Коронавирус: Необични начини на државите за спречување на заразата

03.04.2020 11:27
Коронавирус: Необични начини на државите за спречување на заразата

Земјите ширум светот преземаат досега невидени мерки за да го спречат ширењето на коронавирусот. Мерките одат и во крајности: од неверојатно строги и рестриктивни до опуштени или креативни.

Еве некои од необичните чекори што ги презедоа државите во борбата против Ковид-19.

1. Панама

Централноамериканската земја, која има околу 1.000 потврдени случаи на заболени со Ковид-19, објави строги мерки за карантин кои ги раздвојуваат луѓето по пол, во обид да се запре ширењето на заразата.

Од пред неколку денови, мажите и жените ќе можат да ги напуштат своите домови само по два часа, но во различни денови. Во недела пак, никој нема да смее да излегува надвор од својот дом.

„Овој апсолутен карантин не е заради ништо друго освен да ви го спаси животот“, рече министерот за безбедност Хуан Пино на прес-конференција.

Во Панама ограничувањето на движење е по полови

2. Колумбија

Во некои колумбиски градови, на луѓето им е дозволено да излезат од дома врз основа на последниот број на нивниот број на лична карта.

На пример, на жителите во градот Баранкабермеја (Barrancabermeja), на кои броевите на личната карта им завршуваат со 0,7 или 4 им е дозволено да ја напуштат куќата во понеделник, додека оние со број на лична карта што завршува 1, 8 или 5 можат да излезат од дома само во вторник.

И Боливија предлага сличен пристап.

3. Србија

Во еден момент, српската влада воведе „час за шетање кучиња“ од 20 до 21 часот за оние кои се во самоизолација.
Но, овој термин е продолжен со уште еден час, по протестите на сопствениците на домашни миленици.

Еден ветеринар рече дека прескокнувањето на вечерната прошетка може да ја влоши состојбата кај кучињата со уринарни проблеми и „да ги влоши основните хигиенски услови во домовите на луѓето“.

4. Белорусија

Социјалната дистанца е правило во многу држави, но не и во Белорусија

Белорускиот претседател Александар Лукашенко крева многу веѓи со својот став кон појавата на коронавирусот.

Тој се смееше на предлогот дека неговата земја треба да се обиде да го спречи ширењето на коронавирусот, затоа што не можел да го види вирусот како „лета наоколу“.
Зборувајќи со еден телевизиски репортер на затворен натпревар во хокеј на мраз, тој исто така тврдеше дека добро е да има толпа луѓе на натпреварот, бидејќи студенилото на стадионот ќе го спречи ширење на вирусот.

Иако, нема никакви докази дека ова е точно, а коронавирусот не може да се види со голо око.
За разлика од поголемиот дел од Европа, Белорусија не презема никакви ограничувања на спортски настани.

„Тука нема вируси“, рече претседателот Лукашенко. „Не сте ги виделе како летаат наоколу, нели? Јас не ги гледам! Овде е фрижидер. Спортот, особено мразот, овој фрижидер овде, тоа е најдобриот антивирусен лек!"

Тој, исто така, рече дека пиењето вотка и редовни патувања во сауна се начини за отстранување на вирусот - што е во спротивност со професионалните совети на стручњаците.

5. Шведска

За разлика од соседите, Шведска се одлучи за опуштен став кога станува збор за мерките на самоизолација и покрај близу 4.500 потврдени случаи во државата. Владата се надева дека луѓето ќе се однесуваат разумно и им верува дека ќе ја направат вистинската работа.

Во неделата беа забранети собири на повеќе од 50 луѓе, но училиштата за деца под 16-годишна возраст остануваат отворени.

На пабовите и рестораните сè уште им е дозволено да понудат услуга на маса и многу луѓе сè уште се дружат како во нормални услови.

Оваа стратегија на Шведска ги подели мислењата и дома и во странство, но само времето ќе покаже дали ваквиот опуштен пристап на Швеѓаните ќе предизвика експлозија на заразата или ќе има позитивни резултати.

6. Малезија

Советите понудени во Малезија се покажаа не помалку контроверзни.

Владата беше принудена да се извини откако Министерство за женски шраѓања и развој на семејството на интернет страницата објави карикатури со кои ги советува сопругите убаво да се облекуваат, да носат шминка и да избегнуваат да ги нервираат своите сопрузи за време на делумното затворање на земјата.

Корисниците на социјалните мрежи многу брзо негативно реагираа на ваквите совети, кои подоцна беа отстранети.

Дали трендот на носење маски ќе се прошири во повеќе држави?

7. Австрија

Иако Светската здравствена организација вели дека здравите луѓе не треба да носат маски за лице, освен ако не се грижат за некој што е болен, Австрија има воведе правило за задолжително носење маски во супермаркетите.
Новите правила ги воведе канцеларот Себастијан Курц и стапија на сила оваа недела, за граѓаите се обезбедени милиони маски.

Иако маските се вообичаена глетка во многу делови на Азија, Австрија е само четвртата европска држава што спроведува задолжителна употреба на маски во јавност - следејќи ги чекорите на Чешка, Словачка и Босна и Херцеговина.

Извор: BBC