Др.Мирослав Радман: Лажни научници, циркусанти на власт, индустрија на глупоста и вирусот кој воопшто не е проблем

06.04.2020 16:12
Др.Мирослав Радман: Лажни научници, циркусанти на власт, индустрија на глупоста и вирусот кој воопшто не е проблем

Во разговор за хрватски „Спектар“, др. Мирослав Радман, познат биолог и член на хрватската, француската, европската и светската академија на науки и уметности, зборува за пандемијата на коронавирусот, одговорот на науката, како владите на богатите и на сиромашните држави се грижат за своите граѓани, што им забележува на хрватските власти и што би направил тој, ако некој го праша...

Дали во борбата против коронавирусот и покрај технолошкиот и секој друг напредок, науката ја покажа целата своја немоќ?

Да не претеруваме: не целата своја немоќ, таа уште има моќ! Тука нешто боде очи -постои силна негативна корелација помеѓу економската, научната, технолошката развиеност на државите и здравствениот и економскиот ефект на коронавирусот.

Она кон што моментално се цели е што поголем број тестирања за присутност на вирусот, поголем број места во болниците, опременост на болниците... сето тоа што го имаат Швајцарија, Америка, Германија, Британија или Франција, многу повеќе отколку што имаме ние, но состојбата им е полоша отколку во Африка.

Можеби проблемот е банален: едноставно корелација со густината на авионски летови, бројот на стари луѓе и слично, но тогаш требаше да ги одработиме тие сообраќајно – демографски корелации, за има помалку конфузија. И тогаш повторно напредните земји би требало полесно да излегуваат на крај со вирусот отколку сиромашните и неразвиените.

Како е можно барем засега, назадноста и сиромаштијата подобро се носат со проблемите на коронавирусот? Мене тоа ме копка, бидејќи значи дека нешто не чини во културата и нема смисла да се инвестира и понатаму. Можеби ова укажува на баналноста дека технологиите не размислуваат, туку треба здраворазумски да се размислува како да се употребат технологиите.

Сè ова ми се чини како бродот на нашата цивилизација да тргнал од пристаништето, а не знае каде оди: пазарот, не капетанот (зашто него изгледа го нема!), по пат ќе одлучува дали сме на добар пат!

Кога се гласа во светот, се гласа за циркуси и циркусанти, а не за проекти и одговорни и компетентни капетани. Не знаеме ни што ни се приоритети зашто никој сериозно не го поставува тоа прашање, па ако дојдеме во ситуација да имаме развиена наука и технологија, кои во голем дел ни се бескорисни, освен што сепак се продаваат како гаџети/игрици и така заработуваат пари (а тоа е доволно).

Мене ме копка и тоа што владее менталитетот „војна против болеста“, а не борба за здравје. Не сакам на никого да му солам памет, иако така ќе звучи, туку да сфатам за што се работи, зошто не сме посреќни во релативно изобилство.
Мислам дека сме дозволиле пазарот и технологиите да мислат наместо нас, што никако не можат затоа што немаат ниту мозок, ни душа, ни разум, ни етика. Тоа и онака веќе не е во мода. Ние сме тие кои мора да мислат со своја глава и да одлучат како да ги употребат технологиите.

На пазарот не му е грижаза нас затоа што тоа е базично хаотичен процес, кој брзо еволуира. Дали навистина сме одлучиле хаотичните процеси, врз кои не можеме да влијаеме, да го одредуваат нашиот живот и животот на нашите внуци?! За тоа се работи.

Се работи за тоа што слободно, демократски, практично сме ја делегирале (outsource, на англиски) својата судбина на често некомпетентни циркусанти (особено е така во „развиените“ земји). А политичката коректност притоа бара да бидеме „позитивни“ и задоволни.

Тука ситуацијата со коронавирусот ни стави прст во око. Веќе три децении ни големиот капитал (сè до Бил Гејтс), ниту државите не вложувале во дијагностика и вакцинација зашто тука нема големи финансиски приходи ако со терапијата. Не се чудам на етиката и мотивацијата на капиталот, но им се чудам на европските влади кои абдицираа пред банките и капиталот кои должат за сè.

Кога веќе ја споменавте Шавајцарија или Америка, таму најдоброто здравство беше резервирано исклучиво за најбогатите. Колку тој пристап се покажа погрешен сега кога оваа болест не избира, а лек сè уште нема?

Пари и живот? Изгледа дека само пред смртта сме еднакви. Да се потсетиме на еден податок од пред 30-тина години: според него, сиромашната Куба, изолирана од светот, имаше значително подолг животен просек на своите жители отколку Америка.

Во оваа аргументација ќе додадам уште еден податок: во последниот половина век, пресметав дека во светот отприлика неколу илјади милијарди (благородно) биле инвестирани во биомедицински истражувања за спречување и лечење на болести поврзани со стареењето (разни форми на рак, кардиоваскуларни и останати дегенеративни болести, како невроденеративните и дијабетисот). На тоа работеле милиони лекари, научници и техничари.

Освен хируршките технологии, резултатот е безначаен, ниту една значајна болест од неколку стотици болести кои предизвикуваат 90 отсто од смртноста во развиените земји ни денес не се излечиви. Дали и по половина век ќе одиме понатаму во насока на развивање на технологија што се покажа неплодно?

Како тоа само ретки се осмелуваат да ја дијагностицираат здравствената состојба на медицината и биомедицинските истражувања? Или како тоа мене, сега додека разговарам со вас, на памет ми паѓа автоцензурата „внимавај што зборуваш, Радмане, зашто нема да можеш ни пара да добиеш за своите истражувања, па макар бил и најдобриот на светот“.

Демократија и корпоративизам. Тоа ме нервира. Ако макар неволно сум решил јавно да настапам, тогаш минимумот на мојата лична етика е да бидам искрен, па дури и да се измамам за да го сочувам своето достоинство.

Дојдоа времиња кога пристојноста и трпението се спротивставени на етиката, зашто веќе гори под нозе, како сега со коронавирусот, па што и да е вистината во врска со него. Истата дилема ја има лекарот при непријатна дијагноза, на пр. гангрена кај болниот. Да биде пристоен и да му каже на човекот: „ма, не е тоа ништо, гледајте ја посветлата страна на животот“, или да му ја каже вистината?! Ние веќе влегуваме во самоцензура, еве јас, кој себе си се смета за слободен човек.

Се плашам дека сето ова мириса на тнр. еусоцијално општество, какви што се заедниците на мравките и пчелите, кои извонредно ги опишале Џорџ Орвел и Олдоус Хаксли. Да се трампи слободата за сигурност.

Вашата девиза е дека главно оружје во битката против коронавирусот ќе биде здравиот разум, а не технологијата. На кој негов дел мислевте и кај кого?

Здравиот разум кажува дека кај Ковид-от нема ниедна клинички новости. Ќе опишам површно како изгледа тоа, иако не сум лекар, туку само биолог. Имено, се работи за тоа што вирусот или бактеријата го напаѓа нашиот имунолошки систем и настанува вистинско бојно поле. Нашиот имунолошки систем ги убива или бактеријата или сопствените клетки кои го произведуваат вирусот.

Во случај на вирусна инфекција треба да се убијат сопствените клетки кои по почетната инфекција станале фабрики за вируси. Во таа борба настанува воспаление, тоа е бојно поле помеѓу имунитетот и вирусот каде настанува крш и лом, како во секоја војна. На тоа биолошко бојно поле остануваат големи лузни кои се викаат „фиброза“.

Во случајот на Ковид заради натрупувањето на оштетените протеини и трупови од мртвите клетки – некрози, лузните се во белите дробови, што доведува го губење на функцијата на белите дробови: размената на кислород и јаглерод диоксид многу ослабнува и настанува гушење.

Се поставува прашањето дали ќе се бориме против вирусот или против неговите последици кои всушност се причините за смрт. Слично беше и со бактериската туберкулоза и цела редица вируси. Да не се тестираше и да не се даде име, доесга немаше ни да биде забележано.

Во 2010 година, во Франција свинскиот грип, кој и самиот го прележав, зеде помеѓу 17 и 20 илјади животи, главно стари луѓе на југот на земјата, каде се во мнозинство и мирно и удобно живееја. Претпоставувам дека вие и други за тоа малку знаете , па и во Франција малку се зборуваше за ова.

Значи, нашиот проблем е стареењето, а Ковид-19 засега е негов мал детал. Денес има многу повеќе стари отколку пред 100 години. Тогаш, да се има 70 или 80 години било луксуз што значи дека ако не умреле од разни инфективни болести како деца, особено од туберкулоза, доживеале старост за да можат „фино“ да починат со некој рак или мозочен удар.

Всушност, станува збор за слабеење на организмот, дегенерација на животните функции заради што се појавуваат болестите и инфективните и неифенктивните.

Но коронавирусот според сите достапни податоци, не е исклучиво резервиран за постарата популација, туку ги напаѓа и помладите, луѓе во напон на сила, па дури и деца?

Коронавирусот дава вистински пример за инфективна болест поврзана со стареењето: младите полесно се заразуваат од старите, но немаат потешки последици, додека старите потешко се заразуваат, но последиците често се фатални.

Тогаш, според вас, што е решението?

Значи јас веднаш би инвестирал во добра исхрана, добро спиење, јакнење на сопствениот имун систем. Освен тоа, би требало да се размисли како да се “припитомат“ опасните бактерии и вируси, наместо постојано да се биде во војна со нив. Нашиот организам биолошки припитомил бројни бактерии и вируси, на пример, херпес симплекс. Мене не ме интересира болеста, ме интересира здравјето и како истражувач и како практиче човек.

Можеби и премногу филозофирам па ризикувам да испаднам глупав, но за тоа се работи: ова е криза на културата на разумот, паметта, мудроста и достоиноството. Ние и нашите влади премногу работи сме му препуштиле на пазарот и сме инвестирале во забава и глупости, па имаме и резултати. Наместо научниците, менаџерите ја презедоа контролата и ни продаваат „боза“.

Уште полошо, научниците масовно се претвораат во менаџери, често добри менаџери, но лоши научници, зашто така многу полесно ќе добијат пари за своите „проекти“. Преку мизерните плати на младите научници и лекари, општеството јасно порача: поважна ни е забавата отколку знаењето. Е па сега забавата нека ве спаси од коронавирусот!

Општеството со многу добри плати би требало да ги вакцинира против корупција способните и талентираните лекари и научници. Некој вид превентивна корупција...Смеам да се пошегувам, зарем не?

Што би ѝ советувале на Хрватска?

Да ми кажат дека цела Хрватска е мое семејство и што би направил за неа во време на коронавирус, јас би инвестирал во земјоделството во Славонија за да бидам подготвен за иднината, а особено да се заштитам од стампедото, што не се болните, туку гладните луѓе.

Од друга страна, луксузно би инвестирал во истражување на стареењето. Тоа е причина за сите болести што нè мачат и убиваат, вклучувајќи го и релативно бенигниот коронавирус во споредба со фаталноста на ракот и дегенеративните болести.

Дали оваа пандемија Хрватска ќе ја искористи за пресврт, за јакнење на своето автономно производство и вложување во науката?

Оваа Влада пријатно нè изненади со компетенцијата, сериозноста и лидерство од самиот почеток на кризата. Веројатно традицијата на Школата за јавно здравје „Др. Андрија Штампар“ одигра значајна улога. Се надевам дека ќе ја задржи својата специфичност и нема да ги следи научните менаџери кои ја водат играта во ЕУ.

Ние би можеле да ја искористиме оваа несреќна околност, која засега е повеќе психолошка во споредба со неколку видови грип, за да го намалиме обемот на администрацијата/менаџерството/бирократијата и бруто на националниот доход како мерка на назадноста на општеството.

Со тоа би направиле голема работа. Значи, би било подобро да има што повеќе производство, а што помалку паразитски непродуктивни активности. Експортирањето на производството кон исток е проблемот на Европа и на САД. Суштината е во продуктивноста и солидарноста т.е. во извонредноста и сигурноста. Тука не ни помага туѓата памет, зашто ја нема!

Живеете на релација Франција – Хрватска. Една соговорничка од Холандија, пред неколку денови, ми кажа дека во овој момент таа повеќе би сакала да е во Загреб, отколку во Амстердам со оглед на начинот како се носат со кризата таму. Дали и вие така мислите?

Да, и јас побегнав во Сплит од ЕУ глупоста! Уште подобро е сега да сте во Африка! Ако ништо друго, барем имаат искуство со епидемии. Купуваат на отворени пазари. На пример, се прашувам зошто во Сплит не ги пуштат луѓето самите во своите бротчиња да ловат на отворен простор, зошто е затворен пазарот на отворено со што луѓето се праќаат во супермаркетите да купуваат лоша увезена храна?!

Но, генерално ние навистина направивме помалку грешки отколку развиените држави, а би можеле и уште помалку.

Сепак заговаравте воведување на карантин и уште кажавте дека тоа е единствената рационална борба. Дали сте малку контрадикторен?

Имаме сè како за грип – заразна, пренослива болест, клинички ништо ново. Ништо не е подобро да се спречи заразата отколку со карантин. А потоа да се работи на истражување на начините да се спречи деструктивно воспаление, да се избегне да дојде до фиброза на белите дробови. Ако тоа може да се направи дури и во присуство на вирусот, па нека шета низ нас ако е тоа без последици.

Може ли науката да изненади и пред овој рок од 18 месеци да најде вакцина?

Најглупавото што може да го сторам е да се правам паметен и да предвидувам. Тоа нема да го направам зашто и примената на науката е непредвидлива, а не пак самите откритија...Се разбира дека во 2030 година ќе зборуваме дека во 2020 година ништо не сме знаеле.

Но, најголемиот капитал што треба да го добиеме од науката во кое било време е квалитетното размислување на научниците. Тие, како професионалци на критичкото и креативното размислување треба да бидат важен ресурс за општествата. Но, сите се претвораат во менаџери. Најважното е во процесот да не се изгуби здравиот разум на рибарите и селаните, кои преживеале токму заради својот разум и труд.

Оваа пандемија може да ја сфатиме како предизвик, да не си дозволиме депресија затоа што одеднаш ни опаднал квалитетот на животот. Ова е момент за Министерството за наука и образование, прилика за голема транзиција на науката и иновацијата во Хрватска.

Пари има, но со влегувањето на научниците менаџери во процесот на научната селекција на луѓе и проекти, исчезнаа критериумите за квалитет. Враќањето на критериуите не е комплицирано. Што сте направиле во својата кариера? Тука не мислам на згради, апаратури, пари, туку што сте откриле или иновирале во својата кариера?

Какви се кариерите на вашите ученици, младите луѓе на кои им бевте ментори? Критериумите за младите се потешки и неизвесни затоа што немале време да го покажат својот талент и знаење. Но на младите треба да се обложувате, како што некои се обложуваат на коњи. Такво е барем моето искуство.

Голема среќа ќе биде ако последица на оваа пандемија биде едно повисоко ниво на енергија во општеството за да се приближиме кон реалноста и покажеме повеќе почит за човечката биологија. Да се подготвиме за солидарност: подобро да им се помогне на другите, отколку да се зависи од другите зашто немаме.

За да се преживеат акутните тешки времиња, како ова сега и да се биде присутен кога ќе дојде некој подобар живот, добро е да се има резервни, „back-up” опции. Затоа да работиме првенствено на тоа солидарно да ги поседуваме своите сопствени витални ресурси: воздухот, водата и храната! Дури тогаш ќе имаме прилика да ја развиеме и сопствената памет: наука, образование, едукација, медицина и технолошки иновации за живот на долг рок.

Како биолог знам колку среќата, или барем отсуството на несреќата е важно за преживување, па и кога се однесува на коронавирусот. Животот го канибализира животот, животот се храни со животот на другите, растенија или животни, за да го гради својот живот.

Тоа не е убава приказна за деца, можеби треба поинаку да се раскаже. И општеството што го создаваме е организам што еволуира, составен од органи – институции, а ние стануваме нивни сè поанонимни клетки. Да се чуваме во природата и општеството на сеприсутните грабливци и паразити кои, неспособни за продуктивна работа, немаат други опции освен да се хранат со трудот и животот на другите.

Ова што го кажувам се нарекува паразитирање на паразитот, коронавирусот, како вовед за некои други приказни. Бидете здрави и весели!

Слики: Sara Gironi Carnevale

Извор: Slobodna Dalmacija