Да позајмиме пари од богатите штедачи и да ги претвориме во корона обврзници

06.04.2020 00:41
Да позајмиме пари од богатите штедачи и да ги претвориме во корона обврзници

Владата претстави втор, засилен пакет марки за помош на економијата кој, иако сѐ уште се чекаат прописите за спроведување наиде речиси на единствена поддршка од работодавачите. Сепак, некои прашања сѐ уште се влечат, првенствено она за изворот на финансирањето на тие мерки.

На тоа укажува и социоекономистот д-р Тони Пруг, кој за Слободна Далмација го изнесе своето гледиште за ситуацијата и даде неколку предлози за финансирање на владините мерки. Ова е неговата анализа:

Заради нужните мерки во борбата со вирусот соочени сме со редок облик на криза на страната на понудата и побарувачката со уникатно глобален карактер. Првите два бранови владини економски мерки се добредојдени, особено зашто првиот бран беше спроведен брзо, додека вториот со значајно поопсежна помош за економските актери пристигнува деновиве. Спасувањето на ликвидноста е клучно за најширокиот слој на населението, иницијалните мерки го адресираат тоа. Дупките во тековите на ликвидноста сепак остануваат големи, првенствено зашто огромен дел од приходите на населението не е пријавен.

Проценките во разни студии варираат, но ако скандинавските земји се на околу 15 проценти од БДП кои ѝ припаѓаат на сивата економија, податокот од 30 проценти кој го наоѓаме во некои студии за Хрватска изгледа можен. Затоа ликвиднста на значаен дел од работниците на кои сивата економија им е единствен извор на приходи не е адресирана со постоечките мерки. Универзалниот приход би го опфатил тој дел од населението, но неговото воведување би било далеку поскапо, а и покомплексно зашто не постои систем преку кој можат да се насочат таквите мерки.

Исто така, бидејќи втор клучен приоритет е одржувањето на фирмите, насочувањето на ликвидноста според нив извршува двојна задача: преку гарантираните приходи се обезбедува продолжување на формалната вработеност и побарувачката, додека на фирмите кои можат да продолжат да работат за време на карантинот им се дава шанса да продолжат со работа.

Големо прашање е изворот за финансирање на владините мерки. Стандардно решение би било преку јавно задолжување како нова емисија државни обврзници и преку централната банка која преку обврзници го стабилизира пазарот во кризи. ХНБ (Хрватска народна банка) во март веќе повлече низа потези во таа насока и воведе дополнителни мерки за да им овозможи подобра ликвидност на банките со надеж дека истата ќе го најде патот до фирмите и населението.

Иако двете мерки се разбирливи, особено првата зашто ги одмрзнува пазарите и го спречува скокот на каматите на задолжување, вториот дел во кризата од 2008 година не се покажа како доволно ефикасен. Банките тогаш доминантно користеа дополнителна ликвидност за да ги поправат своите биланси, а пласманот на ликвидноста не им беше приоритет. Заради лекцијата од 2008 година и уникатниот карактер на кризата, не зачудува тоа што последниве недели од перата на елитната економска струка може да се читаат текстови во кои се нагласува дека ќе мора да се разгледуваат сите можни никогаш претходно пробани мерки на државни интервенции.

Има неколку можни извори од кои ликвидноста би можела да се пренасочи кон оние на кои им е најпотребна. Првиот голем извор кој ѝ е достапен на Владата е вториот пензиски столб кој би можел да се укине со што би се запрел непродуктивниот тек на ликвидноста во финансискиот сектор. Тој столб спротивно на очекувањата не донесува поголеми камати на вложеното. Со неговото исклучително негативно влијание на хрватската економија се занимаваше професорот Жељко Гарача. Втор, не толку голем можен извор се приходите во јавниот сектор над некое договорено ниво и сите текови на јавната ликвидност кои во ваков момент може да се сметаат за општествен луксуз.

Освен таквите очигледни извори со кои државата управува директно, би требало да се отвори дискусија и за изворите на ликвидноста кои во вакви вонредни околности би можеле да се сметаат како одредени форми на вишоци чија структура би можела да се промени. Се работи за високите приходи во приватниот сектор и заштедите на фирмите и граѓаните. Во двата случаи изворите се приватни.

Но гледаме дека ширум светот во денешниот контекст на борба против кризата лошо искористените приватни ресурси привремено се одземаат со државно управување. На пример, Шпанија и Ирска привремено го преземаа управувањето со расположливите ресурси во приватните болници, Италија направи нешто слично, но без сеопфатни мерки на државно ниво. Во неколку градови како Прага, Париз, Барселона и Лондон, почнаа да се користат некои хотели, хостели и Airbnb капацитети за бездомниците. Очекувано е дека ќе има сѐ повеќе примери за користење на приватните ресурси.

Според податоците на ХНБ од 2019 година, на сметките на банките се депонирани над 200 милијарди куни од заштеди, додека помалку од два проценти на штедачите, околу 51 000 луѓе, располагаат со 75 милијарди, значи со околу 1,5 милиони куни депозити во просек. Државата во соработка со ХНБ би можела да понуди модел за провремено претворање на еден помал дел од заштедите на најбогатите штедачи во посебен вид државни обврзници под одредени услови, ако на пример штедачот има приходи и не зависи од трошењето или користењето на штедењето за живот.

Со замена за посебни обврзници средствата на мал дел од населението кое поседува големи вишоци во форма на депонирано штедење би се претвориле во стриктно наменска ликвидност. Со слични алати можеби би можело привремено да се пренасочат делови од големите приходи од приватниот сектор на начин со кој над одредено ниво остатокот од платата ќе се исплатува со вакви обврзници. Во двата случаи иницијално изворот на финансирање останува во рамки на Хрватска, што може да биде пресудно за поповолни услови за монетизација на новосоздадените јавни дефицити.

На тој начин програмите кои во моментов ги воведува државата би можела полесно и по потреба подолго да ги финансира, без изложувања на моментално екстремно нестабилните и непредвидливи меѓународни пазари на ликвидност. И покрај разликите помеѓу пазарните операции и државните интервенции во структурата на финансискиот имот, практиката населението да биде сопственик на државни обврзници не е нова, во САД на пример во 2018 година речиси половина од новопонудените обврзници ги откупи населението, додека генерално во најразвиените земји таа форма на сопственост на јавниот долг е присутна во помала мера.

Големо прашање е како ваквата форма на финансиски алат легално да се дефинира во постоечките ЕУ и меѓународни законски рамки. Но бидејќи станува збор за криза која е невидена според карактерот а можеби и според влијанието врз економијата и општеството во целина, за вакви и слични идеи надвор од постоечките рамки и практики вреди да се размисли.

Соработката со ХНБ би била клучна за анализирање и спроведување вакви и слични мерки. Не е незамисливо и тоа дека едно вакво решение би можело да биде само мост и привремен чекор и тие хартии од вредност подоцна да се заменат за ЕУ корона обврзници чие издавање веќе го побараа девет земји од ЕУ.

Занимавајќи се со прашањето колку и како на моменталните притисоци ќе им одолеат глобалните дистрибутивни ланци и Банката за меѓународни плаќања, се советува да се разгледаат нови решенија кои веќе не се насочени само кон финансискиот сектор, туку директно кон загрозените крајни корисници до кои ликвидноста тешко доаѓа преку банките. Дополнително значајно прашање е како ќе се соочат најпогодените од потенцијалната ненадејна и екстремна сиромаштија.

Ако мислиме дека сценариото за глад и немири е невозможно, на југот од Италија се појавија првите случаи во кои полицијата беше испратена да ги брани прехранбените продавници од луѓето кои земаат храна и не плаќаат зашто немаат ни храна ни пари. Со кризите секогаш особено се погодени најранливите како на пример бездомниците или пензионерите со ниски пензии. За нив се потребни посебни мерки, а за тоа се зборуваше премногу малку.

Најранливо е населението со нерегулиран статус како на пример мигрантите зашто немаат пристап до државните услуги и другите форми на помош, но Португалската влада тоа го реши доделувајќи им привремен статус на мигрантите како странски државјани и на тој начин го регулираше нивниот статус.

Илустрации: Charlie Roberts

Извор: https://slobodnadalmacija.hr

ОкоБоли главаВицФото