Капитализмот има свои ограничувања

04.04.2020 13:17
Капитализмот има свои ограничувања

Императивот – изолација се совпаѓа со ново признавање на нашата глобална меѓузависност во текот на ова ново време и простор на пандемија. Од една страна, од нас е побарано да се собереме во нашите семејни заедници, заеднички простории за живеење или индивидуални живеалишта, лишени од социјален контакт и преместени во сфери на релативна изолација; од друга страна, соочени сме со вирус кој брзо ги преминува границите, несвесен за самата идеја за домашна територија. Но, не секој има домаќинство или „семејство“ , а и зголемена е бројката на бездомно или транзитирачко население во САД. Значи, „домаќинството“ се смета за простор за заштита, но тоа е далеку од точно за многумина. Во САД, формулирана е национална стратегија и истата се појавува во збунувачки форми во јавноста. Прашањето кој ќе живее и кој ќе умре, на нашиот претседател му изгледа како проблем за трошоците и придобивките за кои ќе одлучат пазарите. Во такви услови, како да го поставиме прашањето какви последици ќе има оваа пандемија во поглед на размислувањето за еднаквоста, глобална меѓузависност и нашите обврски едни кон други?

На крајот на краиштата, вирусот не дискриминира. Можеме да кажеме дека нè третира подеднакво, нè става подеднакво во опасност да заболиме, да изгубиме некој близок, да живееме во свет на непосредна закана. Вирусот работи во глобална рамка, но што е со нас останатите? Земајќи го предвид начинот на кој се движи и напаѓа, вирусот покажува дека глобалната човечка заедница е подеднакво несигурна. Во исто време, сепак, неуспехот на некои држави или региони однапред да се подготват (САД сега се можеби најозлогласениот член на тој клуб), зајакнување на националните политики и затворање на границите (честопати придружени со панична ксенофобија) и пристигнувањето на претприемачите желни да профитираат од глобалното страдање, сите сведочат за брзината со која радикалната нееднаквост, национализмот и капиталистичката експлоатација наоѓаат начини да се репродуцираат и зајакнат во пандемичните зони. Ова не треба да биде изненадување.

Здравствените политики во САД го олеснуваат ова на карактеристичен начин. Едно сценарио што веќе можеме да го замислиме е производството и маркетингот на ефективна вакцина против COVID-19. Јасно нестрплив да постигне политички поени што ќе му обезбедат ре-избор, Трамп веќе се обиде да купи (со готовина) ексклузивни права на САД за вакцина од германската компанија CureVac, финансиранa од германската влада.

Германскиот министер за здравство, кој не беше баш воодушевен, потврди за германските медиуми дека понудата е приложена. Еден германски политичар, Карл Лаутербах, забележа: „Ексклузивната продажба на можна вакцина во САД мора да се спречи по секоја цена. Капитализмот има граници“. Претпоставувам дека тој се спротивставил на одредбата за „ексклузивна употреба“ и не би бил позадоволен од истата одредба, доколку се однесуваше само на Германците.

Неодамна, Трамп склучи договор со „Gilead Sciences“, фармацевтска корпорација, која им дава ексклузивни права за развој на Ремдесивир, лек со потенцијал за лекување на вирусот СОВИД-19. Поканувајќи ги Волмарт и ЦВС во Белата куќа да дојдат до некакви решенија, не само што открива погрешно разбирање за тоа како се развиваат нови медицински третмани, туку и ја меша разликата помеѓу бизнисот и јавното здравство на доста последователни начини.

Пред само неколку дена, Трамп јасно стави до знаење дека финансиското здравје на нацијата е вистинското здравје и дека единствената релевантна мерка е Вол Стрит. Како резултат, враќање на „business as usual“ (во слободен превод: бизнисот е најважен) дури и ако тоа значи ризик од зголемена стапка на смртност од вирусот, е оправдано според него. Јасната импликација е дека во ред е ако најранливите луѓе починат – стари лица, бездомници, оние со веќе постоечки здравствени состојби – сè додека економијата може да се оживее. Нацијата не е нејзиниот народ, туку нејзините пазари.

Нема поента повторно да се запрашаме, што ли мисли Трамп со ова? Прашањето беше поставено толку многу пати доведувајќи нè во крајно вознемирувачка состојба што веќе не ни можеме да бидеме изненадени. Тоа не значи дека нашиот бес се смалува со секој нов пример на неетичко или криминално самособорување. Доколку тој беше успешен во неговите напори да ја купи потенцијалната вакцина и да ја ограничи нејзината употреба само за американски граѓани, дали тој верува дека американските граѓани ќе му аплаудираат поради неговите напори, воодушевени од идејата дека тие самите се избавени од смртна закана кога другите нации не се? Дали американската јавност навистина би сакала ваков вид на национализам? И, ако само богатите имаат пристап до соодветен третман, се очекува ли да аплаудираме на оваа радикално непристојна социјална нееднаквост, заедно со пазарната рационалност и американската исклучивост?

Дали се очекува да го афирмираме неговиот само-прокламиран „брилијантен“ начин за склучување договор во вакви услови? Дали мисли дека повеќето луѓе сметаат дека слободниот пазар треба да одлучи како се развива и дистрибуира вакцина? Дали во неговиот свет е воопшто возможно да се размислува дека треба да се инсистира за светски здравствен проблем којшто треба да ја надмине пазарната рационалност во овој момент? Дали е тој во право да претпостави дека останатите живеат во рамките на параметрите на неговиот замислен свет?

Дури и да не се применат вакви ограничувања врз основа на национално државјанство, сигурно ќе ги видиме богатите и целосно осигураните како брзаат да обезбедат пристап до ваква вакцина кога таа ќе стане достапна, дури и ако начинот на дистрибуција гарантира дека само некои ќе имаат пристап до неа, а другите ќе бидат препуштени на континуирачкиот и засилен прекаријат. Социјалната и економската нееднаквост ќе се погрижат вирусот да дискриминира. Само што, вирусот не прави дискриминација, но ние, луѓето, дискриминираме, формиравме и анимиравме, такви какви што сме – преку поврзувањето на моќта на национализмот, расизмот, ксенофобијата и капитализмот.

Се чини дека најверојатно следната година ќе проследиме едно болно сценарио во кое некои човечки суштества ги потврдуваат своите права да живеат на штета на другите, повторно наметнувајќи ја лажната разлика помеѓу оние кои вредат и оние кои не вредат да бидат обжалени, односно оние кои треба да бидат заштитени од смрт по секоја цена и оние чии животи се сметаат дека се доволно вредни за да бидат заштитени од болест и смрт.

Сето ова се случува против претседателскиот натпревар во САД во кој шансите на Берни Сандерс за обезбедување на номинација од Демократите сега изгледаат многу далечни. Новата прогноза која го покажува Бајден како јасен предводник е катастрофална за овие времиња токму затоа што Бајден се закануваше дека ќе го намали јавното финансирање за стари лица, додека и Сандерс и Ворен се залагаа за „Medicare for all“ (Здравство за сите), сеопфатна програма за јавно здравство што ќе гарантира основна здравствена грижа за сите во земјата. Ваквата програма ќе стави крај на пазарот управуван од страна на приватните компании за осигурување кои редовно ги напуштаат болните, задолжителните трошоци од џеб, кои се буквално недостижни, и ќе ја овековечат бруталната хиерархија помеѓу осигураните, неосигураните и неосигурливите.

Социјалистичкиот пристап на Сандерс кон здравствената заштита може посоодветно да се опише како социјалдемократска перспектива што во суштина не се разликува од она што Елизабет Ворен го изнесе во претходните фази на нејзината кампања. Според него, медицинското покритие е „човечко право“ со што сака да каже дека секој човек има право на здравствена заштита која што му е потреба. Човековите права имаат тенденција да ја замислуваат индивидуата како точка на заминување.

Но, зошто да не ја сфатиме здравствената заштита како социјална обврска што произлегува од заедничкото општествено живеење? За да изнуди консензус на ваква тема, и Сандерс и Ворен ќе требаше да го убедат американскиот народ дека сакаме да живееме во свет во кој никој од нас не негира здравствена заштита на било кој друг. Со други зборови, би морале да се согласиме на социјален и економски свет во кој е радикално неприфатливо некои да имаат пристап до вакцина која може да ги спаси нивните животи кога на другите треба да им биде одземен пристапот со образложение дека не можат да платат или не можеле да обезбедат осигурување што би платило, или затоа што немале виза или правен статус.

Една од причините што во Калифорнија гласав за Сандерс заедно со мнозинството демократи е тоа што тој, заедно со Ворен, отворија начин да го обмислат нашиот свет како да било наредено од колективна желба за радикална еднаквост, свет во кои сите се собравме да инсистираме дека материјалите што се потребни за живот, вклучително и медицинската нега, ќе бидат подеднакво достапни без разлика кој сме ние или дали имаме финансиски средства.

Таа политика ќе воспостави солидарност со другите земји кои се посветени на универзалната здравствена заштита и така ќе воспостави транснационална политика за здравствена заштита, посветена на реализација на идеалите за еднаквост.

Новите анкети кои излегоа го стеснуваат националниот избор на Трамп и Бајден токму додека пандемијата го згаснува секојдневниот живот, интензивирајќи го прекаријатот на бездомните лица, неосигураните и сиромашните. Идејата дека може да станеме народ кој посакува да живее во свет во кој здравствената политика е подеднакво посветена на сите животи, да го демолира стопанството на пазарот на здравствена заштита кој прави разлика меѓу достојните и оние кои можат лесно да бидат препуштени на болест и смрт, краткотрајно беше жив.

Дојдовме до тоа да се разбираме себеси поинаку, бидејќи Сандерс и Ворен ја искористија другата можност. Сфативме дека можеби ќе почнеме да размислуваме и да цениме надвор од условите што капитализмот ги поставува за нас. И покрај тоа што Ворен веќе не е кандидат, а Сандерс веројатно нема да го врати својот моментум, ние сепак мораме да прашаме, особено сега, зошто ние како народ сè уште сме против тоа да ги третираме сите животи како да имаат еднаква вредност? Зошто некои сè уште се воодушевуваат од идејата дека Трамп ќе се обиде да обезбеди вакцина која ќе ги заштити американските животи (како што тој ги дефинира) пред сите други?

Предлогот за универзално и јавно здравство ја оживеа социјалистичката фантазија во САД, онаа што сега мора да почека да се реализира како социјална политика и посветеност кон јавноста во оваа земја. За жал, во време на пандемија, никој од нас не може да чека. Идеалот сега мора да се одржува во живот во социјалните движења кои помалку се вклопуваат во претседателската кампања отколку од долготрајната борба што претстои пред нас. Овие храбри и сочувствителни визии, исмејувани и отфрлени од капиталистичките „реалисти“ имаа доволно време во етерот, бараа доволно внимание за да зголемениот број на луѓе – некои за прв пат – да посакаат променет свет.

Се надевам дека можеме да ја одржиме оваа желба во живот.

Слики: Nate Kitch

Извор: Verso

превод: Гала Насева за Медуза.мк