, особено мажите, во различните потреби за грижа во нашите општества. Тоа е смислата на вториот дел од нашето мото.

Во силабусот ја следите и реорганизацијата на секојдневието, начинот на кој луѓето се вклучуваат и помагаат во овој момент...

Во моментов преку тематскиот фокус во нашиот силабус кој се вика „Да ја ублажиме кривата, да ја шириме грижата: Што можеме да направиме од пандемијата со вирусот Ковид-19“ следиме како се организира и како политички се артикулира солидарноста и заемната помош како одговор на зголемената потреба која стана евидентна со пандемијата. Се случува целосна реогранизација на секојдневието во која луѓето се грижат за благосостојбата на другите и им помагаат. Одеднаш на сите им стана јасно во која мера психички и физички зависиме од системите за заштита и грижа за другите. Она за што се залагаме ние е таа реорганизација да не заврши во моментот кога ќе помине пандемијата, туку од сегашната ситуација да градиме поинакви односи во општеството.

Избивањето на коронавирусот посочи на слабостите на здравствените системи ширум светот. Шпанија преку ноќ ги национализираше сите приватни болници, во Италија повеќе од 10 илјади студенти/тки по медицина мораа да се вклучат заради недостаток од медицински персонал, итн. Дали оваа криза е можност за инсистирање на подобро, јавно, универзално здравствено осигурување?

Не сум стручњак за јавно здравство па не можам да коментирам меродавно. Гледано преку окото на заинтересиран посматрач, оваа криза е со извонредни размери и не е рационално да се планираат некои ограничени ресурси во таа смисла. Ширењето на заразата во одредени земји и региони е мошне контингентно, една или повеќе ситуации на масовно заразување (таканаречен super-spreader event) може ненадејно да резултира со огромен број заразени и за десетина дена да го доведе здравствениот систем на раб на капацитетот. Но, во секој случај е добро да се има добро организирана и меѓународно поврзана епидемиологија и што поголем основен капацитет за здравствена заштита.

Иако ваквите комплексни и контингентни настани не можат да се толкуваат преку издвоени факти, постојат значајни разлики меѓу земјите во однос на капацитетот на здравствената заштота кој пак сигурно има најголемо влијание на смртноста. Германија има далеку најмногу кревети во интензивна нега и најмногу ресурси за тестирање во Европската унија. Италија пак под притисок на Тројката во последните години ги намали јавните издатоци за здравство за 37 милијарди евра, бројот на болниците за 15 проценти, а болничките кревети за 70 000.

Патем, на падемското ширење во голема мера му одеше во прилог недостатокот на политичка координација на меѓународно ниво и бавноста во донесувањето на мерките за превенција. Американскиот претседател Трамп не го повика кинескиот претседател Џи кога изби пандемијата во Хубеи, а членките на Европската унија не ги делат ресурсите според механизмите кои ги поставија самите. И покрај тоа, многу влади во хипермобилните богати земји лесно реагираа на заканата од пандемија и покрај предупредувањата на Светската здравствена организација и сопствените стручни служби не започнаа со навремени подготовки и мерки. Во таквата себична и контрапродуктивна реакција консеквенците за сиромашните здравствени системи, како и за популациите кои се погодени од сиромаштијата, би можеле да бидат погубни. Иако постои надеж дека заразноста на коронавирусот би можела да се забави со потоплите температури, треба да се потсети дека 60% починати од шпански грип умреа во источна Индија во која Британците претходно создадоа услови за масовен глад.

Како да се соочиме со оваа ситуација во рамки на постоечките здравствени сектори и капацитети?

Извонредноста на ситуацијата изискува сите болнички капацитети, што ги вклучува и приватните, да се стават под јавно управување зашто со тоа се зголемува вкупниот капацитет и се спречува кога вкупниот капацитет ќе биде заземен со лекување на заболените од коронавирус некои да можат да платат за здравствена услуга која други не можат да ја добијат. Генерално, здравствените системи се нарушени од општиот раст на трошоците за здравствена заштита, политиките за штедење, приватизацијата на здравственото осигурување и економското раздвојување на достапноста на услугите и лошото управување. Истовремено, недоволно се вложува во епидемиологијата и истражувањето нови патогени, а големите фармацевтски корпорации наоѓаат многу поголем економски резон во произведувањето конкурентски лекови за импотенција отколку развивање вакцини кои би можеле да спасат милиони животи.

Понатамошната приватизација на услугите и воведувањето персонализирано лекување кои ги овозможуваат новите технологии веројатно драстично ќе ги зголемат сега веќе значајните нееднаквости во квалитетот на здравствената заштита и последично во очекуваниот животен век кај разни општествени групи. Во силабусот го наведуваме податокот дека разликата во очекуваниот животен век на најбогатите и најсиромашните деца во Велика Британија денес е 18 години. Гледано од перспектива на општествена праведност, здравственото осигурување мора да биде универзално, но и никој не би требало да може да купи подобра здравствена услуга. Генерално, институционалното уредување на општеството не би смеело да ги зголемува нееднаквостите кои ги донесуваат контингенциите во животот - како што се околностите на раѓањето, болестите или местото - туку да ги намалуваат. Тоа исто така се однесува и на другите аспекти од животот, како исхраната, домувањето, образованието и грижата. Сите тие мора да бидат организирани според потребите, а не според куповната способност.

Како што се споменува во силабусот, во последните четири децении дојде до двоен и троен пораст на зоотонски скокови на вируси од животни на луѓе. Кои се причините за толку големиот пораст?

Според угледната истражувачка организација EcoHealth Alliance последните четири децении прескокнувањата на зарази од диви и домашни животни на човекот пораснаа два до три пати. Главни причини се сѐ поголемите задирања на економските активности како што се сечењето шуми и индустриското земјоделство во природните живеалишта. Стоката за човечка исхрана сѐ повеќе се одгледува во зони кои се поврзани со природни живеалишта и диви видови. Вирусите и бактериите преминуваат од дивите видови на стоката, а потоа во услови на интензивно сточно производство нагло се шират и мутираат и преминуваат на луѓето. Такви беа векторите на птичјиот и свинскиот грип.

На пример, заради моменталната епидемија на свинскиот грип, кој не е опасен за луѓето, во Кина ќе мора да се убие една четвртина од светската популација свињи или 200 милиони свињи. Ако ја занемариме неприфатливоста на страдањето на толкав број високосвесни битија, ваквите помори доведуваат до значаен недостаток на месни протеини и прибегнување кон користење месо од диви видови, чие ловење денес, дури и кога е незаконско, се организира преку пазарните механизми на индустриското производство на храна. Сечењето на шумите со цел ширење на плантажите и фармите, пак, ги истиснува жителите од прашумите подлабоко во природните живеалишта и ги изложува на поинтензивен контакт со дивите видови. За САРС-КоВ-2 засега не знаеме како точно дошло до пренос од лилјаците, важни носители на стабилноста на екосистемот кои како единствени летечки цицачи страдаат од слични патогени како останатите цицачи, на човекот - но, изгледа преку панголините.

И климатските промени и сѐ потоплата клима го прават светот поповолен за вируси и бактерии. Важен е и начинот на кој се однесуваме кон последните диви простори на нашата планета. Дали можеме да кажеме нешто повеќе за тоа, зошто е важно тоа?

Човечката активност, главно придвижена од механизмите на капиталистичката акумулација, во значителна мера измени и дестабилизираше 75 проценти од копнените и 66 проценти од морските екосистеми на планетата. Уништувањето на екосистемот ќе има подеднакво катастрофални последици за човечките општества како и климатската криза. Промената на употребата на тлото, сечењето на шумите и земјоделските активности ја редуцираат комплексноста на природните системи и нивната разновидност, што придонесува за намалување на внатрешната отпорност на тие екосистеми на ширењето епидемии. Три вида активности придонесуваат за околу 25 проценти од емисиите на гасовите од стаклената градина. Истовремено, глобалното затоплување ги дестабилизира природните живеалишта и природните видови под дополнителен притисок за прилагодување, миграции или изумирање. Топењето на пермафростот би можело да предизвика будење на замрзнатите патогени. А промената на топлината и влагата би можела и да измени како се шират патогените.

Важно е да се разбере дека стабилноста и комплексноста на природните живеалишта и здравјето на природните видови, кои се нарушени со човечката активност, имаат системска поврзаност со човечкото здравје. Таквото поврзано гледиште на здравјето на луѓето, останатите животински видови и стабилноста на екосистемот можно е да се анализира преку концепцијата „обединето здравје“ која ја промовира и Светската здравствена организација.

За да го намалиме ризикот од вакви зоотонски прескокнувања на вирусите, заразите и карантините во иднина ќе мораме од темел и брзо да ги менуваме капиталистичките економски процеси и да им ги подредиме на целите на општествена праведност и регенерација на екосистемот. Тоа значи и реорганизација на производството на храна и начинот на исхрана, пред сѐ драстично намалување на одгледувањето стока и сточна храна за нејзина исхрана. Правичниот живот за сите и стабилноста на екосистемот не мора да бидат игра на нулта резултат каде општествата мораат секогаш нешто да жртвуваат за да им препуштат простор на природните живеалишта, постојат низа начини како истовремено можеме да ја подобриме човечката благосостојба и стабилноста на екосистемот.

Дали во сево ова гледате можност да заживеат трансформативните практики кои ќе влијаат на нашата колективна иднина после оваа пандемија?

Со оваа пандемија сето она што ни го зборуваа економските експерти, меѓународните институции и влади - дека економската стабилност има примат над општествената стабилност - евидентно одеднаш веќе не важи. Државите го преземаа управувањето со економијата, повеќе нема ограничување на јавната потрошувачка, фискалните механизми станаа клучни за координација и планирање, на приватните претпријатија им се наложува да произведуваат за општествените потреби. Се простуваат станарини и рати за кредити. Конзервативните влади разгледуваат загарантиран основен приход. Луѓето комуницираат интензивно на секој чекор, организираат заемна помош и се грижат едни за други. Додека голем дел од економската активност е запрен, јавниот здравствен систем, јавно финансираната наука, изградбата на јавни станови, производството според општествените потреби и фискалното планирање се покажаа како основи на стабилноста. Неолибералните баењеа за приматот на пазарот одеднаш се недуховита шега. Во текот и после оваа криза светот ќе се најде во длабока економска рецесија. Сите овие мерки за координација и планирање ќе мора да продолжат. Неолибералните баења ќе останат недуховита шега.

Прашањето е дали во овој момент ќе се сетиме на наравоучението на неолибералите дека не треба да се пропушти кризата за да се наметнат алтернативи за постоечките политики. Моменталната криза на болен начин демонстрираше дека капиталистичката економија е ограничена од општеството и е подредена на неговите потреби. Надоаѓачката еколошка криза ќе покаже дека општеството е подредено на стабилноста на планетарниот екосистем. Од моменталната криза дознавме и дека имаме многу пошироки социо-економски инструменти за општествено управување за да се фатиме во костец со големите кризи отколку што тоа ни го дозволува светот организиран околу приматот на пазарната економија.

Временските рамки да го промениме општеството според модел во кој примат има работата околу грижата и еколошката одржливост, за среќа, како во оваа пандемија, не се бројат со денови и недели, туку со години и децении. Меѓутоа, артикулацијата на алтернативните барања и политики и политичкото организирање на тие барања и политики мора да започне сега, поаѓајќи од оваа состојба. Во моментов владите ја водат економијата и треба да се спречи да им ја препуштат на силите на пазарите. Старите политики во одговорот на кризата ќе одат на укинување на стекнатите работни и социјални права и тука мораме да почнеме да го разградуваме економскиот common sense. Нашето документирање на практиката на солидарност во Силабусот на пиратската грижа е скромен придонес за тоа.

Слики: Andrés Lozano

Извор: http://www.h-alter.org

ОкоБоли главаВицФото